Загадувањето на воздухот во тетовско е причина се повеќе луѓе барем за викендите да ги поминуваат на планина. Се пешачи кон ридот Балтепе, на Попова Шапка или други делови од Шар Планина, а некои одат и на планинарските тури. Од планинарските клубови и друштва велат дека на нивните екскурзии дури и во зимски услови се пријавуваат сè повеќе заинтересирани.
Секој турист кога ќе дојде во нова земја, прашува кои ви се национални паркови кои се заштитени подрачја, каде можам да видам вистинска убавина. Ние знаеме дека на Шара тоа го имаме. Работата е како да го зачуваме.Фросина Пандурска Драмиќанин, Македонско еколошко друштво.
„Евидентно е дека има зголемен број на планинари, на луѓе кои сакаат да одат во планина. Гледам дека сега граѓаните се повеќе заинтересирани отколку минатите години кога истите овие тури, маршрути за одење во планина, сме ги организирале. Мислам дека причината сигурно е загадувањето во градот и луѓето гледаат секој момент да го искористат и да излезат на планина, знаејќи каква е ситуацијата долу во градот“, вели Борис Стојановски од планинарскиот клуб Јелак.
Шар Планина е место за да се избегне загадувањето во градот, но од друга страна познато е дека и самиот планински масив е во опасност од загрозување на природната средина. Поради тоа се очекува реализирање на иницијативата за прогласување на Шара за национален парк. Освен што значително ќе придонесе за зачувување на природната разноликост, прогласувањето за национален парк ќе значи и други општествени придобивки, смета Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.
„Секаде, не само во регионов, туку и во светов заштитените подрачја се многу позитивно оценети во однос на еко туризмот. Секој турист кога ќе дојде во нова земја, прашува кои ви се национални паркови кои се заштитени подрачја, каде можам да видам вистинска убавина. Ние знаеме дека на Шара тоа го имаме. Работата е како да го зачуваме. Имавме прилика да посетиме национални паркови во Европа и навистина е фрапантно, да видите како се работи за подрачја кои реално се неспоредливи со тоа што го имаме како биодиверзитет во Македонија“, истакнуваа таа.
Од Министерството за животна средина на една од трибините посветени на прогласувањето на Шара за национален парк посочија дека во изработка е студија за валоризација.