Неизвесноста за епилогот околу случајот на УКИМ е на чекор до разрешница и расчистување на многуте дилеми кои беа отворени со одлуката да се изградат барокни факултети а со која постоеја индиции за нарушување на автономијата на Универзитетот. До ваков исход дојде по иницирање на Професорскиот пленум на чие што барање е закажана итна седница на Сенатот, иако претходно ректорот беше дециден дека не е создадени услови за одржување вонредна седница. Од Професорскиот пленум очекуваат дека нема да се одржи итна седница која ќе биде во сенка на празниците и дека сенаторите ќе донесат решенија кои што ќе бидат објективни, а не раководени од нечии интереси.
Ако сега не се расчистат сите отворени прашање може да се случи во иднина некој да го проблематизира градењето и повторно двата факултета да станат без услови за работа.Маја Стевановиќ, Професорски пленум.
„Прво се надевам дека седницата нема да биде закажана во некое глува доба околу новогодишните и божиќните празници со оглед на тоа дека не беше фиксиран датумот. Очекувам на таа седница да се разговара врз основа на аргументи и секоја одлука што ќе се донесе да биде заснована врз аргументите што ќе бидат изложени, а не врз нечии интереси. Ако сега не се расчистат сите отворени прашање може да се случи во иднина некој да го проблематизира градењето и повторно двата факултета да станат без услови за работа“, изјави професор Маја Стевановиќ од Професорскиот пленум.
Студентите од итната седница на Сенатот очекуваат одговори на многу прашања кои беа засегнати во текот на целиот след на настани околу изградбата на факултетските згради на ФИНКИ и Факултетот за Физичка култура во универзитетскиот кампус заради кои преку ноќ беа исечени 50 дрвја.
„Седницата мора да се одржи во најмала рака за ректорот да објасни што точно се случува на нашиот Универзитет. Тој велеше дека Сенатот нема зошто да одлучува за градбите и дека Сенатот не е надлежен да одлучува за градбите, а вчера имаме сенатор односно професор од ФИНКИ кој рече дека Сенатот по оваа точка одлучувал. Почнуваат да даваат контрадикторни изјави кои повторно не ни се јасни“, изјави Демјан Хаџи Ангелковски од Студентскиот пленум.
Вчера 21 сенатор се потпишаа на барањето да се одржи итна седница, но вратите на Ректоратот на УКИМ останаа затворени за професорите од Пленумот. Тие беа спречени да влезат иако Ректоратот кој ги свикува и раководи со седниците на УКИМ бил информиран за нивното барање да присуствуваат, а и на самата седница не било изгласана одлука таа да биде од затворен карактер. Поради ова Професорскиот пленум реагира дека ректорот Велимир Стојковски го прекршил Статутот на УКИМ и бараат одговорност од ректорот за вчерашниот инцидент. Од Пленумот оценуваат дека ваквите тенденции секако бараат одговори од ректорот.
„Се надевам дека на итната седница што е закажана на барање на Пленумот околу расчистување на проблемите во врска со градењето на двете згради нема да се случи истата ситуација од вчера. Јас се надевам дека никој од нас не сака да го урива дигнитетот на институцијата, а исто така дека не сака да го урива дигнитетот на професорите“, вели професорката Стевановиќ.