Година растресена од „бомбите“, па смирувана во Пржино

Пуч, Бомби, Пржино, специјална обвинителка - се зборовите кои ја одбележаа 2015 година, и ќе бидат меѓу најспомнуваните и во овој наш преглед на најинтересните настани во годината зад нас.

Во периодот по новогодишните и другите јануарски празници, кога јавноста ја очекуваше долго најавуваната „бомба“ на опозицијата, премиерот Никола Груевски, според добро познатиот принцип „нападот е најдобра одбрана“, го обвини лидерот на СДСМ Зоран Заев дека со закани и уцени се обидува да издејствува оставка на владата, а МВР поднесе кривична пријава против Заев и уште три лица за „шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи“. Во рок од два месеца, рече Груевски, имал четири средби со Заев.

На овие средби господин Заев побара од мене итно формирање техничка влада и притоа ме информира дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од целиот државен врв.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

Пуч

„На овие средби господин Заев побара од мене итно формирање техничка влада и притоа ме информира дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од целиот државен врв, тргнувајќи од претседателот на државата, Парламентот, Владата, медиумите и други политички јавни лица од власта и од опозицијата“, изјави Груевски.

Политички „бомби“

Заев, пак, изјави дека кривичната пријава против него е само „дрзок и безобразен обид на власта да го спречи објавувањето на докази и аргументи“. Неколку дена потоа СДСМ донесе одлука да почне да ги објавува, како што тврдеа, доказите за корупција и криминал на власта. На 9 февруари беше објавена првата „бомба“. Заев на прес конференција објави дека над 20 илјади граѓани биле прислушувани, меѓу кои опозицијата, министри во владата, парламентарци, ДУИ, ДПА и обични граѓани.

„Секој ден добивале резимеа за својот политички противник. Секој разговор, сите планови, сета комуникација. Со државни пари и со целосно кршење на Уставот и сите закони. Вакво масовно прислушување можат да спроведат само домашни државни служби. Од сите што биле прислушувани, а се на значајни општествени позиции, нема само прислушувани разговори помеѓу Никола Груевски и Сашо Мијалков. Значи само нивните телефони не биле ставени во машината, освен кога зборувале со некој друг, па така ги има. Но, никогаш кога зборувале меѓу себе. Само ова доволно кажува кој снимал и прислушувал“, рече Заев.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев - Масовни прислушкувања во Македонија

Во наредните неколку месеци опозицијата објави повеќе од 30 „бомби“, а медиумите јавуваа дека може да се очекуваат 102. Слушнете неколку од објавените прислушувани разговори, во кои, како што тврди СДСМ, се слушаат гласовите на високи претставници на власта, новинари, уредници и сопственици на провладини медиуми, судии, обвинители...

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СДСМ: Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески 9

Машки глас: Горде, и да е подобро, ние додаваме, нон-стоп, толку многу трошоци и обврски да не постои нормална земја у светов, Америка да бевме па ќе, немаше да издржиме. Нема седница на Влада, нема седница на Економски совет, сега и тие комитетите ги креиравме, на секое од тие седници доаѓаат креативни идеи што да се прави. Патеки околу ова, патеки околу она, аква паркови... Не знам што праиме. Мислам, ние сме лудаци. Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално. Тоа треба да го разбереме дека е ненормално.

Женски глас: Идиотска е состојбава.

Машки глас: Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома, тоа праиме ние.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СДСМ: Сашо Мијалков и Драган Павловиќ Латас

Машки глас 1: И сега стварно сега со стотче у кеш го фатиле?

Машки глас 2: Да, ги фрлил парите 100.000. Пет-шест... десет парчиња по 10.000.

Машки глас 1: Оф, оф, оф.

Машки глас 2:„ Лежеше таму едно пола саат на стомак, врзан на лисици. Дојдоа новинари го испосликаа, лом го направија, вриштел: Сашо Мијалков ме намести и солзи течеле.

Машки глас 1: Леле, леле, леле.

Сечени, лепени, креирани материјали

Опозицијата објавуваше и обвинуваше за корупција, местење судии и обвинители, контрола врз медиуми, прикривање на убиства. Власта одвреме навреме демантираше, велејќи дека материјалите се сечени, лепени, креирани и оти зад нив стои странска разузнавачка служба.

„Некаде кон средината на 2014 година за овие материјали се информира и лицето Зоран Заев со цел да бидат објавени во јавноста и да биде исполнета одредена цел на тајната странска служба, која е нарачател и финансиер на оваа операција“, изјави премиерот Груевски кон крајот на февруари.

Сепак, три месеци подоцна, тој малку ретерираше, па рече дека странската служба, за која тврди дека стои зад прислушуваните разговори што ги објавува лидерот на опозицијата Зоран Заев, не доаѓа од најсилните западни земји – САД, Велика Британија, Франција и Германија.

„Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници. Јас не се согласувам со тоа“, истакна тој.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Груевски - Странски служби прислушувале во Македонија

Во февруари, италијанскиот амбасадор во Македонија Ернесто Белели во интервју за Радио Слободна Европа рече дека биле прислушувани и телефони на странски дипломати, за што бил информиран од лидерот на опозицијата.

Ние ги повикуваме сите страни да го решат овој проблем. Оние кои ги имаат материјалите треба целосно да ги откријат и сите се добро советувани да ја остават работата на процедурата согласно владеење на правото. И да се справат со тоа на адекватен начин, како што се очекува од земја со европска перспектива.
Јоханес Хан, евроамбасадор.

„Тој рече дека неколку телефони од дипломатскиот кор се прислушувани, јас немам доказ и не побарав доказ за тоа, но доколку е точно, се разбира тоа не е фер начин на играње со други земји“, рече Белели.

Веднаш по објавувањето на првите „бомби“ и екстремното подигнување на тензиите во земјата, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја посети Македонија и имаше средби со сите актери на политичката криза. За време на престојот тој во интервју за нашето радио побара расчистување на ситуацијата низ институциите.

„Ние ги повикуваме сите страни да го решат овој проблем. Оние кои ги имаат материјалите треба целосно да ги откријат и сите се добро советувани да ја остават работата на процедурата согласно владеење на правото. И да се справат со тоа на адекватен начин, како што се очекува од земја со европска перспектива“, рече Хан.

Тој тогаш сугерираше и формирање парламентарна комисија која би го истражила целиот случај. Меѓутоа, решавањето на проблемот не одеше така како што препорача Хан.

По „бомбите“ протести

За време на неколкумесечното објавување на „бомбите“, се организираа протести на кои се бараше оставка од власта. Револтот ескалираше откако беа објавени разговори во кои, според опозицијата, високи владини и полициски претставници се обиделе да го прикријат убиството на младиот Мартин Нешкоски, што се случи во јуни 2011 година, кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја прославуваше победата на парламентарните избори. Ова се некои од тоновите објавени на прес конференцијата на 5 мај.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СДСМ: Никола Груевски и Гордана Јанкулоска за убиството на Мартин Нешкоски

„Машки глас: Не, ти категорично кажи им тој не е член на обезбедувањето на премиерот...

Женски глас: Не јас секако, нема...

Машки глас: Тој работи во тигрите и тоа нема врска со обезбедувањето на премиерот, второ изведен е пред суд, веројатно до тогаш ќе има и притвор...“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СДСМ: Мартин Протоѓер и Гордана Јанкулоска за убиството на Мартин Нешкоски 2

„Машки глас: А, што е причината за убиството?

Женски глас: А бе, не е...види сеа, причината за убиството. Овој, преѓе шо ти кажав, дошол малиот у Дом на АРМ, сакал да влезе, овие го избуткале, пошто овој што е од Тигриве, од нивнава банда, бил таму. И после го видел уште еднаш на искачање, кога искачавме од АРМ и детево се сопнало и овој го скршил од мавање. Значи, нити бегал, нити не давал да му стават лисици.
Машки глас: Леее... “

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СДСМ: Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска за убиството на Мартин Нешкоски

„Машки глас: Е испада од ЕЗС припадник, му има удрено не сакајќи, незгодно и овој починал, што да правиш, тоа е.

Женски глас: Добро сега. Се случуваат и такви работи, тоа е тоа.
Машки глас: Се случува. Битно го расчистуваме.

Женски глас: А не бил на должност, така...овој?

Машки глас: Бил на должност, како не.

Женски глас: Бил, а?

Машки глас: Па бил на должност по усмена наредба, знаеш кога има такви настани обично се испраќаат да го обезбедуваат просторот. Не го обезбедувал Премиерот, туку просторот.

Женски глас: Да де да. Јавен ред и мир.“

Веднаш по пресот, пред владата почнаа да се собираат демонстранти, кои бараа оставки од одговорните. Дојде до жестоки судири меѓу неколкуте илјади демонстранти и полицијата, имаше десетици повредени полицајци и граѓани.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата

И во наредните денови беа организирани протести со барање оставки од Груевски и тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, а на 17 мај беше одржан голем митинг на кој претставници на опозицијата и на невладини организации им се обратија на неколкуте десетици илјади граѓани и побараа оставка од владата

„Со волја или без волја на Никола Груевски, тој ќе замине, мора да замине. Друго решение почитувани граѓаните за кризата која е во кумулативна фаза, нема“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

По митингот, пред владата беа монтирани шатори во кои, како што беше најавено, камперите ќе останат се додека владата поднесе оставка. Ден потоа се случи и митинг за поддршка на владата, а пред десетиците илјади насобрани, меѓу другите говореше Никола Груевски.

Антивладин камп на улицата пред владата

„Цврсто веруваа дека ќе нè скршат, дека ќе нè прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни воведи и наративи, дека ќе нè исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме, но вечерва го добиваат одговорот – Македонија не се предава, Македонија е силна. Им порачуваме нема повлекување, нема предавање“, рече Груевски.

По завршувањето на собирот, во паркот спроти Собранието, никна уште еден камп, во кој престојуваа поддржувачи на владата. Паралелното кампување траеше речиси два месеца, се до потпишувањето на договорот од Пржино.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Собир за поддршка на владата во центарот на Скопје

Договори од Пржино за излез од кризата

За време на политичката криза, неколку пати беа организирани т.н. лидерски средби, главно на иницијатива на меѓународни претставници. Почнаа кон крајот на март во Брисел, а потоа имаше уште неколку во Скопје, Брисел и една во Стразбур. По онаа одржана во средината на мај, кога, како и во најголем број случаи немаше конкретен напредок, Заев и Груевски рекоа:

Оставките треба да паднат, преодна влада треба да се случи.
Зоран Заев, СДСМ.

„Оставките треба да паднат, преодна влада треба да се случи. Колку пати досега сме преговарале и знаете кој е резултатот. Тоа е повеќе од јасно на целата наша јавност. После споделувањето на таа вистина, преку процесот Вистината за Македонија, јасно им е на сите како бел ден, меѓународната заедница е јасно поставена овде. Мислиме дека оваа мачнотија низ којашто поминува државата се решава со еден конкретен чекор. Но, да дадеме шанса и во понеделник да се видиме со присуство на меѓународните претставници, па да видиме што ќе се случи“, рече Заев.

„Народот одлучува кој ќе биде премиер и кој ќе биде на власт, а кој во опозиција.“

Оваа реченица Груевски ја изговори во повеќе наврати во текот на целата година. Прво конкретно придвижување имаше на 2 јуни, кога лидерите беа собрани во резиденцијата на ЕУ во скопската населба Пржино.

„Беше договорено дека до крајот на април следната година би требало да има предвремени избори, но важно е да се подготви земјата, да се прочисти избирачкиот список, да се промени изборниот законик, да се почитуваат правата на малцинствата и следно многу важно е да се прифатат препораките кои се дадени од Европската комисија во насока на независноста на судството“, рече Хан.

Тој тогаш најави дека деталите ќе бидат прецизирани идната недела во Брисел, но оптимизмот по постигнувањето на договорот траеше кратко. Имено, по целодневни преговори во европската престолнина, не беше постигната согласност за деталите од Пржино. Хан на Твитер кратко напиша дека е многу разочаран од „недостигот на одговорност и лидерство од некои“.

Следуваа уште неколку средби исполнети со мачни преговори, на помош во средината на јули дојде и високата американска дипломатка Викторија Нуланд, која рече дека силно го поддржува она што беше договорено на 2 јуни, и оти останале само неколку прашања да се завршат.

„Јас верувам, врз основа на консултациите кои ги имав денеска тука со сите политички лидери, меѓу кои и премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, дека постои политичка волја за решавање на проблемите. Што побрзо го направите тоа, толку побрзо може да се вратиме на стариот пат за решавање на проблемите на луѓето, односно да се вратите на растот на земјата, инвестициите и сè останато што Македонија и луѓето ќе ги направи силни и обединети. Тоа е она што САД го посакуваат за земјата“, рече Нуланд.

Нуланд со Заев.

Конечно, на 15 јули лидерите се согласија опозицијата да се врати во Парламентот, да се избере нова влада и да се одржат предвремени избори, опозицијата да назначи министри и заменици во неколку министерства, да се формира специјално обвинителство кое ќе биде надлежно за обвиненијата од опозицијата по објавените „бомби“ . Американскиот амбасадор Џес Бејли, кој беше присутен на речиси сите лидерски состаноци, тогаш изјави:

„Дозволете да кажам многу едноставно дека Македонија победи. Овој договор и неговата имплементација ќе бара работа во следните неколку месеци, но исполнувањето на одредбите од тој договор ќе значи дека Македонија силно ќе се придвижи кон НАТО и Европската унија. Сакам да ве уверам дека САД, и другите меѓународни партнери како ЕУ и ОБСЕ ќе бидат тука да ви помогнат, да им помогнат на сите вклучени во овој процес за напредокот на Македонија“, рече Бејли.

Претседателот Ѓорге Иванов, повикувајќи ја меѓународната заедница да го вреднува постигнувањето на овој договор, нагласи:

„Се надевам дека одредбите од постигнатиот договор нема да бидат мотив за гола борба за власт туку натпревар за идеи и програми со кои ќе се добива довербата на граѓаните на Република Македонија. Суштината на политичката борба не се лични суети и кариери туку битка за просперитетна и европска Македонија“, рече Иванов.

Меѓутоа, спротивно на надежите на Иванов, во наредните месеци бевме сведоци на беспоштедна борба за власт и непочитување на она што беше договорено, а за тоа, се разбира, секогаш беше виновен оној другиот. Странските амбасадори, пак, сметаа дека поголем проблем е однесувањето на владејачката партија. Некаде во октомври, по сериозно заострената ситуација предизвикана од неспроведувањето на договорот од Пржино, британскиот амбасадор Чарлс Гарет пред зградата на владата, во името на неколку колеги, даде изјава во која соопшти дека имале средба со раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Побаравме од ВМРО-ДПМНЕ да демонстрираат посветеност и да го спроведат договорот во конструктивен и итен начин и во добра волја. Веруваме дека спроведувањето на договорот од Пржино е најдобриот пат за излез од оваа политичка криза. Побаравме од премиерот Груевски да го охрабри својот тим да ги финализира нерешените прашања од договорот од Пржино“, рече Гарет.

Од позначајните одредби од договорот, до тогаш единствено беше испочитувано враќањето на опозицијата во парламентот, што се случи на 1 септември и изборот на Катица Јанева за специјална обвинителка. Меѓутоа, работата „запна“ кај комплетирањето на нејзиниот тим и кај овластувањата на министрите и замениците кои требаше да ги предложи опозицијата. По многу преговори, меѓусебни обвинувања, странски притисоци, како и фактот дека се приближува терминот за објавување на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, конечно на 5 ноември беше постигната согласност за сите спорни прашања. И Заев и Груевски рекоа дека се среќни и задоволни поради договорот.

Условена препорака од Брисел

А неколку дена потоа, во Брисел беше објавен извештајот. Препораката за почеток на преговорите за влез во ЕУ останува, но таа овој пат е условена, соопшти еврокомесарот Хан.

„Комисијата е подготвена да ја продолжи препораката за отворање на пристапните преговори за Македонија. Но тоа ќе биде условено со продолжувањето на спроведувањето на политичкиот договор од јуни/јули и оддржливиот напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Прашањето ќе биде повторно адресирано по изборите напролет“, рече Хан.

Реакцијата на премиерот Груевски по објавениот извештај беше реченицата што ја спомнавме претходно, во која главната улога ја има народот.

„Оценката, односно извештајот на народот ќе дојде на наредните избори и тука се ќе биде јасно и на секому ќе му биде јасно дека народот е тој што во оваа држава одлучува“, рече Груевски.

Оценка за извештајот даде и претседателот Иванов, во своето годишно обраќање во парламентот.

„Извештајот на ЕУ е објективен. Неодговорното однесување на политичките партии се одрази и врз евроинтеграциските процеси. Наместо извештај за напредок, добивме извештај за стагнирање“, рече претседателот Иванов.

Мигрантска криза

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мигрантите им го блокираат влезот на бегалците

Некако во сенка на настаните што ги спомнавме досега, останаа и неколку крупни настани и процеси што се случија и се уште се актуелни. Кризата со бегалците и мигрантите од Сирија и други земји од тој регион, кои во огромен број од неколку стотици илјади минаа низ Македонија, во повеќе наврати сериозно ја загрозуваше безбедносната состојба во земјава. Некои аналитичари предупредуваа дека во огромниот бран бегалци можно е инфилтрирање и на разни екстремисти и терористи кои би ја искористиле ситуацијата за да се префрлат во европските земји.

Ваквите тврдења особено дојдоа до израз по случувањата во кумановско Диво Насеље во мај, кога во судирите меѓу полицијата и вооружени лица загинаа 8 полицајци и 10 припадници на вооружената група. Власта тогаш соопшти дека станува збор за терористи чија цел била дестабилизација на државата и оти во нивните редови имало и луѓе кои се повратници од боиштата во Сирија. Во неколку подоцнежни акции беа уапсени 29 лица, против кои во декември беше покренато обвинение за тероризам и терористичко организирање. Случајно или не, неколку дена по случувањата во Диво Насеље, оставки поднесоа министерката Гордана Јанкулоска и шефот на УБК ашо Мијалков. Според некои, до оставките сепак доаѓа поради тоа што во „бомбите“ на СДСМ овие двајца беа едни од најекспонираните, а како поткрепа на овие тврдења беше и истовремената оставка на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој исто така беше чест „гостин“ во „бомбите“.

Планини меѓу Македонија и Грција за името

Кратко ќе го спомнеме и проблемот кој во минатите години заземаше многу повеќе простор во ваквите прегледи, односно спорот со Грција за името. Најдобра илустрација за тоа што се случува на ова поле е изјавата на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски за време на неодамнешната посета на Атина.

„Позициите на двете влади во двете земји се јавно познати и мораме да констатираме дека тие се далеку една од друга. Поради тоа соодветствува фактот дека имаме планини да надминеме околу овој спор“, изјави Попоски.