Анкетна комисија за да не се реши проблемот

Седница на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето.

Ад хок собраниските комисиите не се делотворни и ефикасни во вршењето на контролната функција врз извршната власт, се покажало досега. Анкетните не си ја вршат работата поради опструкции, а служат и за политички маркетинг.

Меѓусебни навредувања, паузи и неможност за нормално функционирање е атмосферата во која работи Aнкетната комисија за прислушувањето формирана според Договорот од Пржино. Сега пак ВМРО-ДПМНЕ предлага уште една, нова за скандалот поврзан со т.н. Фабрика за афери. Додека не се знае дали воопшто ќе има некакво расчистување на прислушувањето, владејачката партија бара евентуалното новоформирано собраниско тело да расчистело дали има политичка одговорност и кај функционерите од СДСМ за аферата со лажните лични карти.

Обично кога сакаат партиите да извлечат некој интерес кој оди во прилог на партијата и е обичен политички маркетинг секогаш инсистираат да се формираат такви комисии иако однапред се знае дека тие слабо даваат резултати.
Исмет Рамадани, поранешен пратеник.

Поранешни пратеници коментираат дека од ваквите ад хок анкетни комисии кај нас нема резултати, оти проблемот бил во сфаќањето на демократијата.

Според поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски и досега се покажало дека комисиите не се делотворни и ефикасни во вршењето на контролната функција врз извршната власт.

„Ние немаме пратеник што во името на граѓаните ќе ја врши функцијата туку во името на партијата. Сите овие години, освен првите две на македонскиот парламентаризам, само тогаш имавме вистинска парламентарна демократија, а после тоа имаме само партократија“, вели Петковски.

И Исмет Рамадани, поранешен пратеник сега претседател на Евроатланскиот совет на Македонија, нагласува дека во Македонија не се памети успешно завршена работа на ад-хок комисија најмногу поради опструкции. Тој смета дека за нивното формирање партиите имаат други цели.

„Обично кога сакаат партиите да извлечат некој интерес кој оди во прилог на партијата и е обичен политички маркетинг секогаш инсистираат да се формираат такви комисии иако однапред се знае дека тие слабо даваат резултати“, вели Рамадани.

Анкетна комисија беше формирана и за случувањата на 24 декември 2012 година кога опозицијата беше исфрлена од парламентот, но потоа владејачката партија рече дека извештајот го сметала за палома хартија. Сегашната комисија за прислушувањето пак со која раководи СДСМ, а мнозинството членови се од ВМРО ДПМНЕ е формирана согласно договорот од 2 јуни во кој се предвидуваше и првиот нејзин извештај да биде подготвен во ноември 2015 година, рок што поради доцнењето на формирањето е поместен за јануари.

„Според мене основниот проблем е што мнозинството членови на анкетната комисија сепак припаѓаат на парламентарното мнозинство. Во земји со поразвиена демократија кај што има и поразвиена парламентарна и политичка култура таму мнозинството членови се од редот на пратениците на опозицијата за да може барем да се оствари таа контрола врз носителите на јавни функции“, вели Петковски.

Инаку според деловникот цел на комисијата е да ја утврди хронологијата на настаните и околностите во врска со прислушување, да дефинира политичка одговорност поврзана со него и содржината на објавените материјали и да изготви препораки за да се превенираат незаконското следење на комуникациите и зголемување на транспаретноста на државните и владини институции.