Новиот закон за извршување предвидува задолжително предупредување пред да се блокира сметката на должникот, а ќе важи само за физички лица. Претседателот на Комората на извршители Зоран Петрески вели дека досега граѓаните најмногу реагирале на тоа дека не се предупредени.
Честопати во канцелариите на извршителите доаѓале луѓе со блокирани сметки кои воопшто не биле известени дека се должни.Зоран Петрески, претседател на Комората на извршители.
„Честопати во канцелариите на извршителите доаѓале луѓе со блокирани сметки кои воопшто не биле известени дека се должни. На овој начин ние ќе испраќаме предупредување до нив и убедени сме дека тоа ќе функционира, бидејќи нашата достава е сигурна и таа нема да биде на товар на граѓаните. Извршителот ќе биде должен да го извести должникот и да побара до него во рок од три дена да ги достави сите податоци што се неопходни за постапката за извршување.“
Со полесниот начин на прибирање на податоци за должниците ќе се скрати времето и ќе се намалат трошоците, затоа што претходната постапка подразбираше дека ние самите ги обезбедувавме овие податоци кои честопати чинеа и тоа многу, вели Петрески.
Новиот закон предвидува наместо претседателот на судот да одлучува за приговорите, тоа да го прави друг судија, со што ќе се зголеми ефикасноста и ќе се скрати времето на донесување на решенијата по приговорите.
„Предвидено е жалбата да има суспензивно дејство, тоа во досегашниот закон го немаше и честопати се соочувавме со проблеми кога должникот изјавува жалба нашиот закон нè обврзува да постапуваме во одредени рокови коишто се пократки од роковите коишто се за поднесување, односно одговор на жалбата и тоа создаваше навистина немили ситуации и со новото решение сметаме дека тоа нема да се повторува.“
Досегашната пракса покажала дека постапката за извршување врз недвижностите трае долго, при што течат каматите, а долгот се зголемува. Предлогот законот предвидува скратување на роковите за проценка од 15 на 8 денови и наместо три јавни наддавања, ќе има две.
Се предвидува и вонсудска наплата на долговите, но само за комунални сметки.
„Засега огромен број граѓани, особено ранливите категории, беа најмногу погодени од судското решавање на овие долгови. Сега ќе се овозможи пред да бидат тужени да можат да ги платат своите долгови, со што во голема мера ќе се намалат тужените барања и ќе се избегнат дополнителните трошоци и за доверителите и за должниците“, рече Петрески.
Најавената политичка партија во формирање, „Левица“, неодамна реагираше дека се револтирани од злосторничкото здружување и грабеж на граѓаните, обременети со судски трошоци и камати за неплатени сметки за струја, вода и парно. „Левица“ побара да се стопира законот за извршни одлуки и враќање на извршителите во судските органи, а не да делуваат приватно.
„Во предаторскиот синџир на банките, доверителите, државата, судскиот систем, заедно со овие последниве во системот, извршителите, се случува еден геноциден феномен. Се случува тоа да еден човек кој има 9 или 10 илјади денари пензија, да мора да одвои една третина од пензијата секој месец, да даде за виртуелен долг, вели Ана Глигорова од „Левица“.
Постоечкиот Закон за извршување е донесен пред десет години, но со текот на годините се покажало дека има недостатоци и недоречености или пак се покажало дека некои работи не функционираат во пракса, а и поради промената на условите за работа се појавила потреба од носење на нов закон. На новиот закон се работеле во изминатите 2 години.
Во Македонија сега работат 99 извршители, но се поради намалениот обем на работа предвидено е нивниот број да се намали на 80. Новиот закон предвидува и извршителите да бидат тестирани на секои седум години.