Според новиот закон, Уставниот суд на Полска ќе мора да донесува одлуки со 13 од 15 судии, наместо досегашните девет и тоа со двотретинско, наместо обично мнозинство.
„Владеењето на правото е една од заедничките вредности врз кои се темели Европската унија“, се наведува во писмото на потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс до полските власти во кое се додава дека Унијата и придава големо значење на ситуацијата во која се доведува во прашање овој важен принцип.
Поради овој закон, но и партизацијата на државната управа, како и плановите јавниот радио-телевизиски сервис и новинската агенција ПАП да станат институции на културата со мисија за ширење на патриотизмот и историската вистина за Полјаците, Варшава деновиве беше критикувана и од претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, како и од шефот на дипломатијата на Луксембург, земја која претседава со Унијата, Жан Аселборн.
Нападот врз Уставниот суд може да доведе до ситуација кога не постои заштита на демократијата. Полската држава ќе биде во опасност на диктатура на мнозинството, што е наједноставен начин да се дојде до обична диктатура.Матеуш Киџовски, организатор на демонстрациите во Варшава.
Овој закон беше осуден и од поранешниот претседател на Полска, добитникот на Нобеловата награда за мир Лех Валенса.
„Се уште не можеме да кажеме дека во Полска владее диктатура, но се оди во тој правец. Ќе го решиме и тоа, но зошто со таква лекција“, изјави некогашниот легендарен лидер на отпорот на Полјаците против комунистичкиот режим.
Деновиве во Полска имаше и неколку протести против новата конзервативна влада со барање да не ја нарушува демократијата во земјата.
Се демонстрираше во дваесетина градови, а во Варшава се собраа неколку десетици илјади луѓе.
„Нападот врз Уставниот суд може да доведе до ситуација кога не постои заштита на демократијата. Полската држава ќе биде во опасност на диктатура на мнозинството, што е наједноставен начин да се дојде до обична диктатура“, изјави организаторот на демонстрациите Матеуш Киџовски.
Критичарите велат дека владата, формирана од евро скептичната Партија на законот и правдата, го презела примерот на унгарскиот премиер Виктор Орбан во поткопувањето на демократските вредности.
Новоформираната конзервативна влада ги негира ваквите обвиненијата, наведувајќи дека сака да внесе реди да му обезбеди поголем авторитет на Уставниот суд.
Сепак, аналитичарите сметаат дека со стекнувањето контрола врз Уставниот суд, Партијата на законот и правдата ќе биде во состојба да ги спроведе своите планови меѓу кои е и реорганизација на системот за пензионирање.