Каков воздух се дише во Куманово?

Mерната станица со години не функционира, па кумановци не знаат каков воздух дишат и дали тој е загаден. Во градот нема индустрија, но има над 30 илјади патнички возила, а многу семејства се греат на дрва, јаглен и гуми. Од локалната самоуправа велат дека не се надлежни за одржување на мерната станица, туку тоа е работа на Министерството за животна средина.

Кумановци дишат почист воздух во однос на граѓаните во другите градови, особено во Скопје, меѓутоа непознато е каква е аерозагаденоста поради мерната станица која со години е нефункционална. Градот во кој повеќе од две децении индустријата или најголемите аерозагадувачи се уништени, сепак нема чист воздух, поради издувните гасови од над 30 илјади патнички возила, како и од чадот поради зголемениот број семејства кои во зимскиот период се затоплуваат со дрва, јаглен, па дури и со гуми и друг отпад. А Куманово не може да се пофали ниту со зеленило, за ублажување на загаденоста. Така во доцните попладневни и вечерни часови во градот се чувствува тежок мирис, а и маглата надвиснува особено на периферијата.

Мерната станица сместена во кругот на Општата болница во Куманово со години не работи и нема податоци дали и колку е загаден воздухот. Министерството за животна средина и просторно планирање секоја година го дава истиот одговор а тоа е дека е распишан тендер за набавка на нови резервни делови. Таков одговор добивме и минатата и годините пред тоа.
Филип Јаневиќ од ЛДП.

На ова реагираше Филип Јаневиќ од ЛДП, кој вели дека надлежните во Владата не се погрижиле да се стартира мерната страница, за граѓаните да знаат со што ги полнат белите дробови.

„Мерната станица сместена во кругот на Општата болница во Куманово со години не работи и нема податоци дали и колку е загаден воздухот. Министерството за животна средина и просторно планирање секоја година го дава истиот одговор а тоа е дека е распишан тендер за набавка на нови резервни делови. Таков одговор добивме и минатата и годините пред тоа.“

Според Јаневиќ и во Куманово мерната станица е поставена во период помеѓу 2003-та и 2006-та година, кога и во останатите градови во државава. Тој упати критики кон Владата која не најде за сходно да ги отстрани дефектите на постоечката мерна станица, или пак да постави нова.

„Сега во Куманово има регистрирно над 30 илјади патнички моторни возила, а поголем дел од граѓаните се затоплуваат на дрва поради вискоата цена на електричната енергија.“

Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека локалната самоуправа не е надлежна за одржување на мерната станица, но се надева дека ќе се реализираат ветувањата од министерот за животна средина Нурхан Изаири и за надминување на овој, но и на останатите проблеми.

„Можеби среќа во несреќа е што Куманово од најголем индустриски град станавме најголем загубар и поради тоа и најмалку загаден град. Кога ќе дојдат скопјаните велат дека тука се дише подобар воздух, така и самиот амбиент дава можност и без мерните инструменти да знаеме дека живееме во почиста животна средина.“

Иако министерот Изаири вели дека право на живот имаат сите, но не само во Куманово и во другите градови во државава има мерни станици кои поради недостаток на резервни делови не се во функција.

„Запознаен сум дека мерната станица не работи, но во најкусо време ќе се направи јавниот повик и ќе се стави во функција мерната станица.“

Без оглед дали знаат колкава е аерозагаденоста во Куманово граѓаните постојано коментираат дека дишат загаден воздух, а од друга страна за утеха им е споредбата со воздухот во Скопје, Велес или во некои други градови каде воздухот е многу повеќе загаден од дозволеното.