Премиерот Никола Груевски по денешното сведочење пред Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето изјави дека сите одговори до сега ги споделил со народот. Според него, вистината што ја бара Анкетната комисија народот ќе ја каже на изборите на 24 април.
Јас постапувам согласно деловникот за да може во една мирна атмосфера да одговорам на сите прашања. Оваа седница се снима, ќе има стенограми од таа седница и тие стенограми се валидни.Никола Груевски, премиер на македонската влада.
Претседателот на Комисијата, Петре Шилегов изјави дека јавноста била спречена да слушне што ќе каже Груевски. Тој нагласи дека комисијата била торпедирана од Груевски, а ниту прашањата ниту одговорите не биле класифицирани информации и немало потреба тој да бара седницата да биде затворена. Утре пред Анкетната комисија ќе сведочи поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Сведочењето на премиерот Никола Груевски по негово барање беше затворено за јавноста. Пред да влезе во просторијата каде што на сослушување го чекаа пратениците од опозицијата и власта, тој рече дека дошол да одговори на сите прашања за членовите да се соочеле со вистината.
Груевски кратко одговори на прашањето зошто побарал седницата да биде затворена.
„Јас постапувам согласно деловникот за да може во една мирна атмосфера да одговорам на сите прашања. Оваа седница се снима, ќе има стенограми од таа седница и тие стенограми се валидни“, рече Груевски.
Тој во собранието пристигна нешто по 12 часот, но чекаше повеќе од еден час, поради тоа што членовите на комисијата не можеа да се согласат како да се одвива седницата. Имено, откако Груевски претпладнево испратил писмено барање сведочењето да не биде јавно, што според деловникот, ако е по барање на сведокот, само се констатира без да се гласа за него, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа прво да се овозможат услови за тајност, а потоа да влезе премиерот. Претседателот на комисијата Петре Шилегов инсистираше тој прво да влезе, оти, како што рече, не можел да констатира да се затвори седница на празно столче, па потоа ќе обезбедел услови за работа. Но, по жолчната атмосфера по која беше побарана 15-минутна пауза, седницата се затвори за јавноста пред да влезе премерот во Уставната сала.
„Бидејќи е предвидливо сценариото СДСМ да се обвини дека нема да сака да работи оваа анкетна комисија, оставам на честа на сведокот зошто сака своето присуство да го сокрие од јавноста. Ќе постапиме по барањето на премиерот Никола Груевски којшто сака оваа седница и сослушувањето да биде надвор од очите на јавноста“, рече Шилегов.
Во дискусијата која претходеше на ваквата одлука пратениците се обвинуваа меѓусебе кој сака да работи комисијата, а кој не, кој го крши деловникот, а си реплицираа и за ставовите на нивните партиски лидери.
„Доколку имаме желба да имаме прашања и одговори на оваа анкетна комисија директно од премиерот Груевски, тогаш добро е да го почитуваме деловникот. Ако сакаме ова да биде политички театар, тогаш можеме да продолжиме, но ќе испадне дека не сакаме да има какви било прашања и одговори“, рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според деловникот за работата на комисијата, секој член од 18 кои ги има, има право да постави по три прашања по пет минути, а сведокот, во случајов Груевски има право на одговори во исто времетраење, односно 15 минути. Тоа значи дека денешното сослушување може да трае околу осум часа.