Според прогнозата на тројцата автори:
ТАА ќе се врати!
ТАА беше, Е, и ќе Биде!
Ние се бавиме со ликовна уметност. Денес сликата како класично платно и маслени бои е некоја форма која од време на време се појавува кај некои современи автори, па потем повторно се губи, така што таа својата функција во ова време ја има заменето со многу други медиуми и прашање е дали како таква може воопшто да опстои.Ангел Миов, уметник.
И потоа тие „ќе се обидат најсериозно да го најават повторното враќање на сцената на некои подзаборавени принципи и вредности, есенцијални, суштествени, ингениозни, крајно сериозни и во секој случај морални и материјални одговорности кои се уредени со закони објавени во службени весници и други средства за јавно информирање, вклучувајќи ги сите медиуми, електронски, телекомуникациски, мобилни и монтажни, демонтажни, тажни и весели, весели и разиграни, разиграни и играни филмови, и сите филмови со добар кадар, кадарен да си ја работи поштено својата работичка без да се срами и жали за малите плати, плати-клати, клати-сфати, сватот на еден пријател побара слика, он ќе ги купи боите, ти ако може да ја насликаш, јас знам тројца сликари што не играат на свадби ама ќе им нарачаме СЛИКА ИЛИ КАКО САКАШ?“
Ова, меѓу другото, како вовед во заедничката постановка „Слика или како сакаш“, ќе го забележат тројцата, генерациски блиски, ликовни собеседници и некогашни основачи на денес непостоечкиот „Арт-институт“, уметниците Ангел Миов, Борче Богоевски и Гоце Јанкуловски.
Нејзиното приопштување е планирано да се случува во периодот од 9 до 20 декември, во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а во експликацијата на идејата за ваквиот настап, Миов знае да каже дека самиот наслов е по малку „ироничен“ и „загонетен“. Дека произлегол од еден спонтан разговор меѓу нив, некогашните средношколци во Уметничко и другари од Академијата, денешни сликари и творци кои не сликаат слики, или не барем онаа класична форма која што се претпоставува дека треба да ја работи еден автор кој се декларира како сликар.
„Ние се бавиме со ликовна уметност. Денес сликата како класично платно и маслени бои е некоја форма која од време на време се појавува кај некои современи автори, па потем повторно се губи, така што таа својата функција во ова време ја има заменето со многу други медиуми и прашање е дали како таква може воопшто да опстои. Дали тој термин сè уште е соодветен да се користи како дел од еден современ автор“, вели Миов.
Во третината од каталогот за Миов, поднасловена како „Вистината е една а толкувачите лажат, затоа и имаат рогови“, Елена Тренчова пишува дека неговото дело е составено генерално од два сегмента: едниот се празните врамени платна, а другиот предмети (реди-мејд) кои се поставени пред и во нивна близина. Вели дека авторот преку поставените платна и редимејдите во просторот има тенденција да ги прикаже средствата за создавање на уметност, односно самиот процес за формирањето на една идеја, доведувајќи ги во еден миг дадените структури до естетски концепт. Всушност дека уметникот „идејата ја изнесува колку што може подиректно и појасно, но таа нуди можност за субјективните перцепции, создавајќи можност за различни интерпретации“. Дека тој „суптилно ја исплетува наративата за уметноста како одлука, процес, концепт, а не како краен продукт, т.е. завршено дело“.
Според Тренчова, како дел од оваа тријада на уметници, Борче Богоевски се претставува со својот објект (инсталација) Хетимасија, која како иконографски сегмент е преземена од канонското претставување на истата во рамките на црковното сликање. Составена од речиси истите компоненти како и канонизираната Хетимасија (а во која се вклучени подготвениот престол за второто Исусово доаѓање како дел од композицијата на Страшниот суд заедно со атрибутите од Исусовите страдања - крстот, копјето и сунѓерот, како и книгата, плаштот, светиот дух претставен како сфера над престолот), оваа симболична претстава на светото тројство е извлечена од дводимензионалниот иконичен ансамбл и материјализирана во моменталниот контекст, во еден строг и прецизно изработен манир, што на делото му дава сериозност во изложувањето.
А, уметникот, кој потенцира: „Во секое ново дело го одам истиот пат, а тоа е оној пат по кој вчера го здогледав хоризонтот“, говорејќи за заедничкиот настап истакнува дека станува збор за еден ненаметлив проект и за „прецизен творечки порив кај секого од нив тројцата“.
„Иако во визуелниот момент ние сме малку и различни, сепак кај сите во содржината на делата е забележлив еден јазик на едни есенцијални подзаборавени принципи и вредности“, вели Богоевски.
Гоце Јанкуловски, од своја страна, вели дека во делото зборува за спиралата. Спирала која се витка како крива околу својот фиксен центар чии точки континуирано се приближуваат или оддалечуваат од тој ист центар. Според него, спиралата е архетип, праслика на едно непрестано движење и растење нанадвор, експлозија и собирање внатре кон нејзиниот центар. Спиралата е конструкција на космосот и архитектура на нашата ДНК. Јанкуловски дополнува дека, без разгледување на нејзините математички својства и нејзините геометриски карактеристики, тој застанува зад симболиката на она припишано значење – спирала мираблис кое е вткаено во нас и кое зборува од нас кога ќе се соочиме со сликата на симболот – спирала.
„Ќе израснам повторно променет, но ист!“. Тоа би било како слободен превод на латинската „Eadem mutata resurgo“ - симболично воскреснување, преродување. Мултипликација на полигонот во непрекинато спирално движење и негово преродување во слични на него форми, полигоналната спирала, принципот според кој нештата во природата раснат. Логоритмичната спирала, чии апроксимации можат да се најдат во природата ги земам како основа за градење на делото. Повеќе спирали кои се вкрстуваат помеѓу себе со движење во спротивни насоки формираат розета – шишарка. Не ме интересира многу математичкиот концепт, односно геометриските правила и формулите кои произлегуваат од самата спирала, туку повеќе се задржувам на визуелното“, вели Јанкуловски.
Конечно, иако Миов, Богоевски и Јанкуловски сè уште не одлучиле дали и со кој концепт би оделе во натамошното претставување на „Слика или како сакаш“, не ја исклучуваат можноста изложбата да ја однесат во галериите во другите градови од земјава или во оние од регионот.