Странски инвестиции на грбот на народот

Податоците покажуваат дека досегашната политика на владата за привлекување странски инвестиции е погрешна и дека треба да се промени пристапот. Се покажа дека државната помош е пресудна за инвестирање.

Економистите упатуваат критики поради намалување на странските инвестиции за близу 40 милиони евра за периодот од јануари до септември годинава во споредба со истиот период лани, обвинувајќи ја владата дека игра нееднаква улога за странските и домашните бизнисмени. Овие податоци покажуваат дека досегашната политика на владата за привлекување странски инвестиции е погрешна и дека треба да се промени пристапот, коментира економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Кај одреден број инвеститори тоа навистина запали, бидејки помошта која во овој момент ја дава државата, која е тајна за граѓаните, се покажа како пресудна за инвестирање, но не на подолг рок, туку за периодот додека ги користат поволностите што им ги дава државата.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

„Пред бројките и боговите молчат. Не можете да барате зголемени инвестиции во држава каде судството е секогаш критикувано, а корупцијата е на високо ниво. Се покажа дека оние елементи со кои се фали владата со т.н Дуинг бизнис не се пресудни за привлекување странски инвестиции“, вели Најдовски.

Според него друг важен аспект на македонското привлекување странски инвестиции е да се прикажуваме како држава која има можност за одржлив економски развој, наместо да се бараат инвеститори врз основа на некоја моментална помош, како давање бесплатно земјиште, што не е пресудно во привлекување инвестиции.

„Кај одреден број инвеститори тоа навистина запали, бидејки помошта која во овој момент ја дава државата, која е тајна за граѓаните, се покажа како пресудна за инвестирање, но не на подолг рок, туку за периодот додека ги користат поволностите што им ги дава државата“, вели Најдовски.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски посочи дека привлекувањето странски инвеститори е неизвесно, оценувајќи дека состојбата на светскиот пазар е комплицирана. Според него влезот на странски инвестиции се одвива според сопствена динамика.

Тој појасни дека привлекувањето странски инвестиции треба да биде дополнителна активност на владата, а главната улога да биде добро делумно опкружување каде секој претприемач нема да размислува дали да ризикува и да вложи во бизнисот.

„Имаме нелогична ситуација кога домашните инвеститори се во понерамноправана положба. Но според мене главната работа е дека секогаш националната економија треба пред се да се ориентира на домашните инвеститори, а овие да бидат дополна на домашната акумулација“, вели Ивановски.

Деновиве Народната банка објави дека вредноста на странски директни инвестиции од јануари до септември годинава изнесува 116 милиони евра, за разлика од првите девет месеци лани кога вредноста изнесувала 154 милиони евра

Привлекувањето странски инвестиции е стратешки избор на Владата. Неодамна владата најави влез на нови инвестиции од Истокот од бизнис форумот во Пекинг. Но во меѓувреме некои од странските инвеститори си заминуваат од земјава. Стопирана е и инвестицијата на Веибо Груп во една од слободните зони. Но освен Веибо Груп и Џонсон Контролс одличи да си замине од земјава.