Kумановските велосипедисти клупски шампион на Македонија

Во Куманово особено последните години има се повеќе луѓе кои сакаат да се занимаваат со овој спорт. На момчињата годинава им се придружило и едно девојче кое се подготвува за натпревари.

Велосипедизмот е спорт на издржливоста, затоа за добри резултати неопходна е голема љубов и истрајност, велат кумановските велосипедисти од Клубот „Вело-М“, македонски шампиони. На десетина момчиња годинава им се придружило и едно девојче кое се подготвува за натпревари и влева надеж дека бројот на велосипедистки ќе се зголеми.

Ние сме единствениот велосипедски клуб во Македонија кој се натпреварува на меѓународна сцена, имаме рејтинг и на интернационален велосипедски клуб. Во Македонија само уште еднаш потврдивме дека сме најдобар клуб.
Марјан Петровски, тренер.

Денис Колевски, Никола Ѓукиќ и Стефан Петровски, национален шампион во Елит-друмски спортови, ракажуваат за спортот и за нивните резултати. Тие се на возраст од 17 до 24 години, а спортуваат, како што велат, половина од животот.

„Имам повеќе први места и победник на ранг листата и шампион на Македонија. Ова е најнапорен спорт, а од мал сум го сакал велосипедизмот“, вели Денис Колевски.

„Се додека имам мотивација, додека ме држи здравјето, планирам да се занимавам со овој спорт и да напредувам. Татко ми порано имаше тренирано овој спорт, кој ете и мене ми стана главна работа за која живеам. На прво место е љубовта, а со тоа оди натпреварувањето, има и лоши моменти како и во останатите спортови“, вели Никола Ѓукиќ.

„Во Куманово особено последните години има се повеќе луѓе кои сакаат да се занимаваат со овој спорт. Во натпреварувачкиот велосипедизам стои константната бројка, но има индиции таа да се зголемува. Велосипедизмот нема старосна граница, како што кажавме ќе возиме се додека не држи здравјето. Ние имаме член кој има 50 години, шести е на Европското првенство мастерс, Зоран Ристовски, кој сега има поголема желба да вози, отколку кога бил на 20 години, ние тренираме со него и ги следиме неговите постапки“, вели Стефан Петровски.

Тренерот Марјан Петровски вели дека не е лесно да се биде тренер на велосипедистите.

„Не е лесно да се штелува една форма на издржливоста кај спортистите. Треба пред се многу искуство,многу знаење и многу литература. За реализација на програмата, треба и финансии, оти без нив не може ниту една програма да се реализира. Ние како клуб програмата од 2015 година успеавме да ја реализираме во целост и остваривме висок резултат на македонскиот шампионат и на меѓународна сцена. Ние сме единствениот велосипедски клуб во Македонија кој се натпреварува на меѓународна сцена, имаме рејтинг и на интернационален велосипедски клуб. Во Македонија само уште еднаш потврдивме дека сме најдобар клуб во однос на другите, ја освоивме шампионската титула клупски и поединечно освоивме шампионски титули во сениори, јуниори, во мастерс и со тоа потврдивме дека на Куманово му дава епитет дека Куманово е велосипедски центар на Македонија.“

Општината Куманово преку Сојуз на спортови делумно го помага клубот за велосипедски трки, имаат донатори, со што успеваат да ја затворат финансиската конструкција за нивната програма, вели Петровски.

Градоначалникот Зоран Дамјановски кому велосипедистите му ги презентираа своите резултати, како благодарност за поддршката и надеж дека во иднина таа ќе се зголеми, вели дека вложувањето во индивидуалните спортови дава брзи резултати.

„Со една скромна поддршка од Сојузот на спортовите, кој располага со низок финансиски капацитет, за да можеме да ги опфатиме бројните активности на спортовите во Општината, како аналогија на фискалната моќ на Општината и жал ми е што вакви видни резултати на вакви ентузијасти луѓе кои дале голем придонос за профилирање на спортот во Куманово, не можеме поекстензивно финансиски да ги следиме. Меѓутоа, овие резултати ме чинат многу среќен и задоволен да можам да размислувам во иднина индивидуалниот спорт да биде носечка точка во нашата идна програма во однос на давање можност на вакви талентирани спортисти за ваков напредок.“

Сашо Петрушевски од општинскиот Сојуз на спортови рече дека успесите на велосипедистите ќе бидат поттик и за останатите спортисти да постигнуваат добри резултати. Тој додаде дека нема мали и големи спортови, а Сојузот и во иднина ќе продолжи да им дава помош на спортистите.