Актуелната влада ќе ја поднесе својата официјална оставка до Собранието во догледно време за да овозможи инаyгурација на новата влада на 15 јануари 2016 година. Според овие термини наведени во протоколот од Пржино оставката би требала да се случи некаде околу Нова година, но иако во документите имаше и други конкретни рокови работите постојано се одолговлекуваат.
Часовникот отчукува, ако може така да кажам, до 24 април следната година. Така што екстремно е важно да се постигне договор за медиумите кој ќе се однесува и на изборите догодина и на долгорочни решенија кои ќе гарантираат дека навистина медиумите ќе може да ја одиграат својата улога како што треба, во која било демократија.Ваутер Пломб, холандски амбасадор во Македонија.
Холандскиот амбасадор во Македонија Ваутер Пломб во интервјуто на Радио Слободна Европа што ќе го емитуваме в недела вели дека покрај тоа што до изборите во април треба да има еден еден вид преодна влада екстремно важен дел е поврзан и со медиумите.
„Па она што го дознав од медиумите, она што го прочитав и што го слушнав, се разбира, е дека самите медиуми се главното нешто во моментов и ако ги погледнете роковите, неколку рокови се веќе пропуштени, за жал. Часовникот отчукува, ако може така да кажам, до 24 април следната година. Така што екстремно е важно да се постигне договор за медиумите кој ќе се однесува и на изборите догодина и на долгорочни решенија кои ќе гарантираат дека навистина медиумите ќе може да ја одиграат својата улога како што треба, во која било демократија“, вели Пломб, според кој екстремно важен елемент е и гарантираната тајност на гласањето.
Сега преговорите за медиумите се во фаза во која не се знае кога се би завршило, особено по критиките на ВМРО-ДПМНЕ за предлогот на посредникот од Европската комисија Питер Ванхауте. Во меѓувреме остануваа и отворено прашањето за независните експерти во Државната изборна комисија а и нејзиното функционирање во новиот состав ако се земе предвид дека анкетната комисија за прислушуваните разговори постојано наидува на препреки во работата.
Според политикологот од Факултетот за општествени науки Митко Гаџовски одолговлекувањето на спроведувањето на договорот и оделе во прилог на владејачката партија оти како што вели на неа и одговарало што подолго да остане ситуацијата непроменета.
„Што се однесува до сите останати работи што претстојат сметам дека до роковите што се предвидени покрупниве работи како што е оставката на премиерот ќе се случат, меѓутоа овие детали кои што се многу битни за реализација на изборите мислам дека ќе се одолговлекуваат до последен момент и дека нема во целост да се реализираат затоа што сите работи што ги започнаа политичките партии се уште немаат очигледна имплементација“, вели Гаџовски.
Според него ако не се испочитуваат докрај сите работи предвидени во документите од Пржино тогаш може да се доведе во прашање и легитимноста на изборите закажани за пролетта идната година.