Достапни линкови

И со предлозите на Ванхауте далеку од идеални медиуми


Изјава за медиумите на Питер Ванхауте во Скопје.
Изјава за медиумите на Питер Ванхауте во Скопје.

Кратко е времето до изборите да се обезбеди независност на медиумите како што предлага меѓународната заедница. Предлозите на Ванхауте се добри и се чекор напред, но далеку од тоа дека ќе има идеална медиумска состојба, оти се покажало дека партиите го наоѓаат патот до главно место во медумите.

Итно е потребно да се направат измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски организации што ги предложи посредникот Питер Ванхауте, за медиумите независно да го следат изборниот процес, коментираат експертите. Сепак тие посочуваат дека многу е краток периодот до изборите за да се направи нешто во поглед на независноста на медиумите и нивното ослободување од партиските влијанија.

Очигледно е дека тој сака да го намали влијанието на државата врз медиумите, што е за поздравување. Меѓутоа јас не знам како тоа ќе биде дочекано од партиите, дали тие ќе се согласат со предлозите, бидејќи знаеме дека партиите сакаат тие да имаат главна улога и да влијаат врз медиумите.
Мирче Адамчевски, Комисија за жалби во Советот за етика во медиумите.

Снежана Трпевска од Македонскиот институт за медиуми вели дека не може да се каже дека самите одредби од законот ќе произведат независност. Тоа според неа е секојдневна борба за која сите од медиумската сфера треба јавно да говорат какво треба да биде регулаторното тело.

„Во секој случај тие предлози за кои слушнавме вчера се однесуваат на начинот на изборот на членовите на регулаторното тело во аудио – визуелната област, а знаеме дека од независноста на регулаторот многу зависи независноста на медиумите, бидејќи тоа му е основна функција на регулаторот, според законот. Ние и во постоечкиот закон од 2005 година, кога го правевме, се обидовме да направиме таков систем на номинирање на избор на членовите на регулаторното тело со цел да се избегнат политичките влијанија, меѓутоа, за жал, во реалноста политичките влијанија пак си го најдоа патот и партиите успеваа и преку овластените предлагачи да ги протнат своите кандидати“, вели Трпеска.

Предлогот на Ванхауте предвидува членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да се избираат со двотретинско мнозинство во Собранието, да бидат професионалци и експерти со поддршка од фелата. Во случај на прекршување од страна на некој медиум првата мерка да биде предупредување, а одземање на лиценца во случај на ригорозни прекршувања. На сличен начин да бидат бирани и членовите на Советот на МРТВ, а буџетот на јавниот сервис да биде еден процент од државниот буџет. Се предлага и намалување на данокот за комерцијалните телевизии од 18 на 5 отсто.

Во однос на предлогот за независен буџет на јавниот сервис, Трпевска вели дека тој може да помогне во обезбедување трајни и стабилни финансирање на МРТВ, а за другите предлози на Ванхауте вели дека се на линија на ставовите што ги застапува медиумската заедница за државното рекламирање, за политичкото рекламирање и т.н.

Претседателот на Комисијата за жалби во Советот за етика во медиумите, Мирче Адамчевски, вели дека измените на Ванхауте може да придонесат во зголемувањето на независноста на медиумите.

„Очигледно е дека тој сака да го намали влијанието на државата врз медиумите, што е за поздравување. Меѓутоа јас не знам како тоа ќе биде дочекано од партиите, дали тие ќе се согласат со предлозите, бидејќи знаеме дека партиите сакаат тие да имаат главна улога и да влијаат врз медиумите. Сега е се во рацете на партиите. Доколку тие се согласат мислам дека овие предлози ќе направат чекор напред, што не значи дека сега ќе имаме идеална состојба. И со тие предлози далеку сме од идеална состојба, но како почеток мислам дека се добри“, вели Адамчевски.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG