Бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан денеска влегуваат на македонска територија велат активисти кои помагаат на македонско-грчката граница.
Моментално кампот се полни со бегалци и ние гледаме да им излеземе во пресрет со храна и со облека бидејќи има доста потреба. Синоќа измрзнале чекајќи, бидејќи не можеа да поминат на македонска страна. Додека другиве мигрнати што се на забранета листа, на нив се уште не им е дозволен премин.Јасмин Реџепи, Легис.
„Моментално кампот се полни со бегалци и ние гледаме да им излеземе во пресрет со храна и со облека бидејќи има доста потреба. Синоќа измрзнале чекајќи, бидејќи не можеа да поминат на македонска страна. Додека другиве мигрнати што се на забранета листа, на нив се уште не им е дозволен премин“, вели Јасмин Реџепи од Легис.
Тој вели дека грчката полиција синоќа интервенирала за да може бегалците да влезат на македонска територија. Во моментов во прифатниот центар има неколку стотици бегалци, вели Реџепи.
Од другата страна на границата, е драматично велат активисти и новинари кои се во Идомени. Според нив стотици луѓе морале да спијат на земја синоќа, а бројот на бегалците е речиси двојно повеќе од капацитетот на кампот, кој е предвиден за 2.500 луѓе.
На Конференцијата на ОБСЕ во Белград вчера беше соопштено дека од следната недела на македонско-грчката граница да бидат распоредени припадници на Фронтекс (Европската агенција за управување со оперативна соработка на надворешните граници на ЕУ). Според договорот, Фронтекс треба да помогне во регистрацијата на бегалците и мигрантите.
На состанокот присуствуваше и министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој по состанокот на ОБСЕ изјави дека упатувањето на Фронтекс на границата е добар сигнал и ќе помогне во надминување на тензиите. Попоски се надева дека на тој начин ќе биде подобрена и соработката со грчките власти.
Одлуката да се распоредат сили на Фронтекст на границата е по барање на Грција. Во соопштението од Агенцијата се наведува дека што е можно побрзо ќе биде спроведена заедничка посета на терен од страна на грчките власти и Фронтекс со цел да се разработат техничките детали за распоредувањето.
„Од клучно значење е сите мигранти кои влегуваат во Европската унија да бидат соодветно регистрирани. Мигрантите на северната граница на Грција ќе бидат проверени и оние за кои ќе се утврди дека не се соодветно идентификувани, ќе бидат регистрирани“, изјави извршниот директор на Фронтекс Фабрис Легери.
Јасмин Реџепи од Легис вели дека Фронтекс повеќе треба да биде на грчка страна, да изврши влијание на грчката полиција за да не се случуваат инциденти меѓу двете граници. Тој додава дека начинот на регистрација што го бара ЕУ е посложен од тој кој се врши кај нас, па останува да се види како ќе го имплемнтираат на терен и на кој начин ќе се врши регистрацијата.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека во изминатите 24 часа издале потврди за намера за барање азил на вкупно 666 странски државјани, од кои најбројни се Сиријците, па потоа Авганистанци и Ирачани. Врз основа на претходните потврди вчера признавање на правото на азил побарале две полнолетни лица и шест деца кои го придружувале родителот.
Мобилните тимови на Црвениот крст на јужната граница укажале помош на 341 човек, а во Табановце на 379 луѓе. Тие поделиле вода, храна, пакети со хигиена, ќебиња на бегаците.