Магијата на вибрирањето на жиците на Скопје гитар фестивал 2015

Со атрактивна изведба на „Концерто Оп. 30“ од италијанскиот композитор Мауро Џулијани, аранжиран за класична гитара со придружба на гудачки квартет, што ќе ја сторат Борче Наумовски и ТРИО НУЕВО, овој петок, на 4 декември, во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар, во 19 часот, ќе започне второто издание на Скопје гитар фестивал, уникатниот тродневен настан кој преку својата жанровска разноликост и нагласена едукативност ја стимулира македонската музичка сцена.

Седум артисти од светот на класичната и четири бендови од популарната музика во рамките на концертната платформа и неколку предавања и инспиративни работилници во едукативниот дел, ја чинат програмата на годинашното, второ издание на Скопје гитар фестивал, манифестацијата што е предвидено да се одржи од 4 до 6 декември, во Младинскиот културен центар во Скопје, а чиј потписник како организатор е здружението на гитаристи „Бастет“.

Ние успеваме да отвориме јавна работилница на којашто посетителите од сите класи и од сите педагози ќе дојдат и ќе посетуваат излагање на некој друг едукатор. Значи, истата програма, истите информации, ќе можат да ги восприемаат и да стекнуваат знаења и вештини од друг професионален извор.
Љубомир Наќевски, здружение на гитаристи „Бастет“.

Тридневните случувања овојпат ќе започнат со атрактивна изведба на „Концерто Оп. 30“ од италијанскиот композитор Мауро Џулијани, аранжиран за класична гитара со придружба на гудачки квартет, на Борче Наумовски и ТРИО НУЕВО. Веднаш потоа, со изведба на класични дела од Бах, Дуарте и Лауро, ќе настапи Бекир Сејфула, а потоа и Љубомир Наќевски, кој во случајов со ТРИО НУЕВО, ќе ги донесе оригиналната изведба на познатиот концерт во Ре-мажор на Антонио Вивалди, популарното „Tango en skai“ и други дела на Роланд Диенс и Астор Пиацола, аранжирани за класична гитара и гудачки квартет.

Потем следува сетот на КАБАДАЈАС, бендот што го чинат искусните Џоле Максимовски – бас гитара, Дино Милосављевиќ на тапани и перкусии и Зоран Костадиновски на гитара. Нивната музика е жанровски слободен микс од традиционални мелодии и ритми кои излегуваат од границите на македонската звуковност, длабоко навлегувајќи на територија на џез фузија, фанк, драм енд бејс и даб ритми.

Конечно, првата фестивалска вечер ќе финишира со пеформансот на ФИРС, џез дружината којашто носи нова енергија на сцената и која неодамна го обелодени својот деби албум. Зад ова име од 2012 година наваму стојат гитаристот Горјан Стојменовски и Виктор Филиповски на тапани и перкусии, а актуелната постава ја чинат и Марко Василевски на бас, Борислав Веселинов на алт саксофон и Сенад Усеин на труба.

Вториот ден најнапред ќе ги понуди работилниците на професор Дарко Багевски и басистот Максимовски, потем ќе следува и аудицијата за концертот на „Следната генерација на СГФ“, по што публиката на првото звучно патување со концерт посветен на камерната музика за класична гитара ќе ја поведат Дејан Лазаревски и Виктор Пешчеров. Дуетот ќе изведува дела од јужноамериканските модерни композитори Пиацола, Кардосо, Абриу, Пујол, Переира и српскиот гитарист и некогашен професор на ФМУ - Воислав Ивановиќ.

По нив Јетмир Мехмеди ќе го претстави својот концептуален „Музички времеплов“, младиот гитарски виртуоз Стефан Волчевски ќе одржи солистички концерт со одбир на дела од класичната литература, за да ваквиот програмски блок биде заокружен со настапот на ФМУ ГИТАР КВАРТЕТ што го чинат ученици на професорите Багески, Ереш, Цветковски, Трајков и Кучи.

И, по една ваква звуковна прошетка, ќе следува експлозијата на МИНСТРЕЛС ГАЛЕРИ, необичниот македонски прогресив бенд формиран во 2013 година од Слободан Танасковски – вокал, флејта и клавијатури, Даме Јовановски – бас гитара, Кристијан Тодоров - тапани и Виктор Танасковски – гитара. Хард рок, келтски фолклор, средновековна и ренесансна музика, хеви метал, блуз, џез и психоделија се дел од оригиналниот репертоар на оваа дружина од трагачи по звуковни возбуди.

Третиот и последен ден на Скопје гитар фестивал, пак, го чинат работилница за индивидуална настава по гитара, презентација на гитари од До Ре Ми – Јамаха и настапите на „Следната генерација“ и лани формираниот СГФ ЏЕЗ КВАРТЕТ, зад кој со својот изведувачки габарит и имагинација стојат докажаните инструменталисти и педагози Јанко Пенов и Владимир Чадиковски на гитари, контрабасистот Мартин Јосифовски и Јовица Георгиевски на тапани.

„Во текот на целата година активно се работи на програмата за развој на нашите ученици и нашите студенти, меѓутоа на Скопје гитар фестивал, во овие три дена, преку концертите и предавањата, ние успеваме да отвориме јавна работилница на којашто посетителите од сите класи и од сите педагози ќе дојдат и ќе посетуваат излагање на некој друг едукатор. Значи, истата програма, истите информации, ќе можат да ги восприемаат и да стекнуваат знаења и вештини од друг професионален извор“, вели Љубомир Наќевски, од здружението „Бастет“.

Тој дополнува дека со ова второ издание на манифестацијата ќе биде завршен процесот на вмрежување на младите и перспективни инструменталисти и дека и натаму ќе живеат со идејата Скопје гитар фестивал, како случување со национален предзнак, во перспектива да добие меѓународен карактер.