Достапни линкови

Амира - Босанската Били Холидеј на Охридско лето


Некако во медиумска сенка на инструменталистите како Стефан Миленковиќ или Един Карамазов, музичари кои по неколкупати со различни проекти сме ги виделе и чуле на Охридско лето, на најголемата летна културна манифестација во земјава доаѓа пејачката на севдалинки од поновата генерација Амира Медуњанин. Босанската „Били Холидеј“, како што ја нарекува познатиот новинар Гарт Картврајт, ќе одржи концерт в понеделник, на 3 август, во 21 часот, во Предворјето на црквата Света Софија, а ќе ја придружуваат контрабасистот Звонимир Шестак и гитаристот и композитор Анте Гело.

Амира Медуњанин е пејачка. Една од оние кои што се раѓат на 100 години. Во нејзината татковина ја сметаат за мисионерка и за интерпретаторка која севдалинката ја воведе во 21 век. И, не само тоа, нејзиниот космополитски дух, нејзините преубави изведби на класиците од македонската, српската и балканската фолклорна традиција поминати низ една модерна и современа оркестрација каде се милуваат органското со џез и поп елементите, ја издигаат до една од големите ѕвезди на светската музика воопшто.

Честопати на концертите пуштам по некоја солза. Ми се чини дека имам проплакано два живота. Во последниве две години имавме многу концертни настапи и неколкупати се имам уплашено дали можеби ќе се јави некое заситување кај мене бидејќи на репертоарот имаме многу исти песни, иако ниеден настап досега не ни бил ист.
Амира Медуњанин, пејачка.

Впрочем, не случајно, со должно внимание и нималку не штедејќи на убавите зборови, рецензентите им се обраќаат на нејзините дискографски објави кои од поодамна ги публикуваат издавачките куќи како „Грамофон“, „Хармонија мунди“ или „Ворлд вилиџ“. Згора на тоа името на Амира можете да го сретнете и на плакатите на најпознатите фестивали на Балканот, во Европа, на сите меридијани од нашево Глобално село.

Од таму воопшто не треба да изненади квалитативот со кој Медуњанин беше почестена од новинарот Гарт Картврајт, кој во едно од своите писанија, тргнувајќи од нејзиниот специфичен и веќе изграден стил на интерпретација и вештината со која таа си поигрува во повеќевековната вокална традиција ставајќи ја во нова форма, ќе ја именува како босанската „Били Холидеј“.

Инаку, родена во Сараево, Амира Дедиќ севдалинките ги засакала слушајќи ја својата мајка. Затоа безмалку таа отсекогаш знаела дека тоа ќе биде и нејзиниот животен пат. Нејзиниот уметнички сон.

Откако во 2003 година била гостинка на албумот „A Secret Gate“ на легендарните МОСТАР СЕВДАХ РЕУНИОН, Амира две години подоцна го снима своето првенче „Rosa“ кое ќе биде објавено како издание на холандската „Connecting Cultures Records“. Објавата ќе ги воодушеви европските и пред сè британските музички критичари, а делото ќе биде вброено и во редот на оние за „албум на годината“.

Во 2009 година пејачката го потпишува изданието кое ги содржи снимките од нејзиниот величествен концерт во Босанскиот културен центар во Сараево во рамките на тамошниот џез фестивал.

Истата година, повторно за „Грамофон“, излегува веќе снимениот студиски албум „Zumra“ на кој е евидентно присуството на Мерима Кључ, врвна и меѓународно призната инструменталистка на хармоника. Ова остварување претставува иновативен пристап кон музичката традиција на Босна и Херцеговина, Србија и Македонија, вкрстувајќи го звукот на применетата хармоника со ововремените аранжмани на традиционалните мелодии, стихови и стилови на вокална интерпретација.

Интензитетот на потрагата ќе кулминира со обелоденувањето на „Amulette“ за „Ворлд вилиџ“ во 2011 година, каде Амира во пијанистот и продуцент Бојан Зулфирпашиќ ќе најде идеален музички собеседник кој ќе ја внесе на голема врата во водите на џезот. Но, тој не е и единствениот кој со својата изведба ќе го направи ова дело вонсериско. Тука се и нашиот Влатко Стефановски со својата гитара, хармоникашот Тим Бартон, басистот Ненад Василиќ и нам добро познатиот либански перкусионист и соработник на Александар Петров – Башар Калифе.

Конечно, во 2014, таа повторно со Бојан З. и Ненад Василиќ, со турските мајстори Хакан Гунџор на канон и Јурдал Токсан на ут и со други врвни музичари, го потпишува „Silk and Stone“, албумот на кој е забележана и нејзината величествена изведба на класичната „Што те нема“ од Алекса Шантиќ, за мнозина на рамниште на онаа на кант-авторката Јадранка Стојаковиќ од 1981 година.

И, кога сме веќе кај песните. Кај изведбите. Во едно од своите неодамнешни интервјуа Амира ќе рече:

„Честопати на концертите пуштам по некоја солза. Ми се чини дека имам проплакано два живота. Во последниве две години имавме многу концертни настапи и неколкупати се имам уплашено дали можеби ќе се јави некое заситување кај мене бидејќи на репертоарот имаме многу исти песни, иако ниеден настап досега не ни бил ист. Ниту еден единствен. Музицирањето, пеењето и интеракцијата со луѓето секојпат е поинаква. Тоа е некоја вселенска сила на тие напеви. Секоја од тие песни е совет како треба да се живее, како треба да се биде добар човек. Тоа е богатството на секој од тие бисери и според нив се обидувам да си го живеам животот.“

Инаку, Медуњанин во Охрид доаѓа по концертите во Барселона, Сплит и Шибеник, а потем патува во Дубровник, во Норвешка, Германија, Швајцарија, Франција, а на турнејата ја придружуваат хрватските музичари - контрабасистот Звонимир Шестак и гитаристот и композитор Анте Гело.

Звонимир Шестак своите студии по џез-контрабас ги започнува на највисоката образовна институција за музика и глума „Државниот конзерваториум Карнтнер“ во Австрија, а ги продолжува на Универзитетот за музика и уметности во Грац. Во моментов е на крајот од своите постдипломски студии. Во текот на својата кариера соработувал со голем број истакнати музичари, како Тамара Обровац, Матија Дедиќ, Дебора Картер, Џо Капловиц, Карен Асатриан, Масимо Савиќ, Натали Диздар и други. Настапувал на некои од најзначајните џез-фестивали во светот. Во 2013 година ја добива наградата „Статус“ („Status“) што ја доделува Хрватското здружение на музичари, за најдобар изведувач на џез-контрабас и на електрична бас-гитара.

Анте Гело е хрватски гитарист, композитор и аранжер. Дипломирал на Универзитетот за музика и сценски уметности во Грац, а подоцна запишува и постдипломски студии на одделот по композиција и аранжирање на истиот универзитет. Во текот на својата кариера настапил на голем број џез-фестивали во Хрватска, а имал можност и да ѝ се претстави на публиката во Јужна Америка, во Австрија, Германија, Франција, Италија и во други земји.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG