Едни сечеа, други садеа дрвја во Битола

На Широк сокак едни сечат дрвја, а други садат. За продолжување на градба на киното Браќа Манаки, беа исечени дрвјата во паркот пред ресторан Корзо, чиј сопственик е брат на советник во општината од СДСМ. На двесте метри погоре пред Центарот за култура беа засадени други дрвја, а во акцијата учествуваа и советници од ВМРО-ДПМНЕ.

Исечени се дрвја на Широк Сокак за да се продолжи изградбата на киното „Браќа Манаки“ во Битола. Зеленилото беше дел од паркчето пред ресторанот „Корзо“, каде просторот викендов беше заграден со лимени огради и се изведуваат градежни работи. Сопственикот на ресторанот Пеце Стојчевски реагира дека исечени се дрвјата кои самиот ги садел, а со градежните работи одземен му е видикот кон Широк Сокак, а и мирот на гостите.

Да не мешаме многу политика на ваков убав ден и да не го сквернавиме.
Блaгој Шаклевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Кој можи да работи во ваква атмосфера. Кога решиле да го градат нека градат, но ова многу време се одолговлекува. Трета година сме заградени со ламарини, а сега е опколен и нов простор. Киното е колку една голема куќа, таа се гради за една година, ова не е ништо за општината да го гради со години. Викендов човек не влезе во ресторанот, доаѓаат тука како на градилиште, исечени дрвја, извадени канделабри“, реагира Стојчевски.

Според општинските служби, дрвјата се исечени со одлука на Одделението за комунални дејности со цел да се обезбеди простор за продолжување на градбата на киното. Активностите се одвиваат на катастраската парцела предвидена за изградба на втората фаза до киното.

Сопственикот на ресторанот „Корзо“ е брат на советниот од СДСМ, Зоран Стојчевски. На денот кога се сечеа дрвјата пред „Корзо“, на двесте метри погоре пред Центарот за култура беа засадени други дрвја, а во акцијата учествуваа и советници од ВМРО-ДПМНЕ.

„Да не мешаме многу политика на ваков убав ден и да не го сквернавиме. Би сакале сите оние кои повеќе декларативно се заложуваат за животната средина кога ќе биде акцијата „Ден на дрвото“ да дојдат на месноста Бел камен во Битола и на дело да ги покажат своите заложби. Да стават една рака, што велиме ние по битолски, и да не уверат дека се добронамерни и дека заедно со нас посакуваат поубава, почиста и поздрава животна средина во Битола“, изјави Блaгој Шаклевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

По ова беше најавено дека Денот на дрвото ќе се одржи на втори декември. Но, најчестите критичари на локалната власт за аерозагадувањето, здружението „За нас се работи“ деновиве веќе изврши пошумување на месноста Кркарадш која настрада пред неколку години во пожар.

„Географски гледано ова е еден терен кој треба да биде пошумен. Се смета како белодробно крило на Битола, влијание на некои ветрови кои дуваат и придонесуваат за аероздагадувањето. Беше неубаво да се гледа овој дел соголен“, изјави Иван Јерчиќ од „За нас се работи“.