Достапни линкови

Крадат дрва, се тепаат со полиција


Освен што ја соголија шумата, дрвокрадци во прилепско физички се пресметуваат и со полицајците. Невладините апелираат справувањето со дрвокрадците да се одвива надвор од населено место. Од шумската полиција стравуваат за безбедноста на своите вработени.

Дрвокрадството во прилепско не е само закана за шумските богатства, туку сега и сериозна опасност по животот за шумските и полицајците од МВР. Зачестуваат инцидентите со физички пресметки при интензивните контроли на теренот, во кои екипите од шумската полиција се придружувани од свои колеги од прилепската полиција. Во последниот регистриран инцидент деновиве, дрвокрадци нападнале полицајци во населбата Тризла и го оштетиле полициското возило, во момент кога полицијата ги запрела со три товарени возила со бесправно сечено огревно дрво. Сепак, како што информираат од СВР Битола, толпата се повлекла, кога во самоодбрана полицијата пукала во воздух.

„На 3 октомври возилото на шумската полиција беше комплетно уништен, а тешки повреди доби еден шумски полицаец, додека двајца други беа полесно повредени.
Илија Спиркоски, раководител на прилепската Шумска полиција.

Невладината РОМА С.О.С. со седиште во оваа населба реагира и апелира до институциите, надлежностите за справување со дрвокрадците да ги спроведуваат надвор од населеното место. Така, сметаат од РОМА С.О.С., нема да биде загрозена безбедноста на локалното население и нема да се нарушува јавниот ред и мир. Невладината апелира и до жителите од Тризла да не ги попречуваат акциите на надлежните.

Илија Спиркоски, раководител на Шумската полиција во Прилеп.
Илија Спиркоски, раководител на Шумската полиција во Прилеп.

Но, од шумската полиција во Прилеп и сугерираат на невладината на терен да реагира.

„Со тие возила тие лица што возат таму се вистински камикази. Тоа се малолетни лица или имаат 18 години. Тие се ангажирани од дрвокрадци-мафијаши, кои се подготвени да платат сè, затоа што овие им се исто како вработени“, вели Илија Спиркоски, раководител на Шумската полиција.

Според сознанијата, дрвокрадци се претежно лица кои издржале затворска казна. Тие организираат групи од 15 до 20 мина, на возраст до 18 години, ги ангажираат за пари во бесправна и масовна сеча на шумите. Поради засилените акции, ризикот по безбедноста на шумската полиција е многу поголем.

„На 3 октомври возилото на шумската полиција беше комплетно уништен, а тешки повреди доби еден шумски полицаец, додека двајца други беа полесно повредени“, вели Илија Спиркоски, раководител на прилепската Шумска полиција.

Најзагрозен и натаму е потегот на: Дервен-Никодин, Беловодица-Дрен, Бабуна-Стровија и Лабиница.

Надлежните од Македонски Шуми пак посочуваат дека поплавитe и последиците од поројните дождови, се токму последица од бесправната, масовна сеча на шумите.

„Значи еве поплавите во Порој во тетовско, дрвокрадството е токму едно од главните причини, што придонесе за ова. Затоа што со години неконтролираното крадење, сечење неплански, од еден шумски предел сте направиле голина, таквите води кога ќе дојдат во еден така силен дожд нема кој да ја задржи земјата, затоа се случуваат трагедии. Тоа мора нон стоп да се повторува, за да не ни се случуваат такви ситуации на други места, значи треба прво да не се уништува шумата, да не се загадува со разен отпад и со се“, потенцира Жарко Караџоски, директор на ЈП. Македонски Шуми.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG