Кога Ставрески ја зборуваше вистината?

Архивска фотографија.

По издавањето на еврообврзницата, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека се обезбедени пари за плати и пензии, но по пет дена рече дека ако нема ново задолжување во прашање се доведува навремената исплата.

Околу 65 милиони евра месечно троши државата за плати на административците и пополнување на дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. За плати на административците Македонија оваа година треба да потроши 407 милиони евра и 387 милиони евра за пополнување на дупката во Фондот за пензиско. Во октомври годинава за плати и надоместоци за административците се потрошени скоро 34 милиони евра, додека кон Фондот за пензиско се префрлени 27 милиони евра пари од буџетот. Од придонесите за пензиско осигурување се собираат околу 517 милиони евра годишно, но тие се далеку од доволно за исплата на пензии, па остатокот од парите се обезбедува од буџетот.

Граѓаните да се спокојни дека сите исплати од буџетот ќе бидат навремени, дали се тоа пензионери, дали се земјоделци, дали се социјалци, дали се учители, полицајци, војници или кој било што добива средства од буџетот.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии(24.11.2015)

Прашањето дали ќе има пари за плати и пензии го отвори власта откако заменик министерот за финансии од СДСМ Кире Наумов се обиде да стави вето на новото задолжување од 100 милиони евра. По негова интервенција, државата претходно со еврообврзница се задолжи за 270 милиони евра во странство, наместо за планираните 500 милиони евра.

По издавањето на еврообврзницата, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во интервју за ТВ Сител на 24 ноември рече дека тие рекле дека ќе се задолжат до 500 милиони евра, а не 500 милиони евра и оти со тие 270 милиони евра биле обезбедени доволно пари за буџетот.

Ветото што СДСМ го најави секако крие опасност да предизвика нестабилност во економијата, да не може буџетот да ги исплати првата недела во месецот, а тоа е следната недела, пензиите, да дојде во прашање исплатата на платите.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии(29.11.2015)

„Од тие причини отидовме со овој износ што го кажав, значи 270 милиони евра, и обезбедивме средства, што е најважно за граѓаните, да продолжи стабилноста на македонската економија, граѓаните да се спокојни дека сите исплати од буџетот ќе бидат навремени, дали се тоа пензионери, дали се земјоделци, дали се социјалци, дали се учители, полицајци, војници или кој било што добива средства од буџетот, но од друга страна и стопанството да е спокојно“, рече Ставрески во интервју на ТВ Сител на 24 ноември.

Сепак, само пет дена подоцна, во интервју за МРТВ, Ставрески рече дека ако нема ново задолжување има опасност платите и пензиите да не се исплатат навреме.

„Ветото што СДСМ го најави секако крие опасност да предизвика нестабилност во економијата, да не може буџетот да ги исплати првата недела во месецот, а тоа е следната недела, пензиите, да дојде во прашање исплатата на платите за образовните и здравствените работници, за војската и полицијата и за сите други што добиваат средства од буџетот, за социјалната помош, за реализација на проекти, за исплата на фирми, за поврат на ДДВ кон стопанството“, рече Ставрески во интервју на МТВ на 29 ноември.

Сепак, тој рече дека најголемиот дел од новите задолжувања се трошат за враќање стари кредити и оти приходите во буџетот доаѓаат во втората половина на месецот, а платите и пензиите се даваат на почетокот на месецот, па затоа е потребно со задолжување да се премости тој период.

Заменик министерот за финансии од СДСМ Кире Наумов, пак, ги смета новите задолжувања за пари за „нови изборни измами“.

„Лага е дека не постојат средства во буџетот или такви средства за да се исплатат плати и пензии. Едноставно, и депозитите на државата, а посебно со земањето на еврообврзницата, средства за плати и пензии постојат, зашто тоа е една сума од околу 65-70 милиони евра месечно“, вели Наумов.

Тој се обиде да стави вето на новото задолжување, но ДИК го укина.