Пратениците од опозицијата гласаа против Буџетот за 2016 година зашто сметаат дека буџет од 3,2 милијарди евра и највисок досега. За нив тој е неприфатлив зашто е нереален, неостварлив, неразвоен и нетранспарентен. Според СДСМ, државата има јавен долг од 4 милијарди евра, а новиот буџет ќе значи нови долгови и сиромашни граѓани.
Расправата почна на 16 ноември. Скоро во текот на целата дискусија пратениците на двете најголеми партии, владејачката ВМРО–ДПМНЕ и СДСМ, меѓусебно се обвинуваа за лажење за тоа каде, како и за што се трошат народните пари.
Предложениот буџет е зголемен за наредната година, тој е развоен, рамномерен со што ќе овозможи историско највисоко ниво кај капиталните инвестиции, но и со зголемен раст кај платите, социјалната помош, во образованието, здравство, земјоделието, културата, спортот и друго.Трајчо Димков, пратеник од ВМРО–ДПМНЕ.
Пратениците дискусијата на моменти ја водеа со повишен тон и дофрлувања, често користејќи ги зборовите срамота, лаги, интриги, манипулации, која партија направила повеќе за граѓаните во своето време на владеење, кој повеќе ја задолжил државата, кои се поголеми патриоти.
Ова е историски највисокиот државен буџет, истакнаа пратениците на ВМРО–ДПМНЕ. Предвидени се 400 милиони евра за капитални инвестиции, ќе продолжи континуираното насочување на средства кон потребите на сите граѓани. Ќе продолжи изградбата на спортски сали, градинки, амбуланти, ќе се реконструираат патиштата и железниците...
„Предложениот буџет е зголемен за наредната година, тој е развоен, рамномерен со што ќе овозможи историско највисоко ниво кај капиталните инвестиции, но и со зголемен раст кај платите, социјалната помош, во образованието, здравство, земјоделието, културата, спортот и друго. Со буџетот се опфатени и најмалите потреби на граѓаните, како и најмалите и најоддалечените места во Република Македонија“, рече пратеникот Трајчо Димков од ВМРО–ДПМНЕ.
Со овој буџет повторно ќе се задолжат граѓаните, тој е занас неприфатлив, нереален и нетранспарентен, сметаат пратениците од СДСМ. Вашиот континуитет е само проектот Скопје 2014. Се фалите дека им давате социјална помош на луѓето. Зошто патиштата, болниците и енергетските објекти не ги изградивте во изминативе 10 години владеење, прашаа тие.
„Буџетот за 2016 година смислено, свесно и неодговорно ќе ја задолжи Македонија со нови милијарда и 250 милиони евра. Тоа се парите коишто ги давате за субвенции, за нови вработувања за луѓе кои седат дома, за лозари, за пензионери. Не се тоа пари, господа, коишто ние сме ги заработиле оваа година за да може да ги потрошиме догодина. Тоа е живеење на кредит! Но, не сакате да зборуваме за макроекономските политики затоа што тоа ќе ве доведе до признание дека оваа авторитарна власт, овој режим повеќе не може да опстане без кредит“, рече пратеничката Софија Куновска од СДСМ.
Пратениците на ДУИ, повикувајќи се на анкета чии податоци покажале дека над 40 отсто од граѓаните се интересирале за економските прашања, рекоа дека тоа е показател дека политиките на Владата се движат во добра насока.
„Затоа мислам дека Буџетот заслужува поддршка од пратеничката група на ДУИ, не само затоа што сме дел од извршната власт, туку затоа што последната анкета којашто е реализирана со граѓаните од оваа земја е дека 42 отсто ѝ даваат приоритет на економијата и токму на оваа владина коалиција којашто е составена од ВМРО–ДПМНЕ и од ДУИ“, рече пратеникот на ДУИ, Реџаиљ Исмаили.
Буџетот за 2016 година предвидено е да изнесува 3,2 милијарди евра, а од приходи да бидат собрани околу 2,9 милиони евра.