Четиринаесет години по Рамковниот договор тој деновиве повторно е една од најактуелните теми. Иако уште во септември ОБСЕ, владиниот секретаријат за спроведување на Рамковниот договор и Европскиот институтот за мир на Питер Фејт на прес конференција најавија дека подготвуваат анализа за спроведување на договорот, информациите од деновиве дека наводно во неа ќе се предложело нешто што ќе доведело до федерализација пак ги издигнаа како главна тема односите меѓу Македонците и Албанците.
Мислам дека манипулацијата повторно делува и тоа значи дека ние како општество се уште не сме созреани да ја избегнеме манипулацијата.Ибрахим Мехмети, аналитичар.
Анализите покажуваат дека пред секои избори како по правило во јавноста се отвораат ваквите теми, вели универзитетската професорка Мирјана Малеска. Според неа тие се лесен начин за добивање гласови а граѓаните повторно подлегнуваат на манипулациите.
„Не гледам што се сменило од пред две три години кога имавме избори. Свеста на граѓаните во целина не се менува толку брзо. Тоа се работи за чувства кога станува збор за одбрана на татковината заштита на татковината за која се повикуваат сите да се постројат и да бидат зад земјата, зад државата, зад владата“, вели Малеска.
Од друга страна како позитивен индикатор за подобрените меѓуетнички односи се сметаше мирната реакција на граѓаните по трагичниот настан од Куманово од 9 мај, односно по судирот на полицијата со вооружената група.
„Ако го земеме тој пример и ако се навратиме да го анализираме контекстот ќе видиме дека претходно имаше некој граѓански дијалог, значи во тој период имаше отворени теми за манипулацијата што се прави со граѓаните а повод беа телефонските разговори. Меѓутоа по одреден период оваа тема се стави ад-акта и кога работите се вратија во „нормала“ мислам дека манипулацијата повторно делува и тоа значи дека ние како општество се уште не сме созреани да ја избегнеме манипулацијата“, вели аналитичарот Ибрахим Мехмети според кој медиумите и јавноста треба да имаат поаналитички пристап кон овие теми а не како што вели да се залетуваат на она што политичарите го посакуваат.
Со тоа додава тој се создава една екстремна атмосфера во која било која аргументација не се ни забележува.
Инаку темата за можниот предлог за федерализација се актуализираше по јавувањето на дел медиуми дека Фејт кој беше вклучен и во самото постигнувањето на охридскиот договор идниот месец ќе предложел официјализирање на албанскиот јазик како втор службен јазик и други детали кои како што се наведува ќе довеле практично до втор рамковен договор и федерализација на земјата. На официјалната страница на Европскиот институтот за мир засега нема таков документ, а последна е веста дека од септември дека ја почнуваат анализата на Рамковниот договор.