Долга и скапа борба против загадувањето

Справувањето со загадениот воздух е скап процес, но има и алтернативи за решавање на проблемот. Експертите, но и јавноста посочуваат мерки како гасификација на населените места, воведување на нови системи за прочистување на отпадните гасови на индустријата, модернизација на транспортните системи, контрола на урбанизацијата.

Стотици милиони евра, многу време и знаење се потребни за Македонија суштински да почне да го решава проблемот со најсмртносниот еколошки проблем – аерозагадувањето, кој според проценките од истражувањата годишно убива над илјада граѓани и за кој од буџетот плаќаме по 253 милиони евра.

Состојбата е во сите градови иста, не е многу поразлична. Овие градови се издвоени затоа што таму има мерни станици, и ние имаме резултати од таму, ама тоа што да речеме во Гостивар не се спомнува, не значи дека не е загадено. Немаме мерна станица и немаме резултати, кога би измериле иста би била ситуацијата.
Трајче Стафилов, Институт за хемија на Природно – математичкиот факултет во Скопје.

Педесет милиони евра чини дислоцирањето на 30.000 тони канцерогениот пестицид линдан од депонијата на фабриката „Охис“ во Скопје, од каде 40 години се разлетува токсична прашина што ја дишат жителите.

Оваа мерка е посочена како најскапа и најефикасна во физибилити студија финансирана од Европската унија. Професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно – математичкиот факултет во Скопје, вели дека во студијата се наведени и мерки кои чинат помалку, но точно се знае кои се алтарнативите да се реши проблемот.

„Чекорот треба да биде да се издвојат средства од некоја институција, да направи изведбен проект и да избере едно од решенијата за да се реши проблемот. На пример, едно од најбезбедните и најскапи решенија е да се спакува целиот материјал и да се транспортира во некоја од западните земји каде постојат фабрики за уништување на таков вид на отпад. Постојат такви фабрики, бидејќи тоа е многу уносен бизнис. Средствата се големи, крајното решение е околу 50 милиони евра, има и поевтини алтернативи “, вели Стафилов.

Треба и луѓето да знаат дека доколку сакаат краткорочно да заштедат со тоа што ќе купат поевтини дрва од овие илегални сечи, дека не си прават добро себеси.
Диме Меловски, Македонско еколошко друштво

Дишеме канцерогени материи со повисока радиоактивност

Само во Скопје има три од 16 големи извори на радиоактивни и канцерогени отровни материи, на поранешни и сегашни индустрии и рудници, дефинирани како „еколошки жешки точки“ од страна на експертите. За нивно решавање ќе треба да се издвојат милиони евра од државниот и општинските буџети. Освен депонијата на Охис, еколошки жешки точки се депониите на фабриките „Макстил“ и „Окта“.

Протест против загадувањето на воздухот во Тетово.

Големи површини од земјата во повеќе градови и нивната околина се загадени од депониите со милиони тони опасен отпад, од каде се шират отровни материи низ воздухот; 30 до 40 милиони тони јаловина има во депонијата на рудникот „Саса“ во Пробиштип, која содржи олово, цинк, кадмиум – отровни канцерогени супстанци со зголемена редиоактивност; во депонијата со троска од работењето на топилницата во Велес се оставени еден и пол милиони тони токсичен материјал; милиони тони годишно опасен отпад депонираат двете термоелектрани на јаглен на РЕК Битола и на РЕК Осломеј, од каде во воздухот се разнесува пепел со зголемена радиоактивност. Депониите се само еден аспект на проблемот. Професор Стафилов предупредува дека надминување на дозволените граници на загадување постои скоро во сите градови во Македонија, а податоци имаме само од оние каде се поставени мерните станици.

Во однос на малите и големите индустриски капацитети, истите ќе треба да извршат усогласување на својата технологија во согласност со директивата за индустриски емисии, која за разлика од нашиот Закон за животна средина предвидува уште построги правила и уште подобра технологија во индустријата со цел намалување или спречување на загадувачките емисии.
Александра Бујароска, еколошка организација „Фронт 21/42“.

„Состојбата е во сите градови иста, не е многу поразлична. Овие градови се издвоени затоа што таму има мерни станици, и ние имаме резултати од таму, ама тоа што да речеме во Гостивар не се спомнува, не значи дека не е загадено. Немаме мерна станица и немаме резултати, кога би измериле иста би била ситуацијата“, вели Стафилов.

Експертите, но и јавноста посочуваат на итно спроведување на политики насочени кон обезбедување на финансиски средства за мерки како гасификација на населените места, воведување на нови системи за прочистување на отпадните гасови на индустријата, модернизација на транспортните системи, контрола на урбанизацијата.

Протести против загадувањето на воздухот во Битола.

Мерките за спречување и намалување на аерозагадувањето се скапи и се наведени во десетици студии и документи. Тие не се спроведуваат иако со години им се достапни на властите. Но, доколку се земат во предвид проценките во студијата на Светската банка дека годишно умираат 1.300 луѓе, а трошоците од аерозагадувањето сите заедно не чинат по 253 милиони евра, тоа значи дека нерешавањето на проблемот не чини штети кои достигнуваат милијарди евра.

Она што треба да им биде јасно на градските власти е дека користењето на калциум магнезиум ацетат, сам по себе нема да го реши проблемот. Студиите на случајот од Лондон, каде што се користеше ова средство, покажуваат дека може да очекуваме намалување на ПМ10 честичките, од 14 до 30 проценти.
Ана Чоловиќ-Лешоска, еколошка организација „Еко-свест“.

Бидејќи податоците од петте мерни станици во Скопје покажуваат дека просечните годишни концентрации на опасните цврсти лебдечки честички ПМ10 во периодот од 2003 до 2013 година се движат од 80 до високи 180 микрограми на метар кубен (μg/m3), како што покажала станицата во Центар во 2011 година. Земјата законски има обврска просекот да не биде над дозволената граница од 40 (μg/m3). Мерните станици со години покажуваат дека надминувања има во Тетово, Кичево, Битола, Кавадарци.

„Проблемот е што ние имаме извори многу слични на вакви честички во многу градови во Македонија. Министерството за животна средина има направено една многу добра студија за потеклото на овие честички, за изворите од какви активности со колкав удел учествуваат во продукцијата. Посебно за Скопје има многу добра студија. Градот Скопје исто така има направено добра студија, дури и предвидени мерки. Проблемот е во тоа што тие мерки не се спроведуваат. Не знам од кои причини, но не се спроведуваат“, вели професорот Трајче Стафилов.

Поголема свест за почист воздух во Тетово

Александар Самарџиев

Жителите на Тетово живеат под најголемиот планински масив во Македонија, а чист воздух дишат само дваесетина дена во годината. Од 323 денови поминати во 2015 година, во Тетово надминување на дозволената граница на загадување имало скоро 300 денови, покажуваат мерните станици.

Често посочуван како најзагаден град во Европа заедно со Скопје, воздухот во Тетово е загаден од повеќе извори: Индустриското загадување на фабриката Југохром која со години доцни со реализацијата на обврските од оперативниот план за добивања на А-еколошка дозвола. Отровна прашина во воздухот разнесува депонијата со троска која содржи хром, од поранешното работење на „Силмак“ – Јегуновце. Емисиите од горењето огревно дрво, сообраќајот и урбанизацијата се областите кои дополнително имаат влијание.

Потребна е поголема свест и искористување на природните потенцијали на Тетово за да се намали загадувањето, велат од еколошките здруженија. Диме Меловски од Македонското еколошко друштво го потенцира феноменот: Градот ја има Шар Планина како најмасивен планински предел и природен ресурс за квалитетна природна средина, а постојано има загаден воздух.

„Треба и луѓето да знаат дека доколку сакаат краткорочно да заштедат со тоа што ќе купат поевтини дрва од овие илегални сечи, дека не си прават добро себеси. Во голема мера илегално се сече Шара, а со тоа не си помагаме да дојде до прочистување на воздухот, бидејќи се помалку и помалку има шума. Со прогласување на делови на Шар Планина за национален парк, мислам дека до некаде ќе биде регулирана оваа работа“, смета Меловски.

Свесно работење на институциите во насока на чист воздух, вели доктор Ратко Давидовски од тетовскиот Центар за јавно здравје, специјалист по хигиена и здравствена екологија. Тој вели дека краткорочните мерки се ограничување на сообраќајот, редовно чистење на улиците и подигнување на сметот и контрола на градежништвото.

„Додека долгорочни се поставување на филтри, таму каде што ќе се нотира дека е потребно и секако воведување на централно греење. Знаеме дека главен причинител за зголемените вредности на ПМ10 честичките се фосилните цврсти горива, 70 проценти од населението во градот се грее на дрва или на ќумур на јаглен. Воведување на централно греење, воведување на гас – тоа се долгорочни мерки. “, објаснува тој.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи минатата зима ветуваше мерки за посебни сообраќајни режими за намалување на штетните материи во воздухот, но состојбата не е променета. Во Тетово секојдневно воздухот е загаден над дозволените граници.

„Тешките товарни возила чија крајна дестинација не е градот Тетово, беа насочени кон обиколниот пат. Моторните возила за транспорт и снабдување со роба, транспортот да го вршат во период кога фреквенцијата на сообраќајот е помала. Општина Тетово има план за имплементирање на еднонасочните улици“, рече Арифи.

На почетокот на ноември во Тетово започна прскање на улиците со средство, но мерните станици покажуваат дневни загадувања со цврсти честички кои достигнуваат до 800 (μg/m3).

Нови построги директиви во Европа

Европската унија од 2013 година започна со воведување на закони со построги ограничувања за загадувањето на воздухот со нови директиви за интегрирано спречување и контрола на загадувањето од индустриски гасови, за во 2016 уште повеќе да се намалат емисиите. Ако аспирациите на Македонија се кон приклучување во ЕУ, во преговорите поглавјето екологија може да биде сериозна пречка доколку властите и натаму продолжат со игнорантскиот однос кон проблемот.

Александра Бујароска од еколошката организација „Фронт 21/42“, вели дека влегувањето во Европската унија ќе значи дека ќе треба да возиме автомобили по Еуро 4 стандард, а голем број од возилата во Македонија се Еуро 1 или Еуро 2 стандард вели таа.

„И тоа сериозно придонесува на аерозагадувањето од сообраќајот. Во однос на малите и големите индустриски капацитети, истите ќе треба да извршат усогласување на својата технологија во согласност со директивата за индустриски емисии, која за разлика од нашиот Закон за животна средина предвидува уште построги правила и уште подобра технологија во индустријата со цел намалување или спречување на загадувачките емисии. Во однос на секторот за затоплување тука ќе треба да се направи гасификација“, вели Бујароска.

Годишно гориме 1 милион метри кубни дрва

Жанета Здравковска

Гасификацијата е едно од решенијата за домаќинствата кои загадуваат греејќи се на дрва во зимскиот период. Во Македонија годишно се горат по еден милион метри кубни дрва за греење, од кои 366 илјади во Скопје. Експертите велат дека бројката е многу голема за земја од два милиони жители. Во Битола 26.000 домаќинства се грејат на дрва, а граѓаните бараат надлежните да го исполнат ветувањето и што поскоро да го спроведат проектот за топлификација, за да запре испуштањето на 28 тони суспендирани честички од оџаците.

Од ЕЛЕМ информираат дека проектот „Топлификација“ им останува врвен инвестициски приоритет. Зафатот чини околу 46 милиони евра, средства обезбедени преку кредит од германската КФВ банка.

„Веќе е изведена реконструкција на турбините од двата блока за одземање на пареата. Веднаш по потпишувањето на договорот со банката до крајот на годинава, ќе се избере консултант и изведувач за градба на мрежата. Паралелно со овие активности, тече и постапката за решавање на имотно правните односи по трасата на целата топлификациска мрежа. Според предвидената динамика, се очекува до грејната сезона 2018 – 2019 година да се добијат првите корисници на топлинска енергија во Битола“, велат од ЕЛЕМ.

Оттаму додаваат дека со овој проект ќе се намалат емисиите од согорување на дрво, масло за домаќинства и јаглен во малите домашни печки како и во печките на јавните и комерцијалните објекти, што ќе значи намалување на емисиите на сулфурни, азотни и јаглеродни оксиди.

Во меѓувреме од еколошкото здружение „За нас се работи“ со акција за пошумување ќе се обидат да го обноват едното белодробно крило на Битола.

Скопје

Во Скопје деновиве концентрациите се многу високи. Градските Власти дел од улиците ги прскаат со калциум магнезиум ацетат, мерка која ја промовираше градоначалникот Коце Трајановски.

Искуствата покажуваат дека тоа може тоа може да влијае на мал процент на намалување на загадувањето од сообраќајот, индустријата, урбанизацијата, домаќинствата, депониите.

Од еколошките здруженија посоччуваат дека градските власти мора да спроведат ригорозна инспекција на малите индустриски капацитети кои оперираат со Б-интегрирани еколошки дозволи издадени од општините, да спроведат мерки околу градежните активности во Скопје и да го регулираат и елиминира сообраќајот во централното градско подрачје.

„Она што треба да им биде јасно на градските власти е дека користењето на калциум магнезиум ацетат, сам по себе нема да го реши проблемот. Студиите на случајот од Лондон, каде што се користеше ова средство, покажуваат дека може да очекуваме намалување на ПМ10 честичките, од 14 до 30 проценти“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска од еколошката организација „Еко-свест“.

Во изминативе неколку години од државниот и од буџетот на Град Скопје вкупно беа потрошени околу 630 милиони евра за објектите од проектот „Скопје 2014“, но властите не ја реализираа изградбата на трамвајот, проект вреден 243 милиони евра, кој би ја намалил употребата на автомобили.

Градот пред неколку години ангажираше странска фирма за изработка на Студија за сообраќајниот систем, каде е наведено првото сценарио за реализација на лесната железница како нов модерен транспортен систем предвиден за 2015 година, а второто во 2030 година.

Градот не успеја да ги реализира ниту мерките за затворање на сообраќајот на ул. „Димитрие Чуповски“, во најстрогиот центар на градот и во пошироката зона околу Старата скопска чаршија, предвидени во истата Студија.

Оддржливите транспортни модели подразбираат спроведување мерки и стратегии кои поттикнуваат пократки патувања, употребуваат помалку енергија и помалку се штетни за животната средина. Градовите кои се движат во оваа насока го ограничуваат присуството на автомобили, со што се ослободува значителен простор за долги пешачки патеки и безбедно движење со стеснување на улиците и многу препреки за автомобилите.

Дека проблемот е сериозен покажуваат и податоците на Институт за јавно здравје според кои нејчестите болести во земјава се поврзуваат со аерозагадувањето. Околу 40 проценти од луѓето во амбулантите се лекуваат од заболувања на респираторниот и циркулаторниот систем, а дополнително загрижувачки е фактот дека 55 проценти од децата до шестгодишна возраст страдаат од болести на белите дробови и дишните патишта.