Дел од политичарите се скептични дека Анкетната комисија за прислушувањето ќе одговори на вистинските функции со кои е предвидено ова тело да работи, за да се утврди политичка одговорност за носителите на функции кои се детектирани во прислушувањето.
Со ваквиот состав на Комисијата во секој случај заклучоците ќе бидат политички и нема да одговараат на објективната стварност во службите за безбедност.Стефан Буџаковски, универзитетски професор.
Тито Петковски од НСДП забележува дека Анкетната комисија ќе има само формално значење со оглед дека поголемиот број од членовите се од владејачката партија со тоа што тие ќе го имаат последниот збор во носењето одлуки. Синоќа одлуката да се формира Комисијата доби зелено светло на собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата, токму затоа што мнозинството членови се на страната на власта, коментира Петковски.
„Ќе бидеме сведоци на многу невкусни дебати, дискриминација, навреди, а околу политичката одговорност не верувам. Но, тоа е сепак шанса за опозицијата пред светлото на денот да ги изнесе сите тие аргументи и да побара сите тие разговори да бидат јавно публикувани“, вели Петковски.
Анкетната комисија која се состои од 16 членови од кои осум од ВМРО-ДПМНЕ, а четири од СДСМ треба да изготви препораки кои ќе имаат за цел да превенираат незаконско следење на комуникациите и зголемување на транспарентноста на државните институции. Анкетната комисија одлуките ги донесува со мнозинство на гласовите од вкупниот број на членовите. Во анкетната комисија учествуваат и двајца од ДУИ, еден од ДПА и еден независен пратеник.
„ДПА е верна на ВМРО-ДПМНЕ. Не сум сигурен дека и членовите од ДУИ и независниот пратеник ќе може да направат некој дисбаланс на страната на опозицијата по однос на заклучоците. Така што сето тоа е добро пресметано“, дополнува Петковски.
Од СДСМ велат дека не би требало работата на Комисијата да се сведе на политички маркетинг, бидејќи седниците ќе бидат јавни, а тие што биле инволвирани во бомбите ќе треба да одговараат на прашања. Македонската јавност е таа што ќе ги носи заклучоците, коментираат од најголемата опозициска партија.
Според дел од експертите предуслов за зајакнување на капацитетите на Комисијата е во неа да има и надворешни членови, стручњаци кои ја познаваат работата на Агенцијата за разузнавање и службата за безбедност и контраразузнавање. Без ова нема да има успех во она што е целта, да се види како работат службите, вели професор Стефан Буџаковски.
„Со ваквиот состав на Комисијата во секој случај заклучоците ќе бидат политички и нема да одговараат на објективната стварност во службите за безбедност“, вели Буџаковски.
Првиот извештај на Анкетната комисија треба да биде објавен до крајот на јануари.