Брзото темпо на задолжувањата, продлабочувањето на буџетскиот дефицит поради зголемените трошоци за плати и пензии, транспарентноста за висината на јавниот долг, како и владиното влијание врз конкурентноста на приватниот сектор се дел од забелешките во делот за економијата во извештајот на Европската комисија за Македонија.
Се подвлекува дека економските политики ја нарушуваат конкурентноста во пазарната економија и еднаквоста, а овие два збора се круцијални за еден економски систем. Тоа значи дека ги ставате во различна положба економски агенти во државата. Со тоа сака да каже дека успешноста им се гарантира само на фирмите кои се блиски до владата, кои се конјуктурни. Во ниеден друг извештај досега не беше спомнато дека се нарушува конкурентноста и еднаквоста на фирмите.Абдулменаф Беџети, академик.
Академик Абдулменаф Беџети вели дека ова е најлош извештај во делот за економијата во последните пет години.
„Се подвлекува дека економските политики ја нарушуваат конкурентноста во пазарната економија и еднаквоста, а овие два збора се круцијални за еден економски систем. Тоа значи дека ги ставате во различна положба економски агенти во државата. Со тоа сака да каже дека успешноста им се гарантира само на фирмите кои се блиски до владата, кои се конјуктурни. Во ниеден друг извештај досега не беше спомнато дека се нарушува конкурентноста и еднаквоста на фирмите“, вели Беџети.
Во извештајот се наведува дека има широк спектар на политички инструменти преку кои владата засилено влијае врз конкурентноста во економијата, како што се директните субвенции и даночни ослободувања, особено за странските инвеститори, непредвидливите инспекции и казни за фирмите, државните гаранции за кредити за државните претпријатија, јавните инфраструктурни проекти и активните програми за вработување.
Се чини дека најголемите критики сепак се за трошењата на јавните пари. Комисијата наведува дека буџетскиот дефицит минатата година бил 4,2 отсто од БДП, поради ад хок зголемувањето на трошоците за пензии, социјална помош и субвенции, како и за дополнителни ресурси потребни за изградбата на автопатот од Коридорот 10.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, пак, вели дека владините политики даваат резултати што се гледа со подобрување на бизнис климата и намалувањето на невработеноста.
„Мислам дека може да бидеме задоволни. Се разбира простор за подобрување може да има секогаш, но треба да водиме сметка и за тоа колкаво е вкупното ниво на развој на македонската економија и соодветно на тоа се креирани и буџетските политики. Сепак сметам дека буџетот во изминатите години содржеше силна развојна компонента и конкретните резултати и постигнувања се најсилен сведок за тоа“, вели Пешевски.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека економските критериуми добиле оценка четворка, напредокот двојка, додека делот за јавните финансии е оценет со единица.
„Не се пуштени нозете колку што ни е долга чергата. Може да си ги пуштиш нозете и над чергата и да се задолжиш, ама тие задолжувања да бидат продуктивни, да носат нови работни места итн“, вели Филков.
Европската комисија порепрачува подобрување на управувањето со јавните финансии за буџетскиот дефицит до 2017 година да се намали на 2,9 отсто од БДП-то.
„Со оглед на ребалансот на буџетот за 2015 година, и во очекување на зголемените трошоци во следниот предизборен период, постигнувањето на целта во 2017 година изгледа премногу амбициозно“, се наведува во извештајот.
Во извештајот на ЕК за напредокот на Македонија се препорачува да се задржи строга контрола врз социјалните трансфери, пензиите и платите во јавниот сектор и навремено и редовно да се известува за бројот на вработени во јавниот сектор и за трошоците за плати.
Се наведува дека јавниот долг, кој е 46 отсто од БДП-то, значително се зголемил во изминатите неколку години, иако сè уште е релативно умерен, но оти има загриженост за транспарентноста. Имено, Комисијата наведува дека лани летото, владата го измени законот за јавен долг со што го ограничи опсегот на задолжување на државните претпријатија со државни гаранции, додека се поттикнуваат безгаранциските задолжувања.
„Како резултат на тоа, податоците за јавниот долг ќе бидат помалку транспарентни. Владата треба да го подобри управувањето и транспарентноста на јавните финансии, да спроведе построга фискална дисциплина и да ја подобри фискалната транспарентност“, се наведува во извештајот.