Достапни линкови

Помала државна контрола за подобра економија


За да има поголем економски раст треба да се намали улогата на државата која сака да биде најголемиот стопанственик и сите чекаат да направат некаков бизнис со неа за да преживеат.

Во секоја држава главен двигател на економскиот развој треба да биде приватниот сектор на кој Владата треба да му даде поголема поддршка, бидејќи тој е креатор на повисока додадена вредност и на нови работни места, вели претседателот на Собраниската комисија за финансирање и буџет и пратеник на СДСМ, Марјанчо Николов во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела.

Но, да се менува полека улогата на Владата на пазарот, да се намали, а на сметка на тоа да се зголеми улогата на приватниот сектор и на стопанството на пазарот. Така ќе креираме и повеќе раст и нови работни места, а со тоа ќе ги покачуваме и стапките на раст.
Марјанчо Николов, СДСМ.

Според него, само така во земјава ќе се зголеми растот на шест до седум проценти. Но, како што смета Николов ситуацијата во Македонија е обратна, бидејќи најголем играч на пазарот е Владата и сите чекаат да направат некаков бизнис со неа за да преживеат. Тој порачува дека треба да се смени тој сооднос.

„Парите од буџетот во голем дел треба да се насочат кон малите и средните претпријатија и да се направи, евентуално, стратегија повеќе пари да останат во приватниот сектор. Едноставно тој да биде носител на развојот. Не Владата да вели со кредити градиме патишта, што е добро и тоа е предуслов за развој. Но, да се менува полека улогата на Владата на пазарот, да се намали, а на сметка на тоа да се зголеми улогата на приватниот сектор и на стопанството на пазарот. Така ќе креираме и повеќе раст и нови работни места, а со тоа ќе ги покачуваме и стапките на раст“, смета Николов.

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски смета дека Владата сака да биде најголемиот стопанственик во државата. Според него, Владата ги концентрира финансиските средства наместо во стопанството, во буџетот и тоа е поткрепено со бројки, бидејќи нема адекватен раст на БДП со растот на буџетот.

„Во овој период кој што следи не очекувам дека Владата ќе се откаже од тој пристап. Напротив таа концентрирајќи ги финансиските средства во рамките на буџетот сака да го задржи монополот на политичката власт во државата, односно политичката контрола на економските текови“.

Тој додава дека треба да се работи на ослободување на стегите кои Владата ги има кон стопанството, бидејќи економскиот развој на една држава го носи приватниот капитал. Според него, Владата може преку буџетот да го помага растот на БДП преку вложување во проекти кои се пред се од инфраструктурен карактер.

„Но, не како што е во нашава ситуација во инфраструктура или капитални трансфери да се сметаат и вложувањата во градежништвото кои се однесуваат на изградба на споменици и изградба на објекти кои немаат карактер на долгорочен економски развој на државата“, додава Најдовски.

Според Николов, буџетот за наредната година е неразвоен и нереален, бидејќи повторно како во минатото нема да се оствари планираниот економски раст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG