Достапни линкови

Расправата за буџетот премина во „кој е виновен за транзицијата“


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Владата за догодина предвидува буџет од 3,2 милијарди евра и економски раст од четири отсто. Опозицијата обвинува дека владата планира да продолжи со задолжувањата.

Буџетот за 2016 година има три значајни карактеристики - намалување на буџетскиот дефицит од 3,6 отсто за оваа година на 3,2 отсто од бруто домашниот производ за идната, зголемување на капиталните инвестиции на историски највисоко ниво и продолжување на грижата за социјално ранливите категории. Вака министерот за финансии Зоран Ставрески денеска пред членовите на собраниската комисија за финансирање и буџет го образложи буџетот за идната година со кој според владиниот предлог во 2016 година ќе се потрошат 3,18 милијарди евра.

Врз база и на претпоставките дека европската економија дополнително ќе заздравува, што е во согласност и со проекциите на Европската унија, може да очекуваме дека 2016 година ќе биде година што ќе донесе повеќе економски раст отколку 2015 година.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Ставрески рече дека проекциите за буџетот се темелат врз основа на тоа што годинава, и покрај политичката криза, македонската економија се покажала, како што рече, жилава.

„Врз база и на претпоставките дека европската економија дополнително ќе заздравува, што е во согласност и со проекциите на Европската унија, може да очекуваме дека 2016 година ќе биде година што ќе донесе повеќе економски раст отколку 2015 година, иако и 2015 година, како што кажав, растот е солиден и очекуваме да биде блиску до проектираните 3,5 проценти. Во 2016 година проектираниот раст на македонската економија е 4 проценти, а инфлацијата ќе биде ниска и понатаму, односно ќе остане под 2 проценти“, рече Ставрески.

И овој буџет, како и сите претходни што ги предложивте, има само една константа - да расте сè повеќе и повеќе, реплицираше претседателот на комисијата, пратеникот од СДСМ Маријанчо Николов.

„Тоа чоколадо коешто сакате да го соберете во форма на буџетот за 2016 година не можат да го зготват ниту граѓаните, ниту стопанството, меѓутоа вие го имате волшебното стапче или состојка којашто се вика земи си кредит. Затоа буџетот за 2016 година е нереален, неразвоен, буџет којшто длабоко ја пика раката на владата во џебот на граѓаните за да извлече што повеќе пари, длабоко ја пика раката во сметките на компаниите за да им земе што повеќе пари“, рече Николов.

Министерот рече и дека наредната година ќе продолжеле со капиталните инвестиции, поддршката на стопанството, локалните самоуправи и здравството, зголемувањето на пензиите и други работи, по што реплицираше Николов и дебатата повторно се врати на транзицискиот период и кој е виновен за него.

„Тоа што му се случува на СДСМ е класична загуба на кредибилитет на таа партија поради хипокризијата и таквиот пристап кон граѓаните. Можете како сакате да ја формулирате реченицата, но граѓаните нè следат нас и вас што работиме, а не што зборуваме“, рече Ставрески.

„Во однос на приватизацијата, сакам еве да се договориме да не застаруваат делата од приватизацијата, да престанеме со таа тема. Во мојот град сите фабрики ги затворивте од 1998 до 2002 година и десет илјади луѓе останаа на улица. Сега, пред една година, дополнително се затворија Жито Вардар и Киро Ќучук, уште 1.000 луѓе на улица. Кој ги затвори тие? Колку вие сте учествувале како партија, толку учествувала и СДСМ во приватизацијата“, рече Николов.

Инаку, седницата на матичната комисија на која се расправа за буџетот за идната година треба да заврши за најмногу десет дена.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG