Достапни линкови

Преку пензионерите им ги задолжуваат внуците


Архивска фотграфија - министерот Диме Спасов во посета на пензионерите кои се на бесплатен туристички викенд во Дојран.
Архивска фотграфија - министерот Диме Спасов во посета на пензионерите кои се на бесплатен туристички викенд во Дојран.

За 10 евра месечно плус пари коишто не ги земаат од Фондот, пензионерите си ги задолжуваат своите внуци кои ќе враќаат по 20 евра месечно цел живот, вели аналитичарот Зоран Витанов. Пензионерите пак велат дека мора да се создадат добри услови за сегашните пензионери

Македонија нема капацитет да ги враќа долговите, бидејќи нема индустрија и не остварува економски развој, а притоа се манипулира со бројките оти само пет шест компании придонесуваат да има пораст од 3 до 4 проценти на БДП во земјата, вели поранешниот заменик министер за економија и пратеник Зоран Витанов во интервју за Радио Слободна Европа, кое ќе се емитува в недела.

Апел до пензионерите, за 10 евра месечно коишто пари не ги земаат од Фондот, туку си ги задолжуваат своите внуци кои ќе враќаат по 20 евра месечно цел живот.
Зоран Витанов, поранешен заменик министер за економија и пратеник.

Според него, од ден на ден сиромаштијата зазема енормни димензии и најмалку 15 проценти од населението е неухрането, а живеат во земја на земјоделието. Во меѓувреме Владата најави покачување на пензиите, што за Витанов е евтин политички потег. Пензионерите најлојално и најредовно излегуваат на избори и Владата зема нови задолжувања со цел да ги придобие нивните гласови, а цената ќе ја платат младите, вели Витанов.

„Апел до пензионерите, за 10 евра месечно коишто пари не ги земаат од Фондот, туку си ги задолжуваат своите внуци кои ќе враќаат по 20 евра месечно цел живот, дали пензионерите се до таа мера егоцентрични и себични и дали до таа мера се до менталитет сиромашни, па и тие гледаат од денес за денес, подобро денеска да јадам паштета, па утре мојот син да гладува, отколку јас достоинствено да кажам – не, ова не е системско решение, ова е решение кое води кон пропаст на моите внучиња и мене тоа не ме привлекува да гласам“, вели Витанов.

Мораме да создадеме добри услови за сегашните пензионери, бидејќи тие ја градеа таа Република Македонија и ги градеа тие фабрики.
Драги Аргировски, претседател на Сојуз на здруженија на пензионерите.

Претседателот на Сојуз на здруженија на пензионерите Драги Аргировски, вели дека само со нови вработувања ќе се полни Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и од ослободувањето на Македонија, буџетот помагал за исплаќање на пензиите.

„Тоа е толку малку во вкупниот буџет на една држава што немојте сега да размислуваме што нашите внуци. Камо среќа нашите внуци и нашите деца да се вработат ќе биде многу подобро. Мораме да создадеме добри услови за сегашните пензионери, бидејќи тие ја градеа таа Република Македонија и ги градеа тие фабрики“, вели Аргировски.

Според него, нема логика тврдењето дека со покачувањето на пензиите се купуваат гласовите на пензионерите, бидејќи тоа е регулирано со закон.

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека тоа право им следува на пензионерите и усогласувањето со растот на трошоците за живот. Но, според него, факт е дека Фондот е во криза и парите мора да се обезбедуваат од буџетот.

„Досегашната политика којашто владата ја има во пензиското осигурување ќе не доведе во ситуација пензискиот фонд и понатаму да биде во голем дефицит, буџетот како резултат на тоа ќе мора да ги надополнува тие средства коишто недостасуваат, а со однос на тоа што државниот буџет е во постојат дефицит, што значи дека и понатаму не само пензиите, туку и целокупното финансирање на сите буџетски корисници ќе се заснова на нови задолжувања на Република Македонија“, вели Најдовски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG