Достапни линкови

Нови задолжувања од милијарда евра


Илустрација.
Илустрација.

Задолжувања за гасификација, автопати, но и за буџетски потреби предвидува владата. Европската комисија очекува јавниот долг да надмине 50 отсто од БДП.

Владата ги продолжува задолжувањата. До крајот на годинава се планира издавање нова еврообврзница со која земјава ќе се задолжи до 500 милиони евра на меѓународните пазари, Собранието вчера донесе закон за задолжување од 90 милиони евра кај Дојче банк и Ерсте банка за гасификација, а владата завчера се задолжи за нови 48 милиони евра на домашниот пазар, наместо планираните 42 милиони евра, а врати стари долгови од 41 милиони евра. Пред Собранието се и задолжувања од околу 300 милиони евра за Агенцијата за патишта за изградба на автопати.

Тие со овие средства што ќе ги добијат ќе ги платат доспеаните обврски кон странските кредитори во еден дел, а другиот дел да ги користат за тековна буџетска потрошувачка, односно за поткуп на одделни сегменти од избирачите, како што правеа и досега.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека на крајот на септември јавниот долг достигна 3,94 милијарди евра, односно 43,9 отсто од БДП.

Експертите велат дека долгорочното задолжување со еврообврзница е добар потег, но оти загрижува фактот што намената е за краткорочни буџетски потреби. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека идат избори, а пари нема. Оваа влада и досега секогаш се задолжуваше пред избори, вели тој.

„Сакаат да ги измират долговите кон странство кои веќе доспеале за плаќање, а немаат пари, тие со овие средства што ќе ги добијат ќе ги платат доспеаните обврски кон странските кредитори во еден дел, а другиот дел да ги користат за тековна буџетска потрошувачка, односно за поткуп на одделни сегменти од избирачите, како што правеа и досега“, вели Хајредини.

Европската Комисија во најновата есенска прогноза наведува дека оваа и наредната година буџетскиот дефицит ќе биде повисок отколку што претходно се очекуваше и оти јавниот долг ќе надмине 50 отсто од БДП-то. Комисијата е загрижена за фискалната консолидација и за одржливоста на долгот.

„Вкупниот долг на државата се зголемува. Властите остануваат посветени на постигнувањата за буџетскиот дефицит под три проценти до 2017 година. Но, сепак, среднорочната фискална стратегија на македонската Влада се чини премногу оптимистичка“, наведува Европската комисија.

Со слични прогнози неодамна излезе и Светската банка која во последниот извештај нотираше дека се очекува да продолжи зголемувањето на долгот.

Пратеничката Софија Куновска од СДСМ, на собраниската дискусија за задолжувањето од 90 милиони евра за гасификација, вчера рече дека владата планира до крајот на годинава да се задолжи за една милијарда евра.

„На заемот од 90 милиони евра за гасификација стои „но, и за буџетска поддршка“, што значи 90 милиони евра задолжување за буџетска поддршка. Ако на тоа се додадат и останатите закони од денешната седница, доаѓаме до вкупна сума од 400 милиони евра само на оваа седница ново задолжување на Република Македонија. Ако на тоа се додадат 42-43 милиони евра од завчера и ако се додадат уште 500 милиони евра еврообврзница најавена вчера во медиумите, почитувани граѓани на здравје скоро една милијарда евра ново задолжување“, рече Куновска.

СДСМ реагира дека, премиерот Никола Груевски, со новата еврообврзница од половина милијарда евра сака „неговите расипнички и недомаќински политики да ги натовари на грбот на сите граѓани во Македонија.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговори дека СДСМ манипулира со јавноста и прашува каде одеа парите во нивно време.

„Денес, не само што се градат три нови автопати и стотици локални и регионални патишта, не само што се инвестира во железничка инфраструктура, во болници, училишта, градинки, се субвенционира земјоделството, се обезбедуваат евтини кредити за малите и средните претпријатија, се зголемуваат плати, пензии, социјална помош, туку сме петта најмалку задолжена земја во Европа. Денес дури и се враќаат долговите кои СДСМ ги направи кога беше на власт“, одговори владејачката партија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG