Претпладнево започна средбата на работните групи за договорот во Пржино во Клубот на пратеници во Скопје. На состанокот присуствуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, а како и досега состанокот го води белгискиот експерт Питер Ванхауте. Засега нема прогнози до кога ќе трае оваа средба, пред која владее оптимизам дека може да се надминат несогласувањата и да се спаси договорот од Пржино.
Ванхауте вчера најави дека партиите мора да се согласат и да се договорат за нешто и дека каков и да е договор треба да биде поддржан од сите четири партии.
И лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера рече дека се очекува договор да биде постигнат деновиве и оти има сериозно придвижување во разговорите.
Законот за влада во кој треба да се одредат ингеренциите на министрите и заменици министри е една од работите поради кои од 19 минатиот месец се блокираше спроведувањето на договорот.
Вето на замениците министри
Во протоколот од 15 јули од Пржино се наведува дека на 20 октомври ќе се назначи нов министер за внатрешни работи по предлог на СДСМ и во консултација со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и дека тој ќе биде технички поставен, но подолу во истиот документ се наведува дека сите заменици - министри ќе имаат полно право на преглед и вето во соодветните министерства по сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите.
Овие две работи всушност произведоа различни толкувања, па владејачката партија бараше заменикот да има целосно право на вето на одлуките на министерот, а СДСМ тоа да биде поврзано само со изборните прашања.
Специјалното Обвинителство
Другото крупно несогласување дојде по одлуката на Советот на јавни обвинители да не го избере целосниот тим што го предложи специјалната јавна обвинителка Катица Јанева но по вчерашниот развој на настаните и денешната заклетва, овој проблем се смета за надминат.
Законите за „бомбите“ и „свиркачите“
Во разговорите на работната група се наметнаа и два закона кои не се предвидени со конкретни рокови во документите од Пржино, но се разгледуваа во пакет со законот за влада. Забраната за објавување на т.н. бомби и законот за „свиркачите“ се поставија како услов во почетокот на минатиот месец откако пратениците Талат Џафери и Крсто Мукоски го поднесоа предлог законот во доста контроверзна форма што предизвика силна реакција во јавноста. Во подготовката на сегашната верзија се вклучени и меѓународни организации а според некои информации како пример се земал францускиот модел.
Претходно разговорите запнуваа неколку пати и во процесот на договарање- на измените на изборниот законик најмногу поради инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ дијаспората да гласа и барањето на СДСМ за тоа да постои цензус.
Изборните измени според информации од работната група се договорени веќе подолг период но не се најдоа во собранието поради закочените разговори за смените во влада и тимот на Јанева.