Есенски музички свечености – провокација за македонските творци

Девет концерти и премиерна изведба на еден современ балетски спектакл „Balkan Dance Project Vol.1“, на неколку сцени во градов, ќе се случат од 6 до 30 ноември во рамките на 16-то издание на „Есенски музички свечености“, манифестацијата зад која стои Комисијата за култура и уметност – Скопје и чија примарна заложба е преку разни форми на изразување да се поттикне, унапреди и развива музичката култура и културата воопшто. Публиката ќе има можност да ги проследи изведбите на уметници како „Керем Горсев трио“, ансамблот „КонТемпора“, виолинистот Момчило Куфојанакис, хорот „Про Арс“ и други.

Годинешните „Есенски музички свечености“, 16-ти во низата, ќе започнат со заедничкиот проект на Институтот „Јунуз Емре“, Центарот за култура – Битола и Комисијата за култура и уметност – Скопје. Во Домот на АРМ, по првичното претставување на фестивалот „Музика од светот 2015“, ќе музицира триото на турскиот пијанист и композитор Керем Горсев во придружба на возобновениот Камерен оркестар – Битола под диригентство на маестро Сашо Татарчевски.

Есенски музички свечености се провокација за македонското творештво. Секако тоа е особена провокација за младите македонски творци кои што добиваат и свој идеал во она што е изминато.
Мирко Стефановски, Комисија за култура и уметност – Скопје, организатори на манифестацијата.

Основата на нивниот заеднички перформанс ја чинат авторските творби на Горсев забележани на неговите албуми снимени со академскиот Филхармониски оркестар на Санк Петербург и оној со Прашкиот филхармониски оркестар, на кој патем тој, со Алан Бродбент како диригент и продуцент, јасно ја предочил својата огромна почит кон творештвото на џез великанот Бил Еванс.

Веќе следниот ден, во сабота на 7 ноември, од 21 часот, во МНТ е планирано да се случи македонската премиера на „Balkan Dance Project Vol.1“ - интернационалната танцова продукција, која ги обединува младите надежни танчери, кореографи и музички уметници од Словенија, Хрватска, Србија и од Македонија. Белградскиот кореограф Александар Илиќ е потписник на делот насловен „Реминисценција“, а нашиот Игор Киров ги донесува своите „Приказни“.

„Вообичаено не сакам да зборувам за својата работа, туку да и препуштам на публиката да влезе во мојот свет за да можат да уживаат и сами да ја создадат сопствената приказна, која ќе ги доведе до мојата визија, до тоа што јас сакам да го изразам. И овој пат креирав нова визија и нови зборови, кои ја кажуваат вистината за пет жени кои се полни со живот, емоции и енергија. Секоја жена има своја скриена приказна која ќе ни ја раскаже на свој начин“, во пресрет на праизведбата ќе забележи Киров.

Потем во понеделник следува рециталот на младата пијанистка Горјана Стојановска која посега по делата на големите Бах и Скрјабин, на 14 ноември Ансамблот за современа музика „КонТемпора“, преку концертот „Sounds of Spirits“ ќе го стори портретот на англискиот композитор Малколм Дедман, а два дена подоцна на Факултетот за музичка уметност ќе биде чествуван творечкиот опус на Властимир Николовски.

Од друга страна, Ансамблот за народни игри и песни на Македонија - „Танец“ своето континуирано присуство на манифестацијата овојпат ќе го стори со специјално подготвен вокално-инструментален концерт, на 23 ноември саксафонистот Нинослав Димов, придружуван од Маја Поповиќ Караиванова, ќе настапи во КИЦ, а потем публиката со нагласено внимание ќе го проследи концертот на хорот „Про Арс“ на кој е планирано премиерно да прозвучат наградените композиции на конкурсот на Министерството за култура на Република Македонија за нови хорски дела чии автори се Јана Андреевска, Маријана Јаневска, Никола Крстевски, Панде Шахов и Никола Коларовски.

Конечно, за 26 ноември е најавен перформансот на виолинистот Момчило Куфојанакис кој во изведбите на дела од Брамс, Шусон и Прокофиев ќе биде следен од пијанистката Весна Ангелова Христов, за да на затворањето на 16-то издание на манифестацијата со премиерни изведби на дела го чуеме и Оперското дувачко трио во кое членуваат обоистката Татијана Петрушевска, кларинетистот Игор Бакревски и Марјан Милошевски на фагот.

„Есенски музички свечености се провокација за македонското творештво. Не дека немаше концерти за македонските композитори, ги имаме и „Денови на македонска музика“ кои што се одржуваат во април, но освен на Скопско лето каде што вообичаено се одржуваат околу 25 концерти, овде имаме концентрација од настани на кои што профилирано се претставуваат дела од македонското творештво, па дури и цели портрети на македонските композитори. Секако тоа е особена провокација за младите македонски творци кои што добиваат и свој идеал во она што е изминато “, вели Мирко Стефановски, првиот човек на невладината Комисија за култура и уметност – Скопје, организаторите на манифестацијата.

Тој дополнува дека „Есенски музички свечености“ се една сцена плус во презентирањето на своите дострели. На нив творците не само што имаат редовна можност да концертрираат туку и имаат простор да се споредуваат и со меѓународни изведувачи или во копродукција со нив да го изнесуваат македонското или светското творештво. И, она најбитното, како што заклучува Стефановски, „Есенските музички свечености“ имаат претензија особено да се осврнуваат на современото светско и македонско творештво и посебно кон младата публика.

„Тенденција е посебно да се обратиме кон младата публика. И преку концептуализација на програмата, преку пропагандните и дизајнерските механизми...преку сите можни средства што притоа можеме да ги добиеме вклучувајќи ги тука и младите композитори, младите изведувачи...Едноставно сакаме да обезбедиме публика која со нас ќе биде и најмалку во следните 16 години “, вели Стефановски.