Во Македонија нема корупција и криминал?

Претседателот на Државната комисија за спречување корупција Горан Миленков.

Партиите секојдневно се обвинуваат за криминално стекнат имот, а надлежните институции молчат. Нешто навистина е труло во државата Македонија

Антикорупционерите ги обвинуваат надлежните институциите за пасивност и недостаток на волја за решавање на корупциските скандали за кои партиите меѓусебно се обвинуваат. Додека надлежните институции се пасивни или предметите им седат затворени во фиока партиите секојдневно излегуваат со меѓусебни обвинувања за ненаменски потрошени пари.

Ако веќе се обвинуваат едни со други значи има нешто. Не треба да гледа сеир сега антикорупциска. Би требало да отворат предмет. Но, повеќе се партиски послушници отколку професионалци.
Ариф Муса, поранешен антикорупционер.

Вања Михајлова, поранешен член на Антикорупциската комисија, повика надлежните органи да испитаат како ВМРО-ДПМНЕ стекнал имот за неколку години во вредност од 11 милиони евра, на што минатата недела предупредија од СДСМ.

„Тоа се огромни средства. Тие, изворите на средствата, со што е купено, тоа треба да се утврди .Тука веќе доаѓа и она како се финансираат политичките партии. И државниот ревизор има тука надлежност. Партиите според законот не може да имаат профит стекнато, тоа е забрането веќе. Треба и финансиската полиција да провери дали се оданочени тие средства“, вели Михајлова.

До нејзиниот коментар доаѓа откако деновиве ВМРО-ДПМНЕ и Унијата на млади сили побараа опозициската СДСМ да го врати имотот кој го наследила од Сојузот на Комунисти за тој да се реновира и адаптира во нов студентски дом. Опозицијата, пак, возврати дека на овој начин Унијата на млади сили сака да го покрие скандалот со имотот на ВМРО-ДПМНЕ вреден 11 милиони евра што партијата го стекнала најголем дел во 2014 година.

Михајлова вели дека се сомнева дали има основа за покренување постапка во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ да го врати имотот кој го наследил од Сојузот на комунисти.

„Поминатите се години, а знаете дека постои некогаш и приватизација.“

Меѓутоа таа посочи дека институциите не може да молчат за евентуална корупција бидејќи СДСМ прашаа како ВМРО-ДПМНЕ успеало да се стекне со 63 објекти низ државата со близу 12 илјади метри квадратни во вредност од 11 милиони евра.

„Тоа апсолутно треба да се испита. И тоа не само државната комисија туку и други надлежни органи. И обвинителството да реагира. Барем да се покрене постапка“, вели Михајлова.

Поранешниот антикорупционер Ариф Муса констатира постоење на недостаток од политичка волја кај антикорупционерите и другите надлежни институции за справување со корупцијата.

„Ако веќе се обвинуваат едни со други значи има нешто. Не треба да гледа сеир сега антикорупциска. Би требало да отворат предмет. Но, повеќе се партиски послушници отколку професионалци“, вели Муса.

Инаку во извештаите на Прибе и на Стејт департментот една од главните забелешки е дека има голема корупција во државата и дека надлежните институции треба да дејствуваат и да го спречат тоа.

Антикорупциската комисија постојано ја следат критики поради нејзината невидливост и неефикасност, како и селективен пристап. Поранешните антикорупционери уште еднаш потсетија и дека случаите со снимките што ги објави опозицијата треба да бидат на агендата на Антикорупциската комисија.