Достапни линкови

Државните ревизори констатираат, анти-корупционерите игнорираат


Антикорупциската комисија треба по утврдениот негативен извештај за работа на одредена институција што го изготвува заводот за ревизија, да поднесе иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење, но тоа досега не се случило.

Незаконитото работење на институциите и сомневањата за злоупотреби на државни пари евидентирани во извештаите на Државниот завод за ревизија, од Антикорупциската комисија и од Јавното обвинителство не се сфаќаат доволно сериозно, забележуваат експертите. Во отсуство на функционални институции кои треба ревносно да го казнуваат незаконското трошење на јавни пари, постои ризик од дополнително зголемување на корупцијата во јавните набавки, додаваат тие.

Антокорупциската комисија тука не презема ништо, нема поднесено никаква иницијатива. Тука можам да набројам многу примери. Министерството за одбрана за време на двајцата министри коишто беа од ДУИ имаше негативни извештаи, од двојни хонорари до користење службени возила, тоа се многу потрошени пари, а никој за тоа не понел одговорност.
Ана Јаневска Делева, Транспарентност Македонија.

Проблемот лежи во сложеноста на системот, партизираноста на институциите, како и во неусогласеноста на овие три институции кои создаваат свој магичен круг на нефункционалност.

Според законот, Антикорупциската комисија е надлежна по утврдениот негативен извештај за работа на одредена институција, што го изготвува заводот за ревизија, да поднесе иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење, но тоа досега не се случило, вели Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија.

Веројатно би имале многу подобра ситуација доколку се препорача тоа да биде во одредена форма каде би се извлекло од ревизорскиот извештај она што претставува кривично правна супстанца и во дадена форма, во форма на кривична пријава да се достави до Јавното обвинителство. Мислам дека на тој начин ќе се стесни просторот за игнорирање на ваквите состојби.
Драган Малиновски, поранешен антикорупционер.

„Меѓутоа, Антокорупциската комисија тука не презема ништо, нема поднесено никаква иницијатива. Тука можам да набројам многу примери. Министерството за одбрана за време на двајцата министри коишто беа од ДУИ имаше негативни извештаи, од двојни хонорари до користење службени возила, тоа се многу потрошени пари, а никој за тоа не понел одговорност“, вели Јаневска Делева.

Таа додава дека невладината организација Транспарентност Македонија ги следи сите извештаи на ревизорите и за нив може да се каже дека добро си ја вршат својата работа, но ниту еднаш не била покрената постапка за евидентирана злоупотреба на пари.

Основна надлежност на Државната ревизија е анализа на финансиските податоци на институциите и менаџирањето со буџетските пари.

Поранешниот антикорупционер и адвокат, Драган Малиновски, објаснува дека законот вели дека ако ревизорот препознае некоја нерегуларност, треба извештајот да го достави до Јавното обвинителство.

„Веројатно би имале многу подобра ситуација доколку се препорача тоа да биде во одредена форма каде би се извлекло од ревизорскиот извештај она што претставува кривично правна супстанца и во дадена форма, во форма на кривична пријава да се достави до Јавното обвинителство. Мислам дека на тој начин ќе се стесни просторот за игнорирање на ваквите состојби“, вели Малиновски.

Јаневска Делева смета дека е потребно да се направат законски измени со кои сами ќе може да поднесат кривична пријава.

Во последниот извештај на Државниот завод за ревизија е наведено дека речиси 80 проценти од нивниот буџет го трошат за плати и дека речиси секоја година, Владата одвојува помалку пари за ревизорите.

„Редовно се намалува и на Антикорупциската комисија и на Државниот завод за ревизија, на сите институции надлежни за нас. Од тоа може да донесеме заклучок дека транспарентноста и отчетноста не се јака страна на оваа владејачка партија“, вели Јаневска Делева.

Според извештајот на европските експерти предводени од Рајнхард Прибе, корупцијата е најсериозниот проблем со кој се соочува Македонија. Во неговиот извештај е нотирано дека постојат сериозни индиции за политичка корупција на различни нивоа и дека борбата против неа треба да стане врвен приоритет. Како причини за несправувањето со овој проблем во извештајот се наведени телата за надзор и контрола кои се кријат и се оградуваат од одговорност со тоа што го толкуваат законот во минималистички рамки.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG