Наташа Атлас и Керим Ѓорсев на Музика од светот 2015

Наташа Атлас, пејачка.

Со учество на Наташа Атлас, уникатната белгиска пејачка која се обидува да ги обедини источните и западните музики, и врвниот турски џез пијанист Керим Ѓорсев, кој ќе настапи со своето трио и со Камерниот оркестар на Битола под диригентство на Сашо Татарчевски, на 5 и 6 ноември ќе се одржи седмиот фестивал „Музика од светот“, манифестацијата што како организатор ја потпишува Центарот за култура - Битола и која во изминатиов период несомнено израсна во едно од позначајните културни случувања во регионот.

Навистина сум среќна што со мојот состав доаѓаме во Битола, во Македонија, за да го отсвириме материјалот од нашиот нов албум „Myriad Road“. Ќе ни треба да смениме два авиона и уште долго да се возиме по патот дотаму, но сигурна сум дека ова патување ќе вреди!

Атлас говори и пее на повеќе светски јазици, позната е и по своите јавно изговорени политички ставови против расизмот и е амбасадор на добра волја на Конференцијата против расизмот на Обединетите нации.

Ова е содржината на пораката што Наташа Атлас ја постираше на својот профил во пресрет на седмото издание на фестивалот „Музика од светот“, кое ќе се одржи на 6 и 7 ноември во Центарот за култура во Битола, и каде таа, несомнено, треба да биде вистинска мамка за љубителите на музиката без огради. Со нејзиното прво доаѓање во земјава веројатно ќе бидат конечно исполнети очекувањата на сите оние кои своевремено пожелуваа да биде дел од тимот што тогаш го чинеше ТРАНСГЛОБАЛ АНДЕГРАУНД, составот кој заедно со НАСАО ЗУМБИ настапи на плоштад Македонија во рамките на „Оф-фест“ во 2005 година.

Но, да го тргнеме тоа на страна. Родена на 20 март 1964 година во Брисел, Наташа Атлас е пејачка најмногу позната по нејзината фузија на арапската и западната електро-поп музика.

Својот пат во светот на музиката го започна со ТРАНСГЛОБАЛ АНДЕГРАУНД, за да веќе во 1995 година се фокусира на солистичката кариера објавувајќи го деби изданието „Diaspora“. Од тогаш до денес има потпишано седум дискографски објави, има соработувано со композиторот Дејвид Арнолд кој има многу музики за филмовите од серијалот за Џејмс Бонд, со славниот француски автор на електронска музика Жан Мишел Жар, басистот Џах Вобл, Израелецот Јасмин Леви, со британскиот виолинист Најџел Кенеди, нејзиниот глас може да се чуе во американската серија „Сексот и градот 2“, во филмовите на Кореанецот Ким Ки Дук, Ридли Скот... Во 2008 година ја отпеа водечката тема за албумот на Питер Гебриел - „Big Blue Ball“, две години подоцна го сними „Moungaliba“, на кој со ко-продуцентот и сегашниот партнер, британско-египетскиот виолинист Семи Бишаи ги истражуваат класичната инструментализација, џезот и традиционалните арапски стилови, материјал инспириран од поемите на големиот индиски поет Рабиндрат Тагоре. Во мај 2013, Атлас го обелодени извонредниот концертен албум снимен во Тулуз, Франција, а истата години беа публикувани и кутијата со пет нејзини најзначајни изданија и компилацијата со најуспешните песни во досегашната кариера.

Ова пак и остави простор за нови потраги, па така делумно растоварена од минатото, таа на 26 октомври годинава на публиката и го дари „Myriad Road“, албумот на кој ги обедини силите со извонредниот либанско-француски трубач, композитор и продуцент Ибрахим Малуф, нам добро познат по извонредниот настап на Скопски џез фестивал во 2013 година.

Промотивните активности за ова остварување ги започна со концертот во Париз, за да по настапите во Женева, Минхен, Вроцлав, ја видиме и во Битола.

Инаку, Атлас говори и пее на повеќе светски јазици, позната е и по своите јавно изговорени политички ставови против расизмот и е амбасадор на добра волја на Конференцијата против расизмот на Обединетите нации.

Од друга страна, турскиот пијанист и композитор Керим Ѓорсев нималку не е непознато име на интернационалната сцена. Класично образуван, но силно инспириран од џез гигантите Чарли Паркер, Мајлс Дејвис и посебно Бил Еванс, тој кариерата ја почнал во Истанбул свирејќи со мнозина локални, но и светски познати музичари. Првиот успех го бележи со „Елвин Џоунс џез машн“ свирејќи на фестивалот во Ескишир во 1999 година, потем следуваат неговите настапи во формација на трио или квартет по светот, бележити се перформансите на сцените во Баку, Вилнус, Копенхаген, Штутгард, Исламабад, Кипар, Виена, Болоља...албумот „Therapy“ го снимил со Лондонскиот филхармониски оркестар под диригентство на Алан Бродбент, со Филхармонискиот оркестар на Прага ја сторил својата посвета на омилениот Бил Еванс во 2013 година, а лани во октомври, со својот квартет во кој биле и двојниот добитник на наградата Греми – американскиот саксофонист Ерни Вотс, Каган Јилдиз на бас и Ферит Одман на тапани, го публикуваа одличниот албум „Emigrant“.

На „Музика од светот 2015“ триото на Керим Ѓорсев ќе биде придружувано од Камерниот оркестар – Битола со кој овој пат ќе раководи маестро Сашо Татарчевски.

Инаку, за време на Фестивалот ќе биде промовиран „Шербет Љубојна“, новиот албум на ЉУБОЈНА и гостинот Исмаил Лумановски, чиј издавач е НУ Центар за култура - Битола. Конечно, „Музика од светот 2015“ е поддржан од Министерството за култура, а партнери на овој културен настан се Францускиот институт и Француската алијанса со седиште во Битола.