Пренатрупана администрација, а неефикасна и нетранспарентна

Се зголемува бројот на вработени во јавната администрација, а се намалува нејзината ефикасност.

Политичката криза ја држи длабоко долу на агендата реформата на јавната администрација. Во изминативе десетина години за речиси три пати е зголемена бројката на вработени во јавниот сектор, а при тоа ефикасноста, транспарентноста и достапноста на граѓаните до администрацијата е намалена, вели Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование. Тој смета дека во јавната администрација постојат контрадикторности. Од една страна има превработеност, а од друга страна недостасува кадар во клучни сегменти од општествениот живот како што градинки, училишта, болници. Маричиќ вели дека политичкиот рецепт – која партија повеќе ќе вработи партиски војници ќе победи на изборите е погубен за државата на долг рок.

Тоа на долг рок или на среден рок ќе биде погубен рецепт за повлекување на државата во банкрот, тоа е некое грчко сценарио за управување со државниот буџет, затоа што во овој момент тоа финансирање на администрацијата функционира од кредитите што ги зема владата и од комерцијални банки и од меѓународните банки.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

„Тоа на долг рок или на среден рок ќе биде погубен рецепт за повлекување на државата во банкрот, тоа е некое грчко сценарио за управување со државниот буџет, затоа што во овој момент тоа финансирање на администрацијата функционира од кредитите што ги зема владата и од комерцијални банки и од меѓународните банки“, вели тој.

Пратеничката Лидија Димова од СДСМ вели дека е тешко да се трансформира неефикасната администрација во ефективна, особено затоа што нема реални податоци за тоа во каква состојба е администрацијата, но во програмата на СДСМ не е предвидено отпуштање на вработени од администрацијата, затоа што така би се зголемила сиромаштијата во земјава.

„Има неколку групи кои треба да се плашат, не од отпуштање, меѓутоа животот ќе им биде малку потежок. Значи, тие коишто седат дома, а земаат плата, имаме таква една група, имаме една друга група која се води како државна администрација, а всушност работат партиски активности, не знаеме колку се такви, сè уште бројките се шпекулативни, но тие ќе бидат двете групи коишто стварно ќе треба да се насекираат, доколку дојде до промена на власт“, вели таа.

Извршната директорка на Центарот за управување со промени Неда Малеска Сачмароска вели дека додека во Македонија нема развиен пазар на труд со високо платени работни места, многу малку е веројатно дека ќе може да се зборува за намалување на администрацијата без социјални последици.

„Администрацијата ќе е едно фантастично место за работа со поволности какви што ниеден друг сектор не нуди, мислам просечната плата во јавната администрација е 22 илјади, кога ќе земете со сè бруто износи и кога ќе пресметате да платите дополнителни трошоци, за нас кои работиме во приватниот сектор тоа е еден сериозен влог во смисла на обезбедување на работа, обезбедување на плата, а овде имате една фина комоција. Ниеден сектор, освен банкарскиот и ИТ секторот за технологии и услуги, само тие два сектори се малку подобро платени од јавната администрација“, вели таа.

Директорката на фондацијата за мали и средни претпријатија Светлана Киревска вели дека во јавната администрација постои системска грешка која се провлекува во последниве дваесетина години и го оневозможува следењето на процесот на спроведување на европски реформи.

„Системска грешка која резултира со убивање на секоја креативност и иницијативност кај јавните службеници и доведува до упросечување. Ако тоа го ставите комбинација со тоа што се случува во последните години и партизацијата на службениците, тогаш оваа состојба драстично се влошува. Добивате администрација која не е способна да го прати процесот па дури и кога ќе има за тоа политичка волја“, вели таа.

На денешната дебата за реформите во јавната администрација, што ја организираа фондацијата Фридрих Еберт, Институтот за социјална демократија и Македонскиот центар за европско образование, не се појави ниту еден од најавените преставници на владината коалиција.