Тука ни хорор филм не би се снимил, оти е премногу страшно, вели студентот Демијан Хаџи-Ангелковски од Студентскиот пленум со кога бевме во прошетката низ студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Проблемот е што ние сме премногу далеку од пристојни услови во овој момент и искрено ќе ви кажам ја сфаќам потребата кај голем дел од моите колеги коишто сакаат да ја напуштат земјата.Демијан Хаџи-Ангелковски, Студентски пленум.
„И покрај тоа што најлогично би било да се жалат од самите услови во собите, од мувлата, од сите прокиснувања, од лифтовите коишто пола од времето не работат, најчеста поплака, барем јас што ја имам слушнато од студенти кои живеат тука е дека се жалат на храната. Најчесто таа е бајата и ладна и многу често се случуваа внатре да има инсекти, бубашваби и слично. Изгледа дека храната е најстрашниот проблем кој „Гоце“ го има во моментов.“
Во студентскиот „Гоце Делчев“ се сместени околу 900 студенти. Нивната приказна излегува на виделина по секој пообилен дожд кога ќе им прокапе во собите, па се срушил плафон, па паднал лифт, се запалила некоја просторија. Со години се апелира условите да се подобрат.
Притисоци за тие кои зборуваат јавно
Минатиот викенд дождот повторно ја актуализираше состојбата во Гоце. Повторно на социјалните мрежи осамнаа фотографии кои сведочат за ужасната состојба. Но и покрај сè поголем дел од студентите кои живеат таму претпочитаат да зборуваат анонимно или воопшто да не зборуваат, плашејќи се дека ќе го изгубат и тој, каков-таков, кров на главата.
„Имаат притисоци, пред се управителска контрола, значи ако им доаѓала на три дена, сега им доаѓа секој ден, проверува дали има друг луѓе по собите, што прават тие други луѓе, добиваат опомени доколку бидат забележани за некои работи и токму поради тоа нема премногу изјава, да излезат на телевизија да зборуваат, затоа што се плашат од сето тоа, затоа што ова им е дом, каков-таков, тука живеат, тие им се условите, навикнати се и тоа е страшно, ама кога немаат друго се навикнуваат и на овој“, вели студентката Јана Нашулова од Студентскиот пленум.
Токму поради тоа нема премногу изјава, да излезат на телевизија да зборуваат, затоа што се плашат од сето тоа, затоа што ова им е дом, каков-таков, тука живеат, тие им се условите, навикнати се и тоа е страшно, ама кога немаат друго се навикнуваат и на овој.Јана Нашулова, Студентски пленум.
„Зелени ѕидови, црна хроника“
Во документарниот филм „Зелени ѕидови, црна хроника“, студентката Сандра Ѓоргиева која студира филмска и ТВ монтажа на Факултетот за драмски уметности, во класата на Лазар Секуловски и Владимир Павловски, го прикажува секојдневието на студентите сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Јас живеев во тие услови и мислам дека најдобро би можела да го претставам целиот тој кошмар таму. Не може да помине еден ден каде се ќе биде перфектно, кадешто ќе станете наутро, ќе отидете да се истуширате, ќе имате топла вода, потоа ќе отидете надолу, ако се на 14 кат, со лифт ќе се симнете и потоа би ве пречекала некоја топла храна и потоа среќни ќе си тргнете на факултет, значи тоа не постои. Ако има топла вода, нема да работи лифтот, ако водата е ладна, ќе работи лифтот, значи секогаш имаше нешто што фали, а некогаш ниту една од тие трите основни работи не постоеја.
Една од идеите на вашиот филм е будење на студентите, да станат свесни и да си ги побараат своите права. Но и понатаму поголемиот број молат, велат се плашат. Може ли да се промени состојбата?
„Таа состојба може да се промени, секако дека може да се промени ако студентите заедно се соберат, ако ги има во поголем број, бидејќи така ќе бидат погласни, тие се уште се плашат, се уште постои тоа прашање –Зошто јас, а не тој, јас ќе бидам единствен, тоа впрочем го има во филмот, тие нивни најчесно поставувани прашања. И мислам дека ако тие заедно се освестат, како што беше идејата на настанот „Заокружи го Гоце“, ќе може да се собере една поголема група која ќе мора да биде ислушана, ќе придонесат за некоја промена.“
Во продолжение целиот разговор со Сандра Ѓоргиева, авторката на филмот „Зелени ѕидови, црна хроника“ .
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На филмот „Зелени ѕидови, црна хроника“, работеле и студентката Јована Мишковска, која студира продукција во класата на Игор Вецовски, студентите Марко Димитриевски и Кристијан Караџовски кои студираат филмско и ТВ снимање во класата на Горан Трпчевски, а композитори се Трајко Симоновски и Оливер Настевски од Факултетот за музичка уметност во класата на Дарија Андовска.
Јована Мишковска која е продуцент на филмот „Зелени ѕидови, црна хроника“, исто така живеела во студентскиот дом Гоце Делчев. Ова се нејзините впечатоци.
„Јас таму живеев две години, сега се најдов во ситуација дури откако не живеам таму да сфатам низ што се сум поминувала, настрана од филмот, дури сега откако се оддалечив од целото тоа место, кога ќе ги видам сега сликите што излегуваат на социјалните мрежи, јас се фаќам себе си како размислувам – добро како сме го издржувале сето тоа. Тоа е една средина каде буквално не се задоволени основните услови за живот.“
Како изреагираа македонската публика, студентите кои живеат таму, кога го погледнаа филмот?
„Дел од студентите кои исто така учествуваа во филмот, кои дадоа нивни изјава беа присутни на премиерата пред македонската публика на фестивалот „МакеДокс“, тоа беше доста интересно заради тоа што тие студенти живееле таму, тие зборуваа за тоа, но кога сега го погледнаа филмот од одредена дистанца и тие на некој начин сфатија низ што се поминале и имавме реакции како – навистина не знаевме дека ни е толку лошо.“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Но не е само „Гоце“
Студентскиот „Гоце Делчев“ предничи по лошите услови, но и другите домови не се за фалење, вели Демјан Хаџи Ангелковски од Студентскиот пленум.
„И покрај тоа што сега засега сме сконцентрирани најмногу на студентскиот дом Гоце Делчев, бидејќи тука и самите услови се најстрашни, се чини дека и во другите домови ситуацијата не е нешто многу подобра. Исто и студентите што се од студентскиот „Кузман Јосифовски Питу“, се жала дека многу често се случува да немаат парно греење во зимскиот период, исто така голем проблем е дека нема топла вода за туширање.“
Ветување за нов студентски дом
По фотографиите на социјалните мрежи на кои се гледаат прокиснатите тавани и тоа како на студентите во „Гоце Делчев“ им врне во собите, премиерот Никола Груевски во интервју на Сител рече дека Владата интерно донела одлука да се гради нов студентски дом. Според него локацијата каде ќе се гради домот уште не е утврдена, а капацитетот би бил од 500 до 100о студенти. Премиерот вели дека постоечките домови ги реновирала, а се работи и на реновирање на студентскиот „Гоце Делчев“.
„Ние како Влада интерно веќе имаме донесено одлука за изградба на нов студентски дом во Скопје. Постоечките студентски домови се од нас реновинарни. Изградени се и нови, нов комплекс во Гази Баба, а останатаите се реновираа темелно. Имавме одредени реновирања во „Кузман“, по нешто и во „Гоце Делчев“, рече Груевски.
Од СДСМ преку соопштение реагираа на изјавата на премиерот, велејќи дека таа е малку задоцнета, оти како што пишува во соопштението „премиерот во заминување нема повеќе што да ветува за младите и студентите. Единствен негов „успех” е што исели од државата над 400.000 граѓани, а 75 проценти од младите се гледаат надвор од Македонија, реагираат од СДСМ.
„Гоце Делчев“ се реконструира во неколку фаза со средства обезбедени од страна на Владата и Министерството за образование и наука. Прво реконструираниот оддел Б се очекува да биде пуштен во употреба следниот месец. Целосната реконструкција на домот се очекува да биде завршена во текот на 2017 година.
Хронологија на едно реновирање
По секое излегување информации во јавноста за катастрофалните услови во Студентскиот дом Гоце Делчев, премиерот Никола Груевски најавува реновирање на домот. Откако во април 2013 година, таму изби пожар, премиерот најави дека наскоро ќе започне реконструкција на опожарениот блок и дека ќе се гради нов Студентски дом на местото на бараките на Медицинар. Минатата година во март, откако фотографии од лошите услови во домот излегоа и во светските медиуми, Груевски, во интервју за ТВ Сител, рече дека студентите се во право и оти има доцнење во реконструкцијата и оти ќе започне итна реконструкција. Пред неколку дена, пак, исто така во интервју за Сител повторно најави изградба на нов студентски дом. Инаку, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во предизборната програма за изборите од 2006 година, кога доаѓа на власт, ветува реновирање на сите студентски домови до крајот на 2009 година, но од тоа ветување не излезе ништо. Во предизборната програма за предвремените парламентарни избори во 2008 година, владејачката партија се фали со почетокот на изградба на нов студентски дом на местото на бараките на Студентскиот дом Стив Наумов и започнатата реконструкција на машката зграда во овој дом во Скопје и истовремено најавува најмалку уште еден студентски дом, кој ќе се изгради по принципот на јавно приватно партнерство, но и од тоа ветување не излезе ништо. Во предизборната програма за предвремените парламентарни избори во 2011 година, пак, нема ниту збор за студентските домови. Во предизборната програма за минатогодишните избори, пак, владејачката партија најавува комплетно реновирање на Студентскиот дом Гоце Делчев, кое треба да заврши до 2016 година.
Студентски домови лика и прилика на општеството
Поранешниот претседател на СПУКМ, Самоил Малчески вели дека најголема вина за состојбите во студентските домови има раководството на домовите.
„Бидејќи затаиле во нивното редовно одржување, како и надлежните во Министерството за образование и наука коишто очигледно тераат политики наместо да си ја работат работата за која се избрани на функција.“
Но додава Малчески, тука се и студентите, нивната неактивност ја дополнува и така лошата слика која сите ја знаеме.
„Доколку би биле малку поактивно, доколку малку повеќе би се бореле за своите права коишто нормално им следуваат секако дека нема да се доведе до оваа ситуација. Исто така неактивноста на студентските претставници, барем на оние кои некогаш, пред некое време биле формално-правно избрани на некои избори, коишто членуваат во сите тие тела Управни одбори, Совети на станари, Комисии, исто и тие сносат голем дел од одговорноста бидејќи не реагирале на време за да се санираат штетите коишто настанале со тек на време, бидејќи сите знаеме дека тие студентски домови не се реновирани со години“, вели Малчески.
За време на неговиот мандат беше реновиран студентскиот дом Стив Наумов. Малчески вели дека не е лесно да се излобира такво нешто, но дека е потребна упорност.
„Ние секогаш тргнувавме од максимата дека не успеал само оној што се откажал од своите намери, не велам дека беше лесно да се успее да се извојува таа битка, но сепак ние бевме упорни во укажувањата и во кажувањата и во оние формални преписки меѓу СПУКМ и тогашното раководство на Министерството за образование и наука и на крај успеавме да ги убедиме дека треба да се почне од она што во тој момент беше најголем проблем, тогаш беше студентскиот дом Стив Наумов.“
Поранешниот министер за образование Сулејман Рушити дека студентските домови се слика и прилика на сите состојби во државата, па затоа вели тој потребен е нов почеток во политиката за да се стави ред во државата. Тој вели дека на политичарите образованието им е на крај.
„На крај е образованието бидејќи резултатите во образованието не се видливи веднаш, туку се чека 4, 8 до 12 години, значи за да се инвестира реално во образованието треба да имаме државници, државници кои не размислуваат до следните избори, туку размислуваат за средување на државата, размислуваат за следните генерации.“
Тој додава дека му се менува само фасада на образованието, наместо да се менуваат работите во суштина.
„За жал сите тие реформи кои започнуваа сите овие 25 години, тие закони кои требаше да се менуваат на патот на Македонија кон ЕУ, за жал, тие формално се усвоени и донесени, но како и за многу други закони, државата не ги почитува истите.
Не е чудо што младите си одат
Во меѓувреме во хрватскиот град Пула од оваа академска година е пуштен во употреба студентски дом кој зафаќа површина од 3.000 квадратни метрии има капацитет од 147 легла. Во него освен класичните соби, за студентите на располагање се иапартмани кои имаат по две бањи и кујна. Во домот има ресторан и пицерија, комплетно е адаптиран за потребите на студенти со инвалидитет, а инвестицијата чини 5 милиони евра.
Студентот Демијан, нашиот водич низ студентскиот дом „Гоце Делчев“, вели дека сме далеку од светските стандарди за сместување на студентите.
„Проблемот е што ние сме премногу далеку од пристојни услови во овој момент и искрено ќе ви кажам ја сфаќам потребата кај голем дел од моите колеги коишто сакаат да ја напуштат земјата. Тоа за мене лично е многу страшно, од аспект колку многу млади сакаат да си одат од Македонија, само бидејќи живеат во вакви мизерни услови и едноставно сакаат подобро високо образование, тоа мислам дека е нешто на што може да се работи и што може да се поправи.“