Прилепчани не може да избегаат од политика

Прилеп.

Граѓаните на Прилеп се оптоварени со политичката криза. Велат утрата ги започнуваат со вести, а така и го завршуваат денот. И тогаш кога ќе заминат в чаршија, не може да избегаат од политиката, на секоја маса во кафеанчињата, анализите продолжуваат.

Секојдневието во Прилеп, покрај со реални животни проблеми, деновиве е обременето со политички стеги. Граѓаните будно го следат секој чекор на политичарите, текот на преговорите за реализација на договорот од Пржино. Велат утрата ги започнуваат со вести, а така и го завршуваат денот. И тогаш кога ќе заминат в чаршија, не може да избегаат од политиката, на секоја маса во кафеанчињата, анализите продолжуваат. Секој има свој дефиниран став за секое актуелно прашање. Сега очите им се свртени кон специјалната обвинителка и бројните анкетирани немаат дилеми по прашањето дали да се формира специјално обвинителство.

Да се спроведе истрага и да се види правата вистина, што е и како е, дали има или нема криминал, кој правел криминал, ако правел да си одговара секој и така.
анкетиран жител на Прилеп.

„Тоа е како еден експеримент, да се надеваме дека ќе успее и дека како што е замислено ќе ја оправда целта на формирањето.“

„Да се спроведе истрага и да се види правата вистина, што е и како е, дали има или нема криминал, кој правел криминал, ако правел да си одговара секој и така.“

„Очекувам да има некој исход, ако успее да ја расчисти ситуацијата.“

„Нам не ни требаше јавен обвинител, да дојдеме до тој степен Македонија, да се плаши дали ќе постои или не“, велат анкетираните граѓани.

Прилепчани се едногласни дека Македонците од дијаспората треба да гласаат, но сепак се подвоени по прашањето дали овие граѓани да имаат и свои пратеници во Собранието.

„Гледајќи ги и другите држави, би требало дијаспората да има свој глас.“

„Тие во ред да си гласаат, да си дојдат, да си гласаат, ама за пратеник не сум, затоа што тие не можат проблематиката наша да ја почувствуваат на свој грб.“

„Треба да имаат свои пратеници, треба, и тие се Македонци.“

„Кога земаат тие пензии од таму, па што да не гласаат.“

„Не знам, не сум сигурна, гласањето како ќе биде, арно велат луѓето.“

„Значи треба да биде правилото, како што важи тежината на гласот кај нас, така и кај нив“, велат прилепчани.

Граѓаните очекуваат, но и порачуваат да успее договорот од Пржино, зашто сметаат дека е единствена алтернатива за опстанок на државата.

„СДСМ малку си поставуваат поголеми барања, но сметам дека сепак ќе најдат компромис.“

„Да се надеваме дека ќе имаат доблест политичарите да се договорат, за доброто на Македонија.“

„Мора да успее, ако сакаме просперитет на државата и опстанок на државата, во спротивно црно ни се пишува на сите.“

„Сега не гледам некоја ни позитивност, ни ништо, некој статус кво, дури не се прифати тој договорот од Пржино, да се реализира целосно.“

„Македонија е во многу тешка ситуација и за оваа ситуација се одговорни двете партии“, велат анкетираните граѓани.

Во очекување на исход од реализацијата на договорот од Пржино и од изборите закажани за април следната година, атмосферата во Прилеп, очигледно се менува. Граѓаните имаат многу повеќе храброст да говорат отворено за своите проблеми, гласно да го кажат своето незадоволство. Не сакаат да посочат на својот идентитет, но не од страв, туку како што велат, своето легитимно право на глас, ќе го искористат на изборите.