Ефемерки со „Контекстер против Дискурзор“ во Музеј на Град Скопје

„Контекстер против Дискурзор“ е насловен перформансот на уметничкото дуо ЕФЕМЕРКИ, кое го сочинуваат Драгана Заревска и Јасна Димитровска, што ќе биде изведен овој вторник, на 13 октомври, во 20.30 часот, во Отворено графичко студио на Музеј на град Скопје. Станува збор проект кој неодамна беше изведен на арт-фестивалот „Градот на жените“ во Љубљана и со кој се испитуваат мерките на дисциплина спроведувани во светот на академијата и уметноста.

По „Леле метод“ со кој дебитираа како уметничко дуо ЕФЕМЕРКИ во 2011, потем „Арт колонија“ и „Ретроспективна изложба“ - обата наредната година, „Елегија за Рамно“ и „Космонаут под стечај“ во периодот што следуваше, Драгана Заревска и Јасна Димитровска еве ги и со нивната шеста заедничка последователна пројава „Контекстер против Дискурзор“.

Во суштина пробува да критикува и да постави прашања за манирите на дисциплина и начините на кој дисциплинираат центрите кои промовираат критичко мислење како уметничките и академските кругови бидејќи тие неретко го реплицираат познатиот корпоративен модел, иако цело време го критикуваат.
Драгана Заревска, уметница.

Македонската премиера на овој перформанс ќе биде овој вторник, на 13 октомври, во 20.30 часот, во Отвореното графичко студио на Музеј на град Скопје, а како што велат уметниците, се работи за еден вид форма на псевдо-предавање во кој се испитуваат мерките на дисциплина спроведувани во светот на академијата и уметноста.

„Контекстер против Дискурзор“ е перформанс од хибридна природа спакуван во форматот на псевдо предавање и вклучува и други елементи како музика, разни анегдоти, игри на зборови, куп елементи кои го прават тоа што е. Алудира на референцата од популарната култура, во случајов филмот „Вонземјанин против предатор“, а во суштина пробува да критикува и да постави прашања за манирите на дисциплина и начините на кој дисциплинираат центрите кои промовираат критичко мислење како уметничките и академските кругови бидејќи тие неретко го реплицираат познатиот корпоративен модел, иако цело време го критикуваат“, истакнува Заревска.

Вели дека во неколку слоеви овој 40 минутен перформанс ги имитира нивните манири на дисциплина или едноставно гротескно ги прикажува и испитува. Дополнува дека проектот оригинално е напишан на англиски јазик и дека тие сега се обидуваат автентично да го преведат на македонски „за да биде толку магичен како во изворната варијанта“ со која на 5 октомври ЕФЕМЕРКИ зедоа учество на арт-фестивалот „Градот на жените“ што се одржа во Љубљана, Словенија.

Јасна Димитровска појаснува дека тие на Манифестацијата биле повикани да учествуваат додека проектот бил во претпродукција што подразбира дека организаторите им се обратиле безмалку „на невидено и дека верувале во нив оти можат да произведат нешто квалитетно“. Забележува дека тие иницијалната идеја за „Контекстер против Дискурзор“ ја имале уште пред една година, но дека досега не можеле да ја реализираат поради поединечните проекти кои разбирливо биле врзани за различни средини и држави во Европа. И, кога веќе се зафатиле со неговото обистинување, организаторите на случувањето им ги овозможиле сите технички предуслови за да се претстават на начин на кој самите пожелуваат.

„Во секој случај нам ни беше голема чест да бидеме дел од Фестивал каде што настапувале имиња како Миранда Џули, Мередит Монк, Лори Андерсон... или Ерика Штуки годинава. Станува збор за манифестација каде што експерименталниот медиум или формат е најчесто застапен. Наредниот ден имаше и панел дискусија на која што можеше подлабоко да се дискутира за проектите, а и да се остварат одредени релации со уметниците од тамошната локална сцена“, вели таа.

Димитровска дополнува дека станува збор за проект, за една материја која што се доразвива и дооформува, и дека сега со преводот тие очекуваат на поразличен начин да биде примен целиот концепт.

Интересно е и тоа што за двете верзии на проектот ЕФЕМЕРКИ изготвиле и две сосема различни музики.

„Најверојатно перформансот ќе трпи разни типови на прилагодување на сцените на кои што ќе треба да биде прикажуван во иднина затоа што поради неговата природа – целиот е потпрен на игрите со јазик. Тоа значи дека ќе треба да го видоизменуваме од држава до држава од каде што ќе стигаат поканите за учество што нам многу ни се допаѓа, а со самото тоа покрај текстот и песните ќе се менуваат што е супер вежба и за нас како негови авторки“, ќе рече Заревска.

А, кога сме веќе кај идните претставувања во странство, уметниците веќе имаат добиено неколку покани за учество, но во моментов не би сакале да говорат сè додека тие не станат и официјални.