Астибо џез фестивал 2015 за промоција на македонскиот џез

Џијан Емин трио.

Со учество на неколку домашни постави како триата на Дамир Имери и Џијан Емин, ТОТАЛ ЏИМ и ФОЛТИН, во Домот на младите во Штип, од 28 до 30 септември, ќе се одржи шестото издание на „Астибо џез фестивал“. Манифестацијата, по едногодишната пауза, се враќа во нов, есенски термин, а целта и натаму останува иста – да ги промовира македонскиот џез и случувањата на локалната сцена.

Во градот под Исарот наново ќе се свири џез. По едногодишната пауза условена од реновирањето на Домот на млади, во нов термин, возобновен е стариот и добар „Астибо џез фестивал“. Неговиот императив, од основањето во 2009 година до денес, беше главно да ги промовира македонскиот џез и случувањата на локалната сцена. Да ја одржи врската со живата и богата традиција на градот и да биде случување кое ширум ќе ги отвори портите за младите таленти кои своето образование и вештини ќе ги стекнуваат на Џез академијата при Универзитетот „Гоце Делчев“.

Во 2014 година во Домот на младите, поради реконструкцијата, просторно немавме услови да го организираме овој фестивал, меѓутоа овојпат нималку не се двоумевме да се зафатиме со организацијата на манифестацијата чија што цел генерално е да им помогне на младите да ја препознаат квалитетната музика.
Вишна Шорова, директорка на Дом на млади – Штип.

Владан Дробицки, музичар.

„Во 2014 година во Домот на младите, поради реконструкцијата, просторно немавме услови да го организираме овој фестивал, меѓутоа овојпат нималку не се двоумевме да се зафатиме со организацијата на манифестацијата чија што цел генерално е да им помогне на младите да ја препознаат квалитетната музика. Да ги анимираме и ангажираме и сите оние кои што студираат на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип да доаѓаат кај нас, да ги следат овие случувања, а исто така нашата заложба е да дадеме многу поголемо значење на македонската музика и македонските изведувачи, во случајов со Фестивалот, ставајќи акцент на џез музичарите“, вели Вишна Шорова, директорка на Дом на млади – Штип.

Оваа година комплетната програма на „Астибо џез фестивал“ му е посветена на македонскиот џез. Тоа од една страна е секако добро, но од друга и по малку дискутабилно. Не сум сигурен дека исклучиво така треба да биде. Јас сметам дека музичарите треба да се мешаат, независно од каде доаѓаат. Но, конечно, сепак за поздрав е моментот дека постои платформа каде што македонските џез музичари сериозно се подготвуваат за настап на фестивал во нашата земја или надвор од неа.
Тони Китановски, музичар.

Почетокот на шестото издание на „Астибо џез фестивал“ им припадна на ОПЕН ЏЕЗ КВАРТЕТ (дружината во која што музицираат Русев, Јаневски, Алич и Ангелов), а по нив следуваше настапот на триото на мултиинструменталистот, композитор и диригент Џијан Емин. Во него, покрај лидерот, се и искусните Оливер Јосифовски на бас и Гоце Стефковски на тапани и ова, по августовскиот „Прилеп џез викенд“, беше нивна втора фестивалска пројава со музика која допрва треба да биде документирана. Инаку, во пресрет на нивните настапи се случи и џез работилница на која модератор беше професор Тони Китановски.

Тој забележува дека обично работите во културата кај нас тешко се градат, а лесно се рушат. Затоа, според него, само за поздравување се ваквите заложби за возобновување или одржувањето на фестивал чиј потписник како организатор е еден Дом на млади. Вели дека тоа е институцијата чија функција е да ги собира младите луѓе, студентите, дека тоа е местото каде тие можат да ги претстават своите знаења и вештини, своите таленти и конечно просторот кој на многумина ќе им ја понуди можеби и првата средба со највиталната и најслободната музичка мисла, со џезот.

„Оваа година комплетната програма на „Астибо џез фестивал“ му е посветена на македонскиот џез. Тоа од една страна е секако добро, но од друга и по малку дискутабилно. Не сум сигурен дека исклучиво така треба да биде. Јас сметам дека музичарите треба да се мешаат, независно од каде доаѓаат. Но, конечно, сепак за поздрав е моментот дека постои платформа каде што македонските џез музичари сериозно се подготвуваат за настап на фестивал во нашата земја или надвор од неа“, вели Китановски.

За вториот ден од Фестивалот закажани се настапите на ТОТАЛ ЏИМ, дружината во која што се Џоле Максимовски на бас, Дино Милосављевиќ на тапани ( обајцата од КАБАДАЈАС, ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО...), Владан Дробицки на тромбон и Васко Бојаџиски на саксофон (членови на СЕТСТАТ, БИГ БЕНДОТ НА МРТВ...), и потем триото на легендарниот пијанист, аранжер и автор Дамир Имери, а во кое се и неговиот син Ади на гитара и тапанарот Благој Антовски (инаку членови на Д БЛЕК ЕНД СОШЛ КЛАБ).

Конечно, за среда напладне е закажана трибината на тема „Џез музиката во Македонија“, а завесата на шестото издание на „Астибо џез фестивал“ ќе биде спуштена со перформансот на разсвирените ФОЛТИН, чие присуство со материјалот од долгогодишната кариера и успешната пловидба во многу правци на една ваква, демек „структуирана“ манифестација, може да оди само во прилог на отфрлањето на стегите кои во практика единствено значат поткрепа на форматот наспроти реалната потреба за чествување на творечката слобода.