Госпоѓо Дивјак Томиќ, мигрантската криза создаде нови тензии на Балканот и меѓусебни обвинувања на политичките лидери за начините како земјите да се справат со неа. Колку решението е затворање на границите?
Пред сè морам да кажам дека сите се согласуваме оти оваа криза е најголемата во Европа по Втората светска војна во која за жал и мојата и вашата земја, Македонија и Србија, се многу погодени, бидејќи се најдоа во една специфична ситуација, од која и географски е засегната и ЕУ поради големиот прилив на мигранти. Реката на мигранти тече веќе години наназад, но во последните месеци ситуацијата е интензивирана и проблемот бара сериозен пристап и сеопфатно решение за мигрантската криза. Последниве неколку месеци сведоци сме дека бројката на мигранти значително порасна и еден убедлив податок кој може да го кажам е дека во 2008 година во Србија во текот на целата година вкупно транзитирале 77 мигранти, а во последните месеци од јануари до септември имавме преку 170 илјади бегалци и мигранти кои поминале низ територијата на Србија. Ни Македонија ни Србија не се конечната дестинација, односно крајната дестинација. Мигрантите и пред сè бегалците, кои во најголем дел се од Сирија и Ирак, односно регионите зафатени од војна, бегаат од ужасите на војната и нивна цел е да се стационираат во западноевропските земји и членки на ЕУ, кои се поразвиени и кои можат да им обезбедат подобри услови за живот, така што нивната крајна дестинација најчесто е Германија и во одреден дел скандинавските земји. Србија ги направи сите напори на мигрантите и бегалците да им ја пружи сета помош за време на нивниот транзит на територијата на Србија. Во таа смислам многу сме горди што им овозможивме крајно хуман и достоинствен третман на бегалците и луѓето кои се наоѓаат во неволја. Тоа сигурно се должи во голема мера на тоа што и сами искусивме што значи бегалска криза, која за жал уште не е решена и Србија и натаму се грижи за 44 илјади бегалци од поранешна Југославија, односно Република Српска и БиХ, како и преку 200 илјади внатрешно раселени лица од Косово и Метохија. Владата навистина ги прави сите напори да им помогне на бегалците и во таа смисла Владата формираше и работна група која на дневна основа се бави со мерките во склад со развојот на ситуацијата на терен која постојано се менува. Владата издвои и пари од буџетот. Сето тоа нормално не е доволно, бидејќи со ваква криза со која ние се соочуваме, и Србија и Македонија, тоа бара голем заеднички напор на сите европски држави и не само од нив, туку оваа криза повеќе не е само регионална, ниту балканска или европска, туку е од глобален карактер. ЕУ најави одредена помош за Србија, вклучително и останатите држави кои веќе дадоа големи донации како Норвешка, Германија и Швајцарија, меѓутоа тоа сè не е доволно.
Постои ли опасност мигрантите да останат заробени во регионот, особено во Македонија и Србија, поради ограничувањето на нивното движење?
Она што е сигурно дека мерките кои ги преземаа и Унгарија и Хрватска секако нема да го спречат приливот на бегалци и мигранти, бидејќи тие ќе го бараат патот до нивните крајни дестинации онаму каде ќе можат да го најдат. Сигурно треба да се очекува дека подолго ќе се задржуваат на територијата на Република Србија. Досега тие навистина само транзитираат и онолку време колку што им беше потребно за регистрација толку време поминуваа. Нашите капацитети воглавно беа задоволувачки. Меѓутоа ние не очекуваме дека тие трајно ќе се задржуваат во Србија, бидејќи, како што напоменав, нивната крајна дестинација не е Србија, туку нивната крајна дестинација и нивна желба е да одат во развиените земји од Западна Европа, тука е Австрија и пред сè Германија и скандинавските држави.
Во октомври двете земји ги очекува извештајот за напредокот кој го оствариле за влез во ЕУ. Падна ли во втор план евроинтегративниот процес на Западен Балкан или напротив, поради мигрантската криза, тој треба да се забрза?
Ние работиме интензивно, без разлика на сè на развојот кој не е директно врзан, но на секој начин влијае на нашиот евроинтегративен процес. Мигрантската криза секако има влијание во однос на човековите права и владеење на правото и на поглавјето 24 и интензивно работиме и доста направивме досега. Скрининг процесот веќе е воглавно завршен и очекуваме и имаме позитивно навестување дека до крајот на годината ќе отвориме барем едно од поглавјата. Ќе видиме кое поглавје ќе биде, но тука секако на отварањето на поглавјето многу влијае и развојот на преговорите меѓу Белград и Приштина за нормализација на животот во Косово и Метохија и каде направивме многу со бриселскиот договор, регулиравме многу работи и тој се применува од наша страна многу одговорно и во склад со она што е договорено. Така што и тоа е еден од елементите што секако ќе влијае на тоа да кажеме дека веќе постои една позитивна атмосфера и еден нов квалитет. Дали ќе успееме да ги отвориме преговорите? Јас лично верувам дека ќе успееме, бидејќи мислам дека заслужуваме оти направивме многу, иако сме свесни дека многу и останува, но тоа е работа на која интензивно се работи и огромен тим е вклучен во тој процес на дневна основа така да очекувам позитивен исход.
Србија е блиску до отпочнување на преговори за членство во ЕУ, за разлика од Македонија која се соочува со политичка криза. Колку земјава дополнително се одалечува од Унијата?
Нема сомнеж оти политичката криза во Македонија има влијание врз евроинтегративниот процес со самото тоа што се пренасочува фокусот и приоритетите. Меѓутоа јас верувам дека договорот од Пржино и спогодбата која е потпишана од четирите најголеми политички партии во Република Македонија и кој веќе почна во некои клучни сегменти да се остварува согласно роковите и како тие цврсто се поставени дека Македонија ќе излезе од кризата и дека навистина ќе отвори нов интензивен циклус на активности во склоп на евроинтеграциите. Каков ќе биде извештајот, тешко е да се каже и тоа подобро го знаат македонските надлежни органи. Сигурно е дека Македонија сака и секој човек, посебно во Македонија, бидејќи ориентацијата на земјата е кон членството во ЕУ и НАТО. Проблемите и препреките ни се познати и доста долго траат. Но, извесно е што поуспешно се оствари договорот од Пржино и елементите во него кои всушност го отвараат процесот на понатамошните реформи во различни области, односно интензивирање на процесот на реформи, очекувам тоа секако да влијае позитивно и Македонија во догледно време да ги отвори преговорите со ЕУ. Веќе долго е кандидат и шеста, седма година по ред има и препорака за почеток на преговорите, така што верувам дека и тоа ќе се случи. Што се однесува до Србија, ние секако очекуваме сите држави од Балкан доволно да напредуваат да можеме да ја оствариме својата цел, која е стратешка на сите држави кои не се членки на ЕУ и во тој контекст постои една позитивна подготвеност и да се соработува и да се направи многу повеќе на меѓусебно поврзување, вклучително и инфраструктурно поврзување, што во изминатите години и период не беше изразено. Тоа сигурно е еден позитивен знак да сме премостиле некои работи. Но, на секој му се случува нешто што ќе го одврати вниманието, па и ова бегалско-мигрантска криза покажа и некои слабости во самата ЕУ. Така што, и ние кои сме само кандидати и се стремиме за ЕУ сме во ситуација понекогаш да направиме многу повеќе отколку самите членки на ЕУ. Но, ќе видиме како ќе се одвиваат понатаму работите.
СПЦ во мај најави формирање на комисија за разговори за отворени прашања со МПЦ. Од тогаш не е остварен никаков напредок во спорот меѓу двете цркви. Која е причината, бидејќи беше остварен и еден од условите на СПЦ, ослободување на Јован Вранишковски?
Точно е дека Синодот на СПЦ донесе одлука и е формирана комисија за преговори со МПЦ, а истовремено е точно дека МПЦ одреди тим за преговори и дека имаше одредени најави оти тие преговори ќе започнат на почетокот на есента, односно во текот на септември. Јас немам никакви сознанија како течат нивните меѓусебни контакти, бидејќи, како што знаете сами, и кај нас и кај вас црквата е одвоена од државата. Значи ние ги пратиме соопштенијата на Синодот или изјавите на поединечни црковни великодостојници. Што се однесува до самата држава Србија и Владата, нашиот официјален став е дека секако го поддржуваме дијалогот и мислиме дека тој дијалог треба што поскоро да почне. Како понатаму ќе се одвива и како двете цркви ќе ги решаваат внатрешно црковните односи за тоа не можеме да влијаеме, ниту, пак, тие во тој смисол ќе се обраќаат или ќе ја консултираат Владата и итн. Тоа е нешто што се одвива според црковните канонски закони и што е специфично за црквата. Она што е исто така специфично за црквите е што имаат поинаков осет за времето за разлика од нас. Така што ќе видиме како тоа ќе се развива. Она што е добро и позитивно и без разлика што тоа е спор меѓу двете цркви и свесни сме дека тој постои на ниво на двете држави и на ниво на Владите соработката меѓу двете држави е многу добра. Политичкиот дијалог е континуиран и на највисоко ниво и соработката во други области како културата и економијата. Се надеваме дека ќе се унапреди и во областа на образованието и науката, бидејќи потпишавме спогодба за соработка за време на заедничката седница на двете Влади, која беше одржана во февруари и која е значаен момент во унапредување на односите. Добро е што тоа прашање не е препрека за развој за севкупните односи меѓу двете држави, а притоа меѓу двата народи традиционално постојат добри односи и врски. Живеевме и ќе живееме и натаму на еден простор, а некогаш живеевме и во заедничка држава. Јазикот ни е близок, се разбираме и без посебни тешкотии. Меѓусебните семејни и други врски се многу развиени. Јас често кажувам еден податок, кој не знам дали е вистина, дека 30 отсто од населението во Македонија на еден или друг начин е поврзано со населението во Србија. Тоа навистина е еден капитал на кој може секако да градиме подобри и поразвиени односи.
Колку има вистина во тврдењата на Владиката Тимотеј дека проблемот веќе не е само црковен, туку е исполитизиран и поврзан со решавање на спорот за името?
Морам да признаам дека мене ме изненади таа изјава. Јас навистина не знам што стои позади тоа. Дали се тоа некои сигнали кои тие ги добиле преку својот меѓуцрковен пат. Прашањето за владиката Јован Вранишковски е прашање кое Синодот на СПЦ јавно го назначи како препрека за обновување на дијалогот меѓу двете цркви. Кога судскиот процес против него е завршен на некој одреден начин и со тоа се отвори простор за продолжување на дијалогот јас очекував особено по формирањето на тимовите за преговори дека тоа и ќе се случи. Но, ова навистина ме изненади и не можам да коментирам, бидејќи не знам што е позадината.
Властите од двете земи постојано изјавуваат дека е потребно зголемување на економската соработка. Во кои области, според вас постои таква можност?
Најпрвин сакам да кажам дека економската соработка е добра и не можеме да биде незадоволни од досегашната трговска размена. Тоа го потврдува и податокот дека во 2014 година имавме околу 830 милиони евра размена што е добро и последица на заемните интереси и традиционалните врски кои постојат од порано. Меѓутоа свесни сме и тоа беше кажано и на заедничката седница на Владите дека постои и големо и широко поле на сè уште неискористени можности и на тој план се обидуваме сега и едната и другата држава да ги лоцираме и да ја унапредиме соработката токму во тие области. За жал фокусот на сите нас помалку ни се менува во друг правец и се добива впечатокот дека економијата малку заостанува. Добро е што постојат сериозните инфраструктурни проекти и еден од нив е веќе во фаза на завршување. Тоа е коридорот 10 каде на останатиот пат од северот на Македонија спрема внатрешноста на Србија интензивно се работи и во план ни е тоа да се заврши до крајот на наредната година. Колку што гледам и на вашата делница во Демир Капија која навистина е тешка и комплицирана за изградба интензивно се работи, бидејќи веќе се направени тунелите низ клисурата, што е најтешко за изведување кога правите автопат. Тоа е направено и се работи, иако по километража е мала делница, но е многу комплицирана и потребни се големи средства. Но, и едната и другата држава имаат обезбедено средства од сопствени ресурси и меѓународни кредити и убедена сум дека и вашата делница ќе биде завршена најдоцна до 2017 година. Тој коридор е важен, бидејќи со него доаѓа и развој на општините околу него со кои може да се обезбеди и соработка на други полиња како унапредување на земјоделството, туризмот и други гранки на економијата што се во корист и на двете држави. Освен тоа постои меѓурегионална соработка и интерес да се унапреди и коридорот 8. Постои и интерес за поврзување на енергетски план и за вмрежување на регионално, а не само на билатерално ниво со кое се обезбедуваат поголеми можности и финансиски средства за поголеми развојни проекти и во Македонија и Србија и другите земји од регионот.