Достапни линкови

Затворените граници – штети и за македонските извозници


Македонски камионџии се заглавени на хрватско-српската граница. Тие го блокирале преминот „Батровци/Бајаково“ незадоволни од неколкудневното чекање на границата, поради што стоката што ја превезуваат веќе почнала да се расипува.

Македонските извозници и превозници, ни криви ни должни трпат штети од затворањето на границите во Европа под притисок на мигрантската криза. Марија Мустрик од Групацијата на транспортни услуги и шпедиција во Сојузот на стопански комори на Македонија вели дека на хрватско-српската граница има заглавено и македонски камиони.

Се снаоѓаат со пренасочување кон алтернативните соседни граници, каде што и покрај подолгите колони се поминува. Сепак, тоа се дополнителни километри за возење и дополнителни дозволи за транспорт кои ќе паднат на товар на компаниите. Со секој изминат ден штетите се зголемуваат.
Марија Мустрик, Групација на транспортни услуги и шпедиција во Сојузот на стопански комори на Македонија.

„Последните информации се дека се снаоѓаат со пренасочување кон алтернативните соседни граници, каде што и покрај подолгите колони се поминува. Сепак, тоа се дополнителни километри за возење и дополнителни дозволи за транспорт кои ќе паднат на товар на компаниите. Токму затоа, од голем интерес е што поскоро решавање на овој проблем и враќање на состојбите во нормала, бидејќи со секој изминат ден штетите се зголемуваат“, вели таа.

Билјана Муратовска од Асоцијацијата на превозници Макам-транс вели дека секое забавување на превозот на стоките значи губење пари. Најголеми губитници се превозниците од земји надвор од ЕУ, вели таа.

Она што може да го извршиме за еден ден го вршиме за два дена, она што може да го направиме за три дена, го вршиме за пет дена со што стануваме многу неефикасни во вршењето на транспортни услуги. Поготово сега ова запирање на портите на ЕУ ќе им нанесе најголем удар на превозниците од Македонија, а исто така директно и на извозниците.
Билјана Муратовска, Макам-транс.

„Она што може да го извршиме за еден ден го вршиме за два дена, она што може да го направиме за три дена, го вршиме за пет дена со што стануваме многу неефикасни во вршењето на транспортни услуги. Поготово сега ова запирање на портите на ЕУ ќе им нанесе најголем удар на превозниците од Република Македонија, а исто така директно и на извозниците на свежа стока, а јас се плашам и на оние што извезуваат животинска стока којашто е во смрзната состојба“, вели таа.

Во изминатите денови и недели, под напливот на бранот мигранти од Блискиот Исток и од Африка, европските, но и земјите од регионот ги затвораат границите и ги зајакнуваат граничните контроли. Во моментов актуелна е „војната со затворањето на границите“ меѓу Србија и Хрватска. Хрватска ги затвори границите кон Србија, откако поради ѕидот изграден од Унгарија, мигрантите од Србија почнаа да си го бараат патот до западноевропските земји преку Хрватска. На граничните премини се создадоа километарски колони заглавени камиони. Србија одговори со забрана за премин на границата на хрватски камиони и камиони што превезуваат хрватска стока, по што Хрватска почна да пропушта други возила, но забрани влез на српски возила и српски граѓани на нејзина територија. Претходно Словенија ја затвораше границата кон Хрватска, а Австрија и Германија ги зајакнуваат контролите на сообраќајот во пограничните региони.

Три камиони со македонски регистарски таблички, што превезуваат лесно расиплива стока, изутрината го блокирале преминот „Батровци/Бајаково“ на српско-хрватската граница. Камионџиите изјавиле дека се решиле на ваквиот потег незадоволни од неколкудневното чекање на границата, поради што стоката што ја превезуваат веќе почнала да се расипува. Тие се заканиле и дека расипаната стока ќе ја истоварат на самиот пат.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG