Прави ли Македонија доволно за да им помогне на мигрантите?

Молитва за Курбан Бајрам во кампот во Гевгелија.

Дел од граѓаните сметаат дека државата не прави доволно за да им помогне на мигрантите, но други, пак, посочуваат дека тие ништо и не бараат од земјава освен што сакаат да поминат.

Војната во Сирија која трае веќе четири години со појавата на мигрантите во земјава го привлече вниманието на македонските граѓани. На утринските програми на радио станиците може да слушнете нешто повеќе за развојот на настаните во Сирија, додека во весниците и информативните телевизиски блокови постојано се објавуваат последните податоци за тоа колку бегалци поминале дента низ земјава.

Треба да ги згрижи луѓето, да им обезбеди храна, престој, да ги пренесе преку српска граница.
анкетиран граѓанин.

Дел од граѓаните што ги анкетиравме за нашиот редовен блок Хајд Парк велат дека сè повеќе се интересираат и читаат за мигрантската криза, но сметаат дека државата не направила доволно за да им го олесни нивниот транзит низ земјава.

„Треба да ги згрижи луѓето, да им обезбеди храна, престој, да ги пренесе преку српска граница.“

„Треба државата повеќе да им помогне, тие бегаат од војна.“

Граѓаните додаваат дека за мигрантите многу повеќе направија невладините хуманитарни организации отколку самите државни институции.

„Дефинитивно државата ништо конкретно не направи, ја отвори границата, ја затвори и пак ја отвори границата, додека има луѓе кои се ангажираа од невладините организации, граѓани индивидуалци коишто помагаа сето тоа да помине полесно“, вели еден граѓанин.

Како Македонија се справува со мигрантската криза? Погледнете ја анкетата и коментирајте овде.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Хајд Парк: Како Македонија се справува со мигрантската криза?

Од друга страна, пак, некои сметаат дека досега направеното е доволно затоа што мигрантите само минуваат низ земјава и не се задржуваат.

Македонија ова го дочека неспремна, народот го дочека сето ова неспремен, се појавија доста елементи на злоупотреба на нивната позиција, на нивната судбина.
Ѓорѓи Тоновски, социолог.

„Ние сме хуман народ и го правите тоа што треба да го правиме.“

„Доволно добро се справи државата, иако треба да се проверат сите тие што влегуваат, не се знае што влегува, што излегува, а што останува“, велат анкетираните.

Дебатата за тоа колку е сторено за миграните, дали треба повеќе или помалку, за стравот од терористи прикриени како бегалци, од нехуманиот однос на граѓани кои им продаваа вода за 10 евра или велосипеди за 150 евра до хуманитарната помош што несебично секојдневно им ја нудат граѓански активисти продолжува на социјалните мрежи.

Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека она што изненадува во оваа криза која ни се наметна е дека Македонија падна на историскиот испит и дел од граѓаните покажа многу нехуман однос кон нив.

„Македонија ова го дочека неспремна, народот го дочека сето ова неспремен, се појавија доста елементи на злоупотреба на нивната позиција, на нивната судбина“, вели тој.

Од друга страна, пак, граѓанските активисти покажаа поголема и подобра организираност од институциите, вели Тоновски.

„Активноста на граѓанските активисти беше сепак недоволна за да може да се надомести она што требаше да се покаже од организираното општество“, вели Тоновски.