Реставриран бедемот на Долни Сарај во Охрид

Властите очекуваат реставрираниот бедем на Долни Сарај во Охрид да биде нова туристичка атракција.

Реставрираниот бедем на Долни Сарај во Охрид ќе биде новата атракција која ќе привлекува туристи во градот. Одејќи кон населбата Канео, неизбежен дел од амбиентот се и овие ѕидини кои потсетуваат на времето на Отоманската империја. Овој значаен локалитет имал функција на летен сарај на султанот, додека бедемите околу него датираат од постар период, вели еден постар охриѓанец.

Се работи за целосна конзервација на ѕидните платна на бедемот на Долни Сарај. Имаше многу оштетувања на бедемот и спречивме опасност, бидејќи доста туристи се движат по патеката.
Елизабета Канческа Милевска, министерка за култура.

„За разлика од Горни Сарај, ова е Долниот Сарај на Џеладин бег и граден кон крајот на 18 и почеток на 19 век. Некаде 1801 година се завршени овие ѕидови“, рече еден постар жител на Охрид.

Сарајот денес е отворена сцена на која се одржуваат голем број на манифестации.

Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска рече дека со конзервацијата, целиот простор добил автентичен изглед.

Ќе се почне и со изградба на потпорен ѕид кој ќе го изведуваме позади куќата на Робевци, бидејќи во 2008 година се случи несреќа и се сруши дел тој потпорен ѕид.
Тања Паскали Бунташеска, директорка на Охридскиот музеј.

„Се работи за целосна конзервација на ѕидните платна на бедемот на Долни Сарај. Имаше многу оштетувања на бедемот и спречивме опасност, бидејќи доста туристи се движат по патеката“, рече Канческа Милевска.

Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека заштитата на културно-историските споменици ќе влијае врз туризмот во Охрид.

„Културното наследство на Охрид е вистинската основа за развој на туризмот во иднина. Тоа е најмногу атрактивно за гостите и туристите кои доаѓаат во Охрид. Наш најголем адут, а тоа е и новата стратегија на општината, е презентација на богатото културно историско наследство на Охрид“, рече Бакрачески.

Директорката на Охридскиот музеј, Тања Паскали Бунташеска, вели дека се работи и на други значајни проекти во Охрид, како што е реставрацијата и конзервацијата на куќата каде е сместено Радио Охрид и куќата на Димзови.

„Ќе се почне и со изградба на потпорен ѕид кој ќе го изведуваме позади куќата на Робевци, бидејќи во 2008 година се случи несреќа и се сруши дел тој потпорен ѕид. Мора да го заштитиме тој простор, музејскиот комплекс Робевци, како и куќите кои се наоѓаат над дворното место“, рече Паскали Бунташеска.