Професоре Фрчкоски, беше усвоен Законот за специјално јавно обвинителство, именувана е Катица Јанева за специјален обвинител. Какви се вашите очекувања сега?
Добро е што сето тоа така заврши. Законот е подобар од тој што претходно го предлагала опозицијата, што исто така е одлучно. Овие 2-3 дена по внатрешни избори, практично странците, односно Американците, ја имале главната улога, што зборува за тоа дека целиот тој процес ќе го мониторираат и ќе го буткаат така како што треба. Бев од почеток малку ангажиран околу самата идеја околу јавен обвинител, што мислев дека е важна и добро е што се најдовме тука заедно со нашите стратешки партнери околу таа идеја. Најважно е тие да бидат вклучени во давањето на поддршка и во извлекувањето на целиот процес со обвинувања, нормално потребна е лична храброст на актерката, во овој случај на обвинителката тоа да го изведе и тука ѝ посакувам само среќа и поддршка. Значи, очекувањата се оптимистички во таа смисла, тоа е голема победа во основа, не е тоа некаква расправа меѓу две страни, па странците нешто пресекле, тоа е всушност судир со власта чија стратегија е целосна опструкција на процесот и тоа секогаш било така, тоа не биле две различни мислења кои се спротивставувале, не, тоа е опструкција од власта по секоја линија, по секоја точка и пораст на таа опструкција. Така треба да се гледа на ова и во таа смисла тоа е секако позитивно за демократските сили и демократската атмосфера и очекувања понатака. Можни се опструкции од така наречени независни експерти под контрола на Владата, да се покрене уставен спор, дали е уставно или неуставно, тоа што го зборувал шефот на ДБК кој се појавил таму, на таа расправа. Тоа сега може да биде индиректно притисок или ставање сенка врз работата на обвинителот, дека тоа е практично неуставна и неговите, нејзините обвинувања да висат следните три месеци, тоа е можно, но мислам дека притисокот на странците е најголема гаранција тоа да не биде успешно, односно таквата опструкција која сега ќе продолжи на друг начин, верувам дека ќе продолжи, нема резултат во опструкција на процесот на смена, практично на рушење на ова диктатура.
Очекувате ли опструкции во соработката на обвинителката со другите органи со кои треба да соработува за да ги истражува делата?
Па не мислам, бидејќи Министерството за внатрешни ќе биде во рацете на опозицијата, а кај главните истражители кои ќе ѝ бидат потребни нема да има проблем да ги најде од МВР, својот тим сама ќе го состави, така што во таа смисла сите други проблеми ќе бидат буткани од оваа голема поддршка од странците. Тоа е важно и мислам дека тука нема да има таков тип на ситни опструкции и блокади кои можат да изродат со блокада. Сега зависи од тоа како ќе ги процесира случаите. Кога ќе ја растурите таа голема агенда на случаи, има некои од прислушуваните материјали во чија содржина има директно битие на сторени кривични дела, на вас не ви треба ништо повеќе отколку автентификација на говорот, таму има, кај премиерот, кај некој министри, има директно сторуваат кривични дела веќе во разговорот, го прават, како што е рушењето на Космос, како отворање на изборни криминали, крадење на кеси, па, директно се договараат и тука нема многу, тие можат да се процесираат до ноември. Потоа фалсификувањето на лични карти, исто, да ги фалсификуваат личните карти и да ги носат стотина ваму ни требаат, стотина таму, тоа е отворен фалсификат и тука по командна одговорност се знае кој ги прави, тоа е по командна одговорност одговорен. Во таа смисла имате полесни дела за кои веднаш може да се процесираат, за релативно кратко може да се процесираат. Имате дела за кои ќе биде потребно време. Самиот гест на незаконско, масовно прислушување е комплексен, за него ќе треба малку повеќе време, тие можеби ќе поминат и после изборите, но кај овие може да има кривични пријави и обвиненија на крајот на оваа година, ако добро се сработи, тие имаат и некој рок кој е доволен, од 18 месеци за тоа, меѓутоа може за 3-4 месеци да излезе со обвинувања и тоа сега ќе ја создаде климата предизборието, објективно сакале-не сакале, тоа се луѓе кои ќе бидат обвинети за тешки кривични дела, злоупотреба на кривичната положба, за дела како што се фалсификати кај изборите дури и злосторничко здружување и крадење на изборите, така што тука може да се очекува сериозна промена на целата политичка ситуација. Сега не можам да влегувам во шпекулација дали обвинителката ќе бара притвор за тие лица, дали ќе им биде симнат имунитетот и ќе им биде одземена воопшто можноста да учествуваат на избори, тоа се работи кои зависат и од парламентот и од процесијата таму, но секако дека таквата слика можеме да ја очекуваме и нема зошто да не ја очекуваме на крајот на оваа година.
Ова што се случуваше околу специјалниот јавен обвинител, досега беше најтешката точка за преговарање на работната група што работи на договорот од Пржино. Остануваат уште зголемените ингеренции на ДИК, новите министри, повлекувањето на премиерот Груевски од функцијата, сето тоа е предвидено со рокови. Каде очекувате повторно да запне и да биде проблематична реализацијата на договореното?
Најголем проблем ќе биде комплексот на изборни закони и чистење на избирачкиот список во кои МВР треба да има значајна улога, не само ДИК. Значи кај изборното законодавство има една култна политичка одлука да се донесе, а тоа е изборниот модел, всушност Македонија како една изборна единица и пропорционалниот изборен модел, тука ќе се прекршат копјата, тие имаат политички изборни последици. Во основа јас мислам и се надевам дека големото мнозинство на едната страна е за Македонија како една изборна единица, а владејачката партија за мнозинскиот систем. Што е последицата? Со мнозински систем тие добиваат гратис 15-17 мандати, добиваат поклон и стануваат групна парламентарна групација, независно какви се резултатите, ако се први или втори на листата, а од друга страна со една изборна единица големите партии губат, се смалуваат по опсег, помали парти влегуваат во парламентот. По некакви процени по Донтовиот модел по 3, по 4 места губи првата, 2-3 места втората или 3-4 места втората, повеќе дури, се добива на покомплексна слика и коалициите во иднина би можело да бидат составени онака како што јас мислам дека во овој момент е подобро за целата перспектива на Македонија, покомплексно. Второто прашање е избирачкиот список, тие мора да го прочистат на еден значаен начин, Македонија има речиси исто толку гласачи колку што има жители, значи тие мора да го симнат списокот за 400.000 – 500.000, а не е тоа 20, 30, 50 илјади. Според мене, треба да има некаде во просек, расправавме со Хрватите, тие имаат 2 милиони и 300-400 илјади гласачи од 6-7 милиони луѓе. Ние треба да имаме отприлика милион гласачи, можеби и нешто под тоа, а ние сега имаме 1 милион и 800 илјади гласачи. Тоа е основа, ако го имате МВР, како што го имаат досега да ги крадат изборите, најчесто со гласање на мртви, фалсификат на лични карти, давање на лични карти на луѓето од Пустец, она сè што го правеа досега, значи сетот, тоа сега тие нема да го имаат. Со тоа што МВР не е во нивни раце и што овие реформи во изборниот закон се прават, така што може да се очекуваат дека 150 илјади гласа, при сегашните односи на сили, власта нема да може да ги украде де факто, нема да може да ги има, што значи ќе се создаде објективно друга ситуација. Башка од овој процес политички, како ќе се одвива растот на опозицијата во однос на власта, балансирањето тука, може да се очекува една релативно нормална фер, ако тоа се направи, клима до изборите во април, но тоа е многу важно. Изборниот комплекс, тука ќе се судрат, имаат различни интереси, тука странците исто така треба да ја избуткаат таа линија кон оваа демократска опција, тоа е подемократска опција, а тоа е една изборна единица и во основа пропорционалниот изборен модел и второ чистење на изборниот список, тоа е клучна приказна во вториот дел.
Околу имињата, очекувате ли повторно да има, затоа што имињата на новите министри треба повторно да бидат назначени со консензус од четирите партии. Очекувате да има вакви проблеми?
Не е со консензус, туку со земање предвид на нивното мислење. Земање предвид на нивното мислење е поблага варијанта, не е консензус, не може да го блокираат, што значи дека МВР ќе биде само избор на социјал-демократите, не може да биде партиско лице, тоа е во ред, тоа е практично министер со целосен мандат. Само во областа на делување на МВР кон изборите и во врска со изборите, тој може да се консултира, односно заменикот има право на вето или барем на земање предвид на неговото мислење, по сè друго функционира како министер со полн капацитет. Во МВР ќе има друг проблем поради жестоката партизација на некои сектори на МВР и уште сега се групираат и се спремаат како да го бојкотираат новиот министер, дури да чекаат да бидат исфрлени па да го чекаат април да ги врати повторно сега владејачката партија. Тука е погрешна калкулацијата, меѓутоа може да се очекуваат судири, посебно во делот на алфите кои се целосно партизирани на највулгарен начин, на некои други сегменти на оперативната полиција, тука мора да има новиот министер и неговата група храброст да расчисти најголем дел од партиските кадри, да наименува нови во првите денови и да воспостави структура на спроведување на неговите одлуки без опструкција. Може да биде тешко тоа, но тоа мора да го направи. Во овој момент постојат три големи булдожера за суштинска промена на ситуацијата, едно е специјалниот обвинител и неговото влијание со резултатот на неговите истраги, второ е Министерството за внатрешни работи што ќе биде искорнато од злоупотребата, пред сè изборна, застрашувачка и во таа смисла манипулативна за и околу изборите, од власта и трето е државната телевизија за која ништо не се зборува, значи државната телевизија е третиот столб кој треба да направи некаков баланс во медиумите, некаков фер, некаква правда во медиумите, така што таму расправаат, за тоа како ќе се структурира државната телевизија е многу важна во овој дел и би ја назначил како исклучително стратешки важна, во расправите еднакво важна како расправата за изборниот модел.
Професоре, во врска со спорот за разликите околу името. Деновиве се навршија дваесет години од времената спогодба, решение сè уште нема. Во меѓувреме, во светло на политичката криза во Скопје дојде грчкиот министер Коѕијас, се зборуваше за некаков меморандум за соработка, за градење на доверба. Можно ли е во заднина на двете кризи во двете земји, и во Македонија и во Грција, меѓународната заедница да турка решение за спорот?
Не верувам дека тоа ќе се случи, тоа е комплекс кој носи политички последици за партиите. Пред избори во април, такво некое големо решение кое во основа треба да го донесе владејачката партија не знам дали е возможно, иако, како што слушаме од тајните снимки, таа прифатила и промена на името и тој пакет го прифатила и сега проблемот е што Грција не сака со нив да седне и воопшто да разговара за пакетот кој нашиве го прифатиле. Но, не мислам дека тоа ќе се случува пред изборите, бидејќи има последици на рејтингот за изборите, можеби да се подготви еден процес на преговарање, пак тоа мора да биде договорено, мора да има консензус да не се злоупотребува тој процес за да може тој пакет официјално новата констелација на власта после изборите да го изнесе. Но, возможен е во смисла ако СИРИЗА биде на власт во Грција, мислам дека нивниот дипломатски, политички дел ќе биде поспремен да седне да преговара на меѓународен план, повторно со меѓународно посредништво околу некакво пакет решение, отколку што тоа ќе биде конзервативната десница во Грција која отворено одбива да преговара со Груевски, бидејќи тој за нив е најдобро решение и со него Грците секогаш добиваат позитивни поени.