Во исчекување на специјалниот обвинител

Изјава за медиумите на Питер Ванхаут во Скопје.

Сите работи поврзани со специјалниот обвинител, од закони до конкретно име се отворени на разговорите, но ниту едно не е конечно договорено.

Иако рокот за избор на специјален обвинител истекува утре, извори вклучени во преговорите на работната група велат дека се уште не се знае ништо, односно дали ќе биде договорен законот и дали ќе биде избрано конкретно име во последниве часови. Вчера во разговорите интензивно беа вклучени и амбасадорите на Соединетите Американски Држави и на Европската унија Џес Бејли и Аиво Орав, но тоа не доведе сериозен напредок. Засега, велат истите извори, сите работи поврзани со специјалниот обвинител, од закони до конкретно име се отворени на разговорите, но ниту едно не е конечно договорено.

Претпоставувам дека ќе се остави уште извесен краток термин, краток рок да се најде некое решение меѓу договорните страни. Ако не се најде решение веќе се најавува од претставниците на Европската унија дека тие ќе го решат случајот, односно ќе предложат специјален јавен обвинител.
Темелко Ристески, универзитетски професор.

Ако се пречекори рокот предвиден со договорот од Пржино за избор на обвинителот кој треба да ги истражува аферите „Пуч“ и „Прислушување“, аналитичарите велат дека тоа ќе значи сериозно прекршување и непочитување на договорот. Според професор Темелко Ристески не смее да се дозволи договорот да се прекрши, бидејќи тоа би покажало висок степен на несериозност кај политичките актери.

„Претпоставувам дека ќе се остави уште извесен краток термин, краток рок да се најде некое решение меѓу договорните страни. Ако не се најде решение веќе се најавува од претставниците на Европската унија дека тие ќе го решат случајот, односно ќе предложат специјален јавен обвинител“ вели Ристески.

Мислам дека пречекорување на рокот е многу лош сигнал и очекувам странскиот фактор да има свој или да наметне свој предлог ако немаме усогласување на ставовите на четворицата лидери.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

И според професорот Мерсел Биљали странците ќе интервенираат позасилено, но тој смета дека тоа ќе се случи во следниве часови, а не по истекот на рокот.

„Мислам дека пречекорување на рокот е многу лош сигнал и очекувам странскиот фактор да има свој или да наметне свој предлог ако немаме усогласување на ставовите на четворицата лидери што е и очекувано, така што јас мислам дека најверојатно во текот на денот или најдоцна утре да имаме конкретен предлог од меѓународната заедница што според сите параметри е по опортуно да биде странец од колку од тука“, вели Биљали.

Инаку сите вклучени во преговорите не сакаат јавно да коментираат ништо, но белгискиот експерт Питер Ванхауте кој од почетокот ги води преговорите на работната група в петокот држејќи листови во раката порача дека дадениот збор е збор посочувајќи дека една голема партија не го почитувала договореното. Тој додаде и дека била подготвена предлог верзија за измена на Законот за избор на специјалниот обвинител која тој ја претставил пред работните групи. Ако партиите не се договорат деновиве позасилен притисок се очекува да изврши еврокомесарот Јоханес Хан кој во Скопје доаѓа в петок. Неговата агенда пак ќе зависи од тоа што ќе сработат македонските политичари. Како што беше најавено од Брисел, ако не е договорен специјалниот обвинител, наместо повторно отворање на Пристапниот дијалог на високо ниво природата на каква било посета на комесарот ќе била доста поинаква.