Достапни линкови

Груевски и Заев - Специјален обвинител ќе има


Договорот за избор на специјален јавен обвинител треба да се реализира онака како што е договорен, вели Груевски. Според него тој обвинител треба да биде автономен и не смее да биде на никаков начин попречуван во неговата работа. Специјалниот обвинител овие денови ќе се договори, да немате сомнеж, бегање од тоа нема, колку и да е болно за политичките противници, вели Заев. ​​

Придобивките од независноста, стремежот кон ЕУ и НАТО, договорот од Пржино, претстојните избори, беа дел од темите на кои се осврнаа премиерот Никола Груевски и претседателот на СДСМ Зоран Заев во нивните празничните говори по повод 8 септември Денот на независноста на Македонија.

Реформите кои ги договоривме мораме да ги завршиме на време и квалитетно. Државата со нив треба да се придвижи напред и да воведе повисоки стандарди во различни области.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

Груевски - Договорот од Пржино мора да се спроведе

Договорот од 2-ри јуни, како и протоколот од 15-ти јули мора целосно и дословно да се спроведат и да завршат со парламентарни избори на 24-ти април 2016 година, после кои никој нема да може да има алиби и да не ги признава изборите, е пораката што ја упати премиерот Никола Груевски денеска во обраќањето на Свечената академија по повод одбележувањето на Денот на независноста на Република Македонија.

„Реформите кои ги договоривме мораме да ги завршиме на време и квалитетно. Државата со нив треба да се придвижи напред и да воведе повисоки стандарди во различни области“, истакна премиерот.

Договорот за избор на специјален јавен обвинител, потенцира Груевски, треба да се реализира онака како што е договорен.

„Тој обвинител треба да биде автономен и да има доволен број стручни и технички соработници, истражители и целокупната потребна логистика од човечки ресурски, средства за покривање на трошоците и техничка логистика, во смисла, на канцеларии, возила, и слично. Тој не смее да биде на никаков начин попречуван во неговата работа, ниту пак под внатрешни или надворешни влијанија. Треба чесно да си ја изработи својата работа и да донесе непристрасни одлуки“, рече Груевски.

А верувајте, при барем силен исчекор на 50 до 70 проценти од сите обврски, ќе ја видите леснотијата со којашто Груевски ќе биде поразен. Ќе биде поразен од нас, од граѓаните, ќе биде поразен од сите родољуби, од сите луѓе коишто си ја сакаат Македонија!
Зоран Заев, СДСМ.

Груевски во празничниот говор се осврна и на легализацијата на марихуаната. Според него тоа не треба да се прифати, оти ќе има лоши долгорочни последици. Што се однесува пак за легализирањето на употреба на марихуана за медицински цели тој рече дека треба да биде опсежно проучено и јавно дебатирано од стручни луѓе. Груевски зборуваше и за справувањето со мигрантите, Рамковниот договор, екстерното тестирање, полагањето математика, за образовните Пленуми, кои според него се политички мотивирани, за средбите со граѓаните, повеќедетните семејства...

Тој вели дека од прогласувањето на независноста главниот предизвик е како подобро да се уреди животот и функционирањето на државата во рамките на демократските принципи, и, како што вели, како побрзо во секој поглед да се достигнат стандардите на ЕУ и НАТО кон кои се стреми земјата.

Заев - Продолжува борбата за враќање на демократијата

Лидерот на СДСМ Зоран Заев пак на празничното обраќање во месноста Три круши во Кисела вода пред своите поддржувачи рече дека продолжува борбата и битката за враќање на слободата, демократијата, правдата и европските вредности во земјата. Тој вели дека претстојниот период е од исклучително драгоцено значење за земјата и се надева дека со она што е договорено во Пржино повторно земјата ќе се врати во нормала. До изборите вели Заев треба да има преодната влада, оставка на Груевски околу Нова година, промени кон независна МРТВ, чекори кон независно судство, ново изборно законодавство....

„Специјалниот обвинител овие денови ќе се договори, да немате сомнеж, бегање од тоа нема, колку и да е болно за политичките противници, ќе има Македонија специјален обвинител, којшто ќе отвори предистражна и истражна постапка за сите криминали коишто се направени сиве овие години наназад од власта. А верувајте, при барем силен исчекор на 50 до 70 проценти од сите обврски, ќе ја видите леснотијата со којашто Груевски ќе биде поразен. Ќе биде поразен од нас, од граѓаните, ќе биде поразен од сите родољуби, од сите луѓе коишто си ја сакаат Македонија! “, рече Заев.

А за да се постигне тоа, вели Заев, треба трпение и мудрост.

Во духот на трпението, на мудроста, чекор по чекор, да нема жртви, да нема лоши последици, во тој дух треба да продолжиме ја водиме сите заедно борбата. Како? Со зборот. Со зборување. Зборувајте за тоа што го чувствувате. Зборувајте за тоа што се случува во институциите. Зборувајте за тоа што и се случува на нашата Македонија! Но, зборувајте и за надежта којашто следува после 24-ти април! Тоа е начинот на којшто ќе и помогнеме и на опозицијата што ја предводи битката, но пред сè и над сè на нашата Македонија!“, рече Заев.

Тој вели дека што е можно побрзо државата треба да ја видиме членка на Европската Унија и членка на НАТО! Само во тој правец е нашата иднина и друга алтернатива за нашата земја нема!, вели Заев.

Претходно делегација на СДСМ положи цвеќе на гробот на првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров и на споменикот на паднатите херои за Македонија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG