Госпоѓа Марковска, десетина поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и вие, упативте отворено писмо до актуелното раководство барајќи да се врати на првичните цели. Дали ќе преземете и други активности во оваа насока или останувате само на писмото?
Во овој момент не се работи за организирана група пратеници кои нешто би постигнале од причина што се работи за група ветерани загрижени за општата актуелна политички состојба за државата, каде се движи Македонија и од причина што во далечната 1990 кога ги удривме темелите на независна Македонија, ние зацртавме Македонија да биде и членка на ЕУ и на НАТО. За жал, тоа досега не се случи.
Велите дека нaместо да се отстрани криминалот и корупцијата, владата шампионски се нурна уште подлабоко во нив. Дали сметате дека оваа влада има капацитет или не сака да се справи со криминалот и корупцијата?
Да нe заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ е многу голема и силна партија во којашто членуваат голем број на луѓе и далеку од тоа дека нема капацитет да се справи со споменатата корупција која што е и по вертикална и по хоризонтална линија. Значи капацитет постои, меѓутоа сметам дека има опструкции и дека имаме едно општо замајување на народот со популистички мерки во коишто таа треба да се скрие.
Од каде доаѓаат тие опструкции?
Тие опструкции доаѓаат од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Посочувате дека државата се наоѓа во една од најтешките политички и институционални кризи досега. Има ли излез од ваквата ситуација?
За мене излез беше веднаш да се распишат вонредни парламентарни избори, со тоа што претходно би се прочистил избирачкиот список, би имале силна контрола и мониторинг од меѓународната заедница и изборите не би ги организирала оваа влада од причина што претходно имавме сериозен политички момент на акцијата „Пуч“, на „бомбите“ итн. За жал, се изгуби драгоцено време и излезот од сегашнава криза го гледам само во избори коишто би биле само фер, регуларни, праведни. Коишто не би биле само легални, туку би биле и достоинствени од аспект на тоа секој граѓанин да гласа по своите убедувања, а на поради одредена принуденост – вработеност во администрацијата, вработен член во администрацијата или, пак, некои други повисоки цели.
Ако толку лошо актуелното раководство ја води државата, зошто тогаш членството молчи?
Видете, актуелното раководство не ја водеше толку лошо државата во почетокот, тоа беше периодот кога ВМРО-ДПМНЕ имаше само 300 илјади избирачко тело. Тој број на гласачи понатаму се зголеми на уште повеќе, 500 илјади, тоа беше во далечната 2006 година, 2008, меѓутоа како што изборите се организираат предвремено, пред сè на претседателските, на парламентарните, на локалните, Македонија секои две години постојано живее од избори до избори, процесот на успесите на владата веќе се ставени на специјални програми на Македонската радио и телевизија, што претставува ужасен напор за сите граѓани, бидејќи имам впечаток дека живееме континуирано во избори, останатите партии не можат да дојдат до израз и токму на тоа се должи неможноста на граѓаните да го кажат својот збор на изборите така како што мислат, да победи партијата којашто би можела најмногу да оствари резултати.
Но, зошто членството молчи?
Членството молчи затоа што таква е и матрицата на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш постоела една хиерархија во смисла на почитување на одлуките на највисокото раководство, меѓутоа имало внатре партиска дебата и за обичното и до она што партијата треба да го изгласа како одредени политики за различни области, се стигнувало со дебати. Сега имам впечаток, бидејќи не сум во органите и телата на партијата, дека тие дебати или ги нема или исклучиво се водат во рамките на највисокото раководство на партијата.
Со критиките одите дури дотаму што ги критикувате оваа власт за уривање на духот на граѓаните што е причина за нивно масовно заминување од земјата. Што подразбирате под „уривање на духот“?
Пред сè мислам на духот на младите луѓе и конечно многу ми е драго што во Македонија заживеа граѓанскиот активизам и покрај тоа што од страна на владејачката партија истиот беше номиниран како некој антипод на политичка партија. Во Македонија досега немаше граѓанско движење, се огласија студентите, се огласија поедини граѓански движења и го охрабрувам тој потег да продолжи и понатаму, бидејќи не сите во Македонија сакаат да бидат членови на политичка партија, меѓутоа сите сакаат нивниот глас и борбата за одредени начела да биде слушната од политичката партија и да биде во одредени политики преточен, така што, духот на младите малку во моментот е поткренат, меѓутоа има едно очајание, еден немир, каде и во каква, дали во стабилна и средена политичка држава ќе живеат и токму заради тоа е масовно иселувањето на младите. Тоа лично мене како мајка, како родител и како граѓанин на оваа држава сериозно ме загрижува.
Нотирате забелешки и за стабилноста на државата. Дали долгорочно граѓаните можат да се чувствуваат безбедно на надворешен и внатрешен план или има реални причини за страв?
Реални причини за страв нема од причина што Македонците и Албанците пред сè, живеат заедно и во лошото и во доброто отсекогаш биле заедно, тука мислам и на останатите етнички заедници, меѓутоа понекогаш се спроведуваат фингирани судири коишто се од политички карактер, а се одразуваат кај етницитетите и тогаш започнуваат одредени судири коишто би можело полошо да завршат. Значи доколку се остави на граѓанството, тоа ќе живее сложно и во мир, а доколку тој судир од страна се импровизира, пред сè тука мислам на политичките партии да биде фингиран, тогаш може да дојде до сериозна политичка криза.
Актуелното раководство го критикувате во повеќе сегменти, па и во делот на непреземањето еколошки мерки за загадувањето на градовите, градењето непотребно панорамско тркало, загадување на реката Вардар. Дали е конечно потребно да се посочат одговорните за ваквите состојби и да се преиспита нивното членство во партијата?
Не е сè толку лошо во градењето на оваа политичка структура,. Максимално ги поздравувам напорите на владата да ја изгради инфраструктурата во Македонија која долги години по ред не беше градена, затоа што тоа градење на инфраструктура подразбира и економски развој, меѓутоа сè она што ние во моментов го градиме е непродуктивна инвестиција за која Македонија се задолжува и за којашто, за жал, нема да плаќаме само ние, туку ќе плаќаат и идните генерации.
Дали требно да се посочат одговорните за ваквите состојби и да се преиспита нивното членство во партијата?
Па реков, партиите се прилично затворени по тие прашања, не станува само збор за ВМРО-ДПМНЕ, имам впечаток дека треба да се направи нов закон за политички партии во кој покрај финансирањето на политичките партии, ќе се одредат и одредени конвенции како и на кој начин ќе се избираат раководните лица, од причина што сега, од овој момент, сите партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, главната и носечка улога ја има лидерот на партијата, бидејќи и најголемата одговорност е негова, вклучително на тоа и на членовите на извршниот одбор. Време е одговорноста во партијата да биде со име и со презиме, а да не биде на целата партија.
И во писмото тоа го нотирате, велите дека би сакале раководството да го зголеми својот демократски капацитет. Дали тоа значи дека отсуствува слободна внатре партиска мисла и со ова кажавте дали директно го посочувате претседателот на партијата?
Со оглед на тоа дека тој е носител на целокупната активност, така како што е статутот на ВМРО-ДПМНЕ, сметам дека во овој момент нормално дека ја сноси лидерот на партијата. Она што би било интересно, бидејќи и ВМРО-ДПМНЕ е демо-христијанска партија, партија којашто почива на принципите на демократијата, меѓутоа и на принципите на религиските норми, сметам дека одамна се нарушени принципите на таквото владеење, дека е потреба промена на статутот во којашто би имала поголема внатре партиска расправа и во којшто би имало поголем демократски капацитет, секој лидер, меѓутоа и членовите околу него.
Зошто вие излеговте од политиката и дали најавувате повторно враќање со цел да ги намалите проблемите во матичната партија?
Со матичната партија веќе подолго време немам контакти, тие се повеќе од формален и официјален карактер, на прослави, на годишнини. Излегов од партија, дел по сопствена волја, од причина што сакав да се определам за мојата професија, бидејќи јас сум специјалист доктор офталмолог, дел и заради тоа што во тој период настана силна смена на генерациите, коишто беа заменети со нови и млади кадри, тоа е потребно, меѓутоа бидејќи промената на кадрите беше во смисла на внесување на кадри на коишто првично занимање, дури и на политиката на високи политички функции, пред сè тука мислам на градоначалници, на пратеници, на директори на јавни претпријатија, па и на министри, беше некаде околу 30-та година, што сметам дека е погрешно, голем дел од нас ветераните останаа на страна. Сметам дека успешниот рецепт за работа на секоја партија е да ја спои младоста со искуството, бидејќи младите носат полет и енергија, меѓутоа зрелоста во политичката работа и искуството што го носат годините не треба да се занемари.
Најавувате ли ваше враќање во политиката и дали е тоа со цел да ги средите проблемите во матичната партија, дали таму се гледате?
Па јас имам политички понуди и би било коректно да ги кажам, сè уште размислувам за мојот понатамошен иден ангажман, сè зависи од тоа како и на кој начин и каде ќе се движи Република Македонија. Нормално како човек којшто има долгогодишно политичко искуство, загрижена сум за Република Македонија и би сакала конечно после 25 години независност таа да ги задржи темелите на европска држава, успешно интегрирана во ЕУ и во НАТО.
Дали планирате да се активирате политички надвор од матичната партија или во рамки на матичната партија?
Сè уште сум во фаза на размислување, меѓутоа би сакала да бидам ангажирана политички. Гледате дека во Македонија од ден на ден имаме нови ситуации, не знаеме во кој правец оди Македонија, дали ќе се изродат нови политички движења, дали тие нови политички движења би биле носители на нова демократска идеја којашто би била заедничка за сите. Лично би сакала да се формира некаков блок, некое движење коешто би било од граѓански карактер и во коешто членувањето не би било по линија на етницитет, туку би било со мешан состав, односно во коешто Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите би биле на едно место и во коешто основна опција би била иднината и евроатланската интеграција на Македонија би била на прво место.
Можете ли да направите споредба со оглед на вашето искуство за демократскиот капацитет на овој парламентарен состав со претходните?
Апсолутно можам да направам. Можам да кажам дека првиот парламентарен состав од 1990 до 1994 кога се удираа темелите на независна држава, кога дури беше и опасно да се стане пратеник, бидејќи ние живееме во рамки на држава која што беше од повеќе народи и народности, во тој период сметам дека демократскиот капацитет на сите тие луѓе, без оглед дали беа лево или десно поцизионирани, беше многу повисок, сите ние денеска сме пријатели, соработуваме, разменувам мислења за одредени политички моменти и секој парламентарен состав од година во година, односно секои четири години е сè полош. Причините за ова ги гледам и во изборниот модел во Република Македонија во која мнозинскиот изборен модел како модел којшто пружа можности за развој на нови млади лидери или лидери на локални средини е оневозможено, туку се оди до пропорционален модел во којшто идејата е граѓанството е да гласа исклучиво за партиите и во кои лидерите ги имаат клучните позиции.
Нотирате повеќе забелешки во писмото. За што најмногу ѝ забележувате на матичната партија?
Поради тоа што после 25 години постоечката партија ВМРО-ДПМНЕ веќе десет години е на власт и бидејќи десет години е сериозен период за било која област, а посебно во областа на политиката, Македонија сè уште не е членка на Европската унија и на НАТО, притоа не зборуваме за проблемите врзани околу разликите за името, односно проблемот со соседна Грција, зборувам за демократскиот капацитет и за средување на сите поглавја по основ на кои ние би почнале преговорите со ЕУ.