Зграда по зграда, жителите на скопски Карпош, се организираат против новите измени на Деталниот урбанистички план. Притисокот врз локалната власт расте. Секоја приквечерина жителите на општината се собираат во дворот на училиштето Петар Поп Арсов каде го изразуваат незадоволството и договараат активности за следниот ден. Преку ден, послободните жители собираат потписи за петиција во зградите, делат информативни флаери со урбанистичките нацрти и ги предупредуваат соседите за плановите на локалната власт за кои, како што велат, не се во нивна корист.
Интересно е тоа што сите овие граѓански иницијативи им се прилично непознати на граѓаните и се гледа од претходното искуство дека не многу општини досега се решиле на такви чекори, но по мене е многу позитивно што полека граѓаните се будат и стануваат свесни за својата одговорност во своите општини.Румена Бужаровска, универзитетски професор.
Ова се само дел од инструментите со кои граѓаните се спротивставуваат на идејата да се направат промени во нивната населба. Предлог измените на Деталниот урбанистички план донесоа низа на реакции на социјалните мрежи каде жители од соседните населби се пожалија за лошите урбанистички решенија во нивните квартови, за исечените дрвја на Водно, за урбаната мафија, за лошите урбанистички решенија во Кисела Вода, за уништените паркови во речиси секоја населба, за контроверзната обиколница која треба да минува низ Трнодол и Жданец и за, како што пишуваат, шурувањето на локалните власти со градежната мафија.
Професорката Румена Бужаровска вели дека има повеќе начини на кои граѓаните можат да пружат отпор за одлуките на локалната власт. Иако законот не предвидува многу можности, сепак граѓаните можат да вршат политички притисок, преку граѓанска иницијатива, граѓански собири и распишување на референдум, кој за жал, со иницијативата „го сакам ГТЦ“ се покажа дека е тешко да се спроведе.
Нивната реакција треба да се почитува до крај, значи да се одмери колку и што е интерес на заедницата, а колку од некаков индивидуален или да го наречеме интерес на некој инвеститор којшто може да припаѓа и на урбаната мафија, тоа е можно. Отпорот кон таквата појава е многу важен и граѓанинот е тој што треба да го даде.Даница Павловска, архитект.
„Интересно е тоа што сите овие граѓански иницијативи им се прилично непознати на граѓаните и се гледа од претходното искуство дека не многу општини досега се решиле на такви чекори, но по мене е многу позитивно што полека граѓаните се будат и стануваат свесни за својата одговорност во своите општини таму каде што живеат и се информираат за начините на отпор“, вели таа.
Архитектот Даница Павловска, која беше дел од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, вели дека граѓаните мора повеќе да бидат вклучени во донесувањето на урбанистичките одлуки, да реагираат секогаш кога има можност за тоа и да грижат за опкружувањето на нивниот имот.
„Нивната реакција треба да се почитува до крај, значи да се одмери колку и што е интерес на заедницата, а колку од некаков индивидуален или да го наречеме интерес на некој инвеститор којшто може да припаѓа и на урбаната мафија, тоа е можно. Отпорот кон таквата појава е многу важен и граѓанинот е тој што треба да го даде“, вели таа.
Павловска додава дека не смеат општинските комисии како досега лежерно да се однесуваат и да не ги земаат предвид мислењата и исказите коишто ги даваат граѓаните во анкетата за урбанистичките планови.
Но, секогаш останува дилемата колку инструментите кои ги имаат граѓаните за отпор кон одлуките на локалните политичари и нивните понекогаш „тајните врски“ со сомнителни инвеститори ќе вродат со плод.
„Сè зависи од степенот на корупција што владее и колку тука има некои лични интереси за кои не сме свесни. Ни останува да се надеваме дека кога ќе се крене поголем глас секој советник којшто е избран од страна на граѓаните ќе се погрижи да делува така како што му наложуваат граѓаните. Меѓутоа не може да кажам колку тоа ќе биде успешно, јас се надевам дека огромниот притисок кој ќе се изврши врз советниците ќе вроди со плод“, вели Бужаровска.