Достапни линкови

Ќе никнат ли згради во парковите во Карпош?


Дел од жителите на Карпош 4, велат „не“ на наводни планови за узурпација на парковите каде што требало да никнат згради и паркинзи. Градоначалникот Јакимовски пак, вели дека тие биле изманипулирани.

Дел од жителите на скопската општина Карпош велат дека не веруваат во тврдењата на градоначалникот Стевчо Јакимовски дека со измените на Деталниот урбанистички план нема да се уништи зеленило за да се градат паркинзи, затоа што, сè што било потребно како паркинзи во изминативе три години биле изградени.

Граѓаните се изманипулирани и тоа се груби лаги и дезинформации дека општината има намера да узурпира зеленило, да прави паркинзи, итн.
Стевчо Јакимовски, градоначалник на Карпош.

Претходно на социјалните мрежи група граѓани се спротивставија на идејата за измена на Деталниот урбанистички план, затоа што според нацртот е предвидено на местото на сегашното зеленило и паркови да бидат изградени нови станбени згради и паркинзи. Според објавените соопштенија на граѓаните со измените во ДУП-от се отвора можност за уништување на неколку паркови, што ќе резултира со уништување на урбанистичкиот концепт на населбата и загрозување на квалитетот на живот.

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, тврди дека тоа се неточни обвинувања и дека граѓаните се изманипулирани.

„Граѓаните се изманипулирани и тоа се груби лаги и дезинформации дека општината има намера да узурпира зеленило, да прави паркинзи, итн.“

Не ја разбирам основата на фиктивен ДУП, која е потребата да се донесе нешто ако не се постапи понатака по основ на тоа.
Жителка на Карпош 4.

Жителите на Карпош 4, пак, ги негираат ваквите тврдења и на социјалните мрежи споделуваат фотографии од скиците и од зеленилата кои според скиците ќе бидат заменети со објекти. Тие велат дека неговото тврдење е убаво, ама во него недостасува битна информација.

„Тој никогаш не спомнува дека нема да гради станбени згради на таа површина“, вели жителка на Карпош 4.

Од граѓанската инцијатива „Заедно за зеленилото во Карпош“, велат дека од Општината бараат да се повлече Деталниот урбанистички план и да се врати во претходна постапка во вид на анкета каде граѓаните ќе можат да дадат свои предлози и идеи. Засега Јакимовски не отстапува, односно вели дека нема да го повлече предлогот за измени на планот, затоа што тој бил дел од редовна законска процедура.

„Законската основа што ја имаме ние да носиме ДУП си е сосема друго прашање. Таму ние имаме и реализирани паркинг места, коишто законот, бидејќи се реализирани паркинг места на главни собирни улици не можеме да ги прикажеме во деталниот урбанистички план и затоа тие паркинг места според ДУП-от ние мораме да ги сместиме на некое друго место, така да ситуацијата на теренот е сосема задоволителна за паркинг места во Карпош 4.“

Изјава на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:26 0:00
Директен линк

Како што посочува градоначалникот, во периодот кога е граден Карпош 4, тогашните урбанистички стандарди барале 0,4 паркинг-места по еден стан. Денес, пак, тој стандард изнесува едно (поконкретно 1,2) паркинг место за станбена површина од 80 квадратни метри.

Дел од жителите на Карпош, пак, прашуваат ако фактичката состојба во општината не се менува, тогаш која е целисходноста на измените.

„Не ја разбирам основата на фиктивен ДУП, која е потребата да се донесе нешто ако не се постапи понатака по основ на тоа“, вели жителка на карпош 4.

Според нацртот во деталниот урбанистички план се внесени услови за изградба на 3 нови деловни објекти, 3 нови станбени објекти, 8 подземни паркинзи и 11 надземни паркинзи.

Контроверзиите кои настанаа околу измените на урбанистичкиот план, во изминатава седмица ги собира жителите на општината секој ден во 18 часот во дворот на училиштето Петар поп Арсов во обид да изнајдат начин за стопирање на процесот околу донесувањето на урбанистичкиот план.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG