Нафтена криза нема да има, но можни се проблеми

Сметките на компанијата Макпетрол се деблокирани, на барање на Обвинителството.. Претходно министерот за економија изјави дека нема да има нафтена криза.

На барање на обвинителството кое утврдило дека постои таква потреба денеска се деблокирани сметките на компанијата „Макпетрол“. Енергетската стабилност и обврските кон добавувачите се дел од причините поради обвинителството решило да ја уважи жалбата на компанијата. Најавено е дека ќе ги следат одблиску „Макпетрол“ и „Оилко“, но засега може непречено да се продолжи со работа.

Претходно Министерот за економија Беким Незири рече дека не сака да врши притисок врз судската власт, но апелира до судовите кога носат одлуки сериозно да размислат и да направат анализа какви последици би имале тие врз стопанството доколку блокадата продолжи. Тој истакна дека сите лиценцирани компании кои увезуваат нафта и нафтени деривати немаат проблем во набавката на потребните енергенси. Но, „Макпетрол“ е најголем дистрибутер поради широката дистрибутивна мрежа.

Пораката што сакам да ја пренесам е дека во Македонија нема да има криза во снабдувањето со гас и нафта, но ќе има реални проблеми ако продолжи блокадата на Макпетрол.
Беким Незири, министер за економија.

„Пораката што сакам да ја пренесам е дека во Македонија нема да има криза во снабдувањето со гас и нафта, но ќе има реални проблеми ако продолжи блокадата на Макпетрол“, изјави Незири по состанокот со сите компании со лиценца за трговија со нафта и трговија со гас.

Тој кажа дека ќе има проблеми во десетина општини каде нема бензински пумпи на Макпетрол и тие граѓани ќе треба да патуваат 20 до 30 километри. Според министерот, државата прави напори да се изнајдат решенија како индустријата да нема проблеми како резултат на неработење на Макпетрол и се работи да се изнајде решение да функционираат аеродромите во Скопје и во Охрид. Во врска со снабдувањето на аеродромите со керозин, Макпетрол има резерви за пет дена, а како алтернатива се размислува горивото да се точи директно од цистерна како во Приштина.

Некој треба да го замени Макпетрол во снабдувањето со мазут на РЕК Битола или снабдувањето на аеродромот. Државата треба да ги направи тие проценки пред да ги затвори сметките на Макпетрол.
Атанаско Тунески, универзитетски професор.

„За пет дена ние како министерство и владата треба да се изнајде решение како да се реши работата понатаму. Дали ќе биде со мобилни цистерни или со асистенција на некои од аеродромите во близина на соседните држави, значи има неколку опции кои треба да се разгледаат. Но, ова не значи дека за пет дена судовите нема да донесат некое друго решение“, рече Незири.

И на бензинските пумпи Макпетрол има резерви за наредните пет денови. Незири додаде дека сите лиценцирани компании кои увезуваат нафта и нафтени деривати немаат проблем во набавката на потребните енергенси. Но, „Макпетрол“ е најголем дистрибутер поради широката дистрибутивна мрежа.

Макпетрол го покрива пазарот со нафтени деривати со 60 проценти, а пазарот на гас со 36 проценти. Компаниите кои работат најавиле дека ќе разговараат со нивните централи во регионот за да се супституира количината гас што ја набавува „Макпетрол“.

Макпетрол на „Окта“ дневно ѝ плаќал од 900.000 евра до еден милион евра за набавка на нафтени деривати. „Окта“ ги има потребните количини за снабдување на македонскиот пазар, но проблем е која, или кои компании заедно, ќе обезбедат на дневна основа олкава сума на пари, рече министерот за економија Беким Незири.

Експертите истакнуваат дека ако продолжи блокадата на Макпетрол ќе има логистички проблеми и велат дека државата пред да ја донела одлуката за блокада требало да има готови решенија со цел граѓаните и индустријата да не ги трпат последиците.

„Некој треба да го замени Макпетрол во снабдувањето со мазут на РЕК Битола или снабдувањето на аеродромот. Државата треба да ги направи тие проценки пред да ги затвори сметките на Макпетрол“, вели Атанаско Тунески, кој дополнува дека проблеми ќе имаат и граѓаните во Скопје, бидејќи и тие ќе треба да патуваат подалеку за да наполнат бензин и дека тоа ќе создаде и метеж пред бензинските станици.

„Сега цело Козле наместо да полни бензин на пумпата на Макпетрол што е на петстотини метри оддалеченост треба да полни кај Лукоил што е кај Качанички пат. Едноставно патот ќе се блокира. Таму има место десет коли да чекаат“, вели тој.