Коритото на Црна допрва ќе се чисти

Црна Река.

Коритото на Црна е затрупано со вегетација, земја, смет. Жителите стравуваат од нови поплави, а надлежните деновиве ќе чистат дел од речното корито.

Половина година по големите поплави во пелагониско, жителите се жалат дека каналите се затрупани со земја и смет, а не е расчистено и санирано коритото на река Црна, главниот виновник за излевањето на водата по нивите и куќите пролетва.

Како што врне овие години може и дома да ни влезе водата.
Благој Ласковски од село Логоварди.

„Каналите воопшто не се исчистени, ниту некој се обидел да ги исчисти. Ако фати поплава пак ќе биде истото“, вели Мирјана Божиновска од село Логоварди.

Поплавите во Пелагонија во февруари.

„Каналот е полн и се собира водата, имаме мака, од влага паѓаат ѕидовите од куќите. Како што врне овие години може и дома да ни влезе водата“, реагира Благој Ласковски од село Логоварди.

Ова е превентивно чистење, а деталното чистење кое е поголема работа ќе се спроведува понатаму.
Лазар Котевски, градоначалник на Новаци.

Надлежните смируваат дека место за грижа нема, зашто деновиве ќе започнат со превентивно чистење на реката Црна. Акцијата ќе ја води градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски, а ќе бидат вклучени и другите пелагониски општини, Министерството за земјоделство и водостопанските претпријатија. Ќе се чисти 30 километри од речното корито кое повеќе од три децении не беше исчистено, па обраснато е до дрвја, вегетација и има талог од над еден метар.

„Превентивно чистење на реката од вегетација и санирање на насипите кои беа пробиени на 12 места за време на поплавите. Вршиме пресметки и снимање на насипите колку материјали ќе ни бидат потребни за да ги санираме. Ова е превентивно чистење, а деталното чистење кое е поголема работа ќе се спроведува понатаму“, вели Лазар Котевски, градоначалник на Новаци.

Дел до речното корито ќе треба да се исчисти во следните 45 дена, а целото подоцна.

„Понатаму ќе се изработи студија која ќе опфати целокупно регулирање на речното корито од 57 километри низ пет општини“, објаснува Стевче Пивковски, градоначалник на Могила.